Извадок на дел од дневни настани 06.11.2019

 
На 05.11.2019 во 21.20 часот полициски службеници од СВР Скопје на ул.„Жан Жорес“ го привеле М.Б.(21) од Скопје, затоа што при извршен преглед кај него била пронајдена марихуана. По документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
 
На 05.11.2019 во 18.30 часот полициски службеници од СВР Скопје на ул.„Шарпланинска“ ги лишиле од слобода Р.К.(20) и 17-годишник од Скопје, затоа што при извршен преглед кај била пронајдена марихуана. По документирање на случајот, против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
 
На 05.11.2019 во 21.30 часот полициски службеници од СВР Скопје на кеј „13-ти Ноември“ го привеле Т.Н.(26) од Скопје, затоа што при извршен преглед кај него била пронајдена марихуана. По документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
 
На 05.11.2019 во 11.15 часот кај Железничката станица „Кременица“, Битола, биле лишени од слобода П.Л.А.(29) и Г.Ф.Г.(23), двајцата од Куба, при обид незаконски да ја преминат државната граница. Лицата биле предадени на полициски службеници од СВР Битола за понатамошна постапка.
 
На 05.11.2019 околу 21.45 часот во тетовското село Лешок, полициски службеници на СВР Тетово го привеле И.К.(36) од тетовско Доброште, затоа што при преглед кај него била пронајдена марихуана. По целосното документирање на случајот, против И.К. ќе биде изготвен соодветен поднесок.
 
Во текот на 05.11.2019 на подрачјето на СВР Скопје преземени се мерки и активности и констатирано е дека пет возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената. Од сообраќај се исклучени 20 возачи, од кои: седум возачи затоа што управувале возила под дејство на алкохол, 11 возачи затоа што управувале возила без да се стекнат со право на управување на моторно возило и двајца возачи - почетници кои не ги почитувале сообраќајните прописи согласно ЗБСП. Исто така, исклучени од сообраќај се и 15 возила бидејќи биле нерегистрирани. Санкционирани се три возачи поради поминување на крстосница на црвено светло, четири возачи поради недавање првенство на минување на пешаци, шест возачи поради неправилно престројување, три возачи поради неправилно престигнување, двајца возачи поради недавање на првенство на минување на возила во зона на крстосница, двајца возачи на мотоцикли поради неносење заштитен шлем, три возачи поради неносење сигурносен појас за време на управување на моторно возило и 11 возачи поради користење на мобилен телефон при управување на возило. Во текот на изминатиот ден издадени се 141 мандатен платен налог и 67 возила се подигнати со специјално возило „пајак".
 
На 05.11.2019 во ЦВР Скопје било пријавено дека во 14.55 часот на ул.„Втора македонска бригада“ во Скопје, при нагло запирање на автобус „даф“, со скопски регистарски ознаки, управуван од Ш.К.(45) од Скопје, со повреди се здобиле шест патници и возачот. Со тешки телесни повреди се здобил Џ.Д.(59) од Скопје и бил пренесен во Градската општа болница „Свети Наум Охридски“ за укажување на лекарска помош. Со телесни повреди се здобил возачот и А.И.(60), Т.В.(24), Љ.Б.(21), Е.И.(20) и Ќ.М.(58), сите од Скопје, по што Ќ.М. била пренесена во Градската општа болница „Свети Наум Охридски“, а останатите четири патници биле пренесени во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, за укажување на лекарска помош. Увид на местото извршила екипа од СВР Скопје.
 
На 05.11.2019 во периодот од 10.00 до 15.00 часот на подрачјето на Велес била спроведена акциска контрола за откривање на пешаци кои прават прекршоци во сообраќајот. Притоа, биле регистрирани 11 прекршоци, а сторителите биле упатени на сообраќајна поука.
 
На 05.11.2019 во 03.00 часот во Полициската станица Центар, С.Ц.(21) од Скопје пријавил дека на бул.„Кочо Рацин“ бил каснат од куче скитник во пределот на левата потколеница.
 
Полициски службеници од СВР Битола на 05.11.2019 извршиле контрола за алкохол, брзина, управување без возачка дозвола, нерегистрирани возила, непочитување првенство. Притоа, констатирано е дека осумвозачи управувале возило без возачка дозвола, шест возила биле нерегистрирани, седум возачи зборувале на мобилен телефон додека управувале возило. Под дејство на алкохол биле шест возачи и истите се исклучени од сообраќај. За сите неправилности се издадени соодветни налози.
 
На 05.11.2019 околу 17.20 часот на регионалниот пат Гостивар - Градец, во Дебреше, се случила сообраќајна несреќа во која учествувале патничко моторно возило „фолксфаген голф“, со кумановски регистарски ознаки, управуванo од И.З.(35) од гостиварски Добридол и трактор „имт“ со приколка, што го управувал И.Р.(56) од с.Боговиње, тетовско. Во несреќата, И.Р. се здобил со тешки, а И.З. со телесни повреди и биле пренесени во гостиварската болница „Ферид Мурад“ за укажување на лекарска помош. На местото на несреќата увид извршила екипа од Полициската станица Гостивар.
           
На 05.11.2019 околу 15.42 часот во с.Огњанци, скопско, од слобода биле лишени А.М.(62) од Р.Албанија и малолетник од Скопје, бидејќи при преглед кај нив бил пронајден пиштол „танфољо“, калибар 9 мм, со една рамка и шест куршуми. Тие биле приведени во Полициското одделение Петровец и по целосно расчистување на случајот, против нив ќе биде поднесен соодветен поднесок.
 
На 05.11.2019 во 09.30 часот во Полициската станица Карпош, В.В.(39) од Скопје пријавил дека на ул.„Бледски договор“ бил каснат од куче скитник во пределот на левата потколеница.
    
СВР Куманово поднесе кривична пријава против В.К.(46) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“. Во периодот од 2017 до 08.02.2019, пријавената, во својство на извршител за подрачјето на Основните судови Куманово, Крива Паланка и Кратово, постапила спротивно на пресудата од Основен суд Куманово и паричните средства во износ од 310.000 денари, кои биле резервирани на нејзина сметка, наместо да ги врати на С.В., противправно ги присвоила.
 
На 05.11.2019 во 08.32 часот во СВР Штип било пријавено дека на нива во атар на с.Таринци, општина Карбинци, В.В.(43) од с.Таринци, по собирање на земјоделската култура, го запалил стрништето при што предизвикал пожар. Пожарот бил изгаснат од Територијалната противпожарна единица Штип. По комплетно документирање на случајот, против В.В. ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
 
На 05.11.2019 во 15.46 часот во Полициската станица Чаир, А.Т.(51) од Скопје пријавил дека околу 15.30 часот на ул.„Бутелска“ бил физички нападнат од А.Н. и Д. М. и уште едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  
 
На 05.11.2019 околу 16.50 часот во СВР Скопје било пријавено дека настанал пожар на локалниот пат од клучка Матка кон с.Арнакија, при што горела сува трева. Од страна на екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот бил целосно локализиран. Извршен е увид.
 
На 05.10.2019 во 20.15 часот во СВР Скопје, И.А.(36) од Скопје пријавил дека околу 19.45 часот на бул.„Кузман Јосифовски Питу’’ во Скопје, неговиот малолетен син бил физички нападнат од неколку малолетни лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
 
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против М.Т.(39) од Кичево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „уништување или оштетување на јавни инсталации“. На 24.08.2019, во близина на наплатна рампа Гостивар -Тетово, по претходно ангажирање од страна на ЈП „Државни патишта“, пријавениот, додека управувал багер скинал оптички кабел, при што дошло до прекин на телекомуникацискиот и информатичкиот сообраќај.
 
На 05.11. 2019 околу 07.00 часот во Полициска станица Драчево, од Итна медицинска помош било пријавено дека во домот на ул.„Пат за Китка“ починало машко бебе старо околу 40 дена, од татко И.М.(32) и мајка Р.М.(23), двајцата од Скопје. Од страна на лекар е констатирана смрт, без траги на насилство, а по наредба на Јавен обвинител телото на починатото бебе е предадено на обдукција. Увид извршила екипа од Полициската станица Драчево.
 
 
На 05.11.2019 околу 15.00 часот во СВР Битола било пријавено дека околу 14.30 часот во атарот на с.Новаци, при изведување на работни задачи во трафостаницата 400/110 kW – Битола 2, настанал пожар на прекинувачот, при што била опожарена дел од опремата за работа. Според пријавеното, И.Г., Ѓ.Ј., Б.Ј. и М.К., сите вработени во АД „МЕПСО“, биле на преглед во Клиничка болница Битола, каде им биле констатирани лесни повреди и биле пуштени дома. Извршен е увид од екипа на СВР Битола.  
 
На 05.11.2019 во 18.00 часот во СВР Скопје, Е.Т.(48) од Скопје пријавила дека на 04.11.2019 околу 22.00 часот на бул.„Македонија’’ била касната од куче скитник во пределот на десната потколеница.
 
На 06.11.2019 во СВР Тетово било пријавено дека околу 14 часот на ул.„Гоце Делчев“ во Гостивар, патничко моторно возило „сеат ибица“, со гостиварски регистарски ознаки, управувано од Н.М.(66) од гостиварска Долна Бањица, удрило во пешакот Р.С.(55), од Гостивар. Пешакот бил пренесен во гостиварската болница „Ферид Мурад“ за укажување на лекарска помош, каде му биле констатирани тешки телесни повреди. Увид на местото на несреќата врши екипа од Полициската станица Гостивар.