Извадок на дел од дневни настани 07.11.2019

 

На 06.11.2019 во 19.45 часот кај манастир ,,Св. Илија’’ во реонот на Граничен премин „Меџитлија“, во близина на граничната линија помеѓу Р.С.Македонија и Р.Грција, од слобода биле лишени П.Р.Е.(44) и Р.Т.Л.М.(33), двајцата од Куба, поради тоа што биле затекнати при обид незаконски да ја преминат државната граница. Тие биле приведени и предадени на полициски службеници од СВР Битола за понатамошна постапка.

 

На 06.11.2019 во 18.10 часот на Граничниот премин „Деве Баир“, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување на исправа“, од слобода бил лишен Ј.А.Л.(22) од Данска. Тој бил предаден на полициски службеници од Полициската станица Крива Паланка за понатамошна постапка.

 

Во текот на 06.11.2019 на подрачјето на СВР Скопје преземени се мерки и активности и констатирано е дека 12 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената. Од сообраќај се исклучени 25 возачи, од кои: 10 возачи затоа што управувале возила под дејство на алкохол, 13 возачи затоа што управувале возила без да се стекнат со право на управување на моторно возило и двајца возачи - почетници кои не ги почитувале сообраќајните прописи согласно ЗБСП. Исто така, исклучени од сообраќај се и 12 возила, од кои едно возило бидејќи било технички неисправно и 11 возила бидејќи биле нерегистрирани. Санкционирани се пет возачи поради поминување на крстосница на црвено светло, двајца возачи поради недавање првенство на минување на пешаци, двајца возачи поради неправилно престројување, шест возачи поради неправилно престигнување, двајца возачи поради недавање на првенство на минување на возила во зона на крстосница, еден возач на мотоцикл поради неносење заштитен шлем, 30 возачи поради неносење сигурносен појас за време на управување на моторно возило и 19 возачи поради користење на мобилен телефон при управување на возило. Во текот на изминатиот ден издадени се 100 мандатни платни налози и 75 возила се подигнати со специјално возило „пајак".

 

На 05.11.2019 околу 09.00 часот на некатегоризиран пат Демир Капија – Петрово село, кај место викано „Светилник“, трактор „торпедо“, без регистарски ознаки, со приколка, управуван од Б.Л.(56) од Неготино, излетал од патот. Притоа, со тешки телесни повреди се здобил сопатникот А.В.(63) од Неготино и бил пренесен во неготинската болница. Увид на местото на настанот извршила екипа од Полициската станица Неготино.          

 

На 06.11.2019 во 17.00 часот во Полициската станица Центар, З.Ј.(44) од Скопје пријавил дека на ул.„Питу Гули“ во Скопје бил каснат од куче скитник во пределот на десната нога.

 

На 06.11.2019 во 12.45 часот во Полициската станица Гази Баба, И.А.(48) од Скопје пријавил дека во населбата Инџиково неговиот малолетен син бил каснат од куче скитник.

 На 07.11.2019 околу 01.00 часот, полициски службеници на Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар, во близина на Неготинска клучка, ги лишиле од слобода И.Ч.(32) од тетовско Долно Палчиште и Ф.Р.(31) од тетовско Боговиње, затоа што при преглед кај нив бил пронајден кокаин. По целосно документирање на случајот, против И.Ч. и Ф.Р. ќе биде изготвен соодветен поднесок.
 

На 07.11.2019 околу 00.10 часот, полициски службеници на Полициска станица Гостивар на ул.„Беличица“ во Гостивар го привеле 27-годишниот гостиварец О.Б., осуден на затворска казна за сторени повеќе кражби на гостиварското подрачје. О.Б. бил задржан во Полициската станица Гостивар и во текот на денот ќе биде спроведен во Казнено-поправната установа „Идризово“ во Скопје.

 

На 06.11.2019 во 17.30 часот во СВР Тетово, И.Р.(33) од Тетово пријавил дека околу 14.30 часот во неговиот дуќан во Градскиот трговски центар во Тетово, по кратка расправија околу имотни прашања, бил нападнат со употреба на остар предмет од неговите роднини С.Ј.(29) и Н.И.(37), исто така, од Тетово. Двајцата пријавени набрзо се обезбедени во Полициската станица Тетово и се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што против нив ќе следуваат поднесоци.

 

На 06.11.2019 во 13.50 часот на бул.„Трета македонска бригада“ во Скопје, полициски службеници биле физички нападнати при вршење на службени дејства од страна на управувано од М.М.(48) и В.М., од Скопје. М.М. бил приведен во Полициската станица Кисела Вода и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 06.11.2019 во 07.40 часот, пoлициски службеници од единица „Алфа“ во Скопје ги лишиле од слобода Ј.Д.(25) од с.Студеничани, скопско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста’’, за сторени сообраќајни прекршоци и сторен царински прекршок и А.К.(46) од с.Батинци, скопско, поради постоење основи на сомнение за сторен царински прекршок, по претходна пријава на К.И.(43). По целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесен соодветен поднесок.

 

На 06.11.2019 во 14.00 часот во СВР Скопје, Ј.П.(37) од Скопје пријавила дека на 05.11.2019 околу 13.16 часот во просторија од Основен Суд Скопје 1, ѝ биле упатени закани и кон неа агресивно се однесувале О.Н. и И.Д.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

Полициската станица Дебар поднесе кривична пријава против Л.Л.(48) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. Пријавениот, подолг временски период преку лажен фејсбук профил упатувал закани кон Д.Л., од дебарското село Броштица.

 

На 06.11.2019 во 19.00 часот во СВР Скопје, Ф.А.(35) од Скопје пријавил дека околу 14.30 часот на бул.„Крсте Мисирков’’ бил физички нападнат од Р.А. и уште две лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 06.11.2019 во 19.00 часот во СВР Скопје, Ш.М.(41) од с.Долно Коњари, скопско, пријавил дека околу 18.00 часот на ул.,,Казанџиска’’ бил физички нападнат од две лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

СВР Охрид поднесе кривична пријава против М.А.(30) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 20.05.2018 на магистралниот пат Охрид - Св.Наум, кај крстосницата за с.Отешево, полицски службеници извршиле преглед на лица и патничко возило, при што кај пријавениот пронашле и одзеле марихуана и мешавина од марихуана и тутун.

 

На 06.11.2019 во 14.00 часот во СВР Скопје, Ј.М.(50) од Скопје пријавил дека околу 12.00 часот во двор од средно училиште во Скопје неговиот малолетен син бил физички нападнат од двајца негови соученици. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 06.11.2019 во 10.40 часот во Полициското одделение Петровец, Д.Б.(67) од с.Биљановце, кумановско, пријавил дека на 05.11.2019 околу 08.00 часот на паркинг на фирма во индустриска зона во с.Ќојлија, по претходна расправија, бил физички нападнат од М.А., вработен во фирмата. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

                                       

Полициска станица Неготино поднесе кривична пријава против С.Р.(44) и Д.Б.(48), двајцата од Демир Капија, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „несовесно работење во службата“ и „злоупотреба на службена положба и овластување“. На 07.02.2019, првопријавениот, како референт во Јавното претпријатие „Национални шуми“ - Демир Капија, издал испратница за количина на огревно дрво помала од фактичката состојба, со што го оштетил буџетот на ЈП „Национални шуми“ и Буџетот на Р.С.Македонија. Второпријавениот, во својство на технички директор во ЈП „Национални шуми“ - ПЕ Демир Капија, усно се договорил со сопственик на железара во Демир Капија да направат компензација, односно вработените во Национални шуми да земат разновидна роба од неговата железара за потребите на ЈП „Национални шуми“, а тие за возврат да му дадат огревно дрво.

 

На 06.11.2019 околу 13.00 часот во СВР Велес било пријавено дека едно лице во објект на „Македонски пошти“ во Велес со закана со од вработените одзеле пари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 06.11.2019 во 13.30 часот на регионалниот пат Демир Капија – Неготино, во близина на клучка с.Тремник, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „хјундаи“, со неготински регистарски ознаки, управувано од Е.К.(40) од с.Тремник, неготинско, и патничко возило „фолксваген голф“, со неготински регистарски ознаки, управувано од М.Н.(51) од Неготино. Притоа, Е.К. починал на местото на настанот, а М.Н. починал на патот кон болница. Основен јавен обвинител и екипа од Полициската станица Неготино извршиле увид на местото на настанот.

 

На 06.11.2019 во 22.40 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Орце Николов“ настанал пожар во контејнер. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 
 

Полициски службеници од СВР Битола на 06.11.2019 извршиле контрола за алкохол, брзина, управување без возачка дозвола, нерегистрирани возила, непочитување првенство. Притоа, констатирано е дека 10 возачи управувале возило без возачка дозвола, седум возила биле нерегистрирани, тројца возачи ја надминале дозволената брзина, еден зборувал на мобилен телефон додека управувал возило, под дејство на алкохол биле седум возачи и тие биле исклучени од сообраќај. За сите неправилности издадени се соодветни налози.