Извадок на дел од дневни настани 09.07.2019

На 08.07.2019 година во 18.45 часот во близина на село Јажинце, тетовско, полициски службеници ги привеле Д.А.(23) и T.Д.(21), двајцата од Република Албанија, поради илегален влез во РС Македонија. 

 
Во текот на изминатиот ден (08.07.2019г.) на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје преземени се мерки и активности и констатирано е дека 101 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената. Од сообраќај исклучени се 16 возачи од кои: три возачи управувале возило под дејство на алкохол, 12 возачи затоа што управувале возила без да се стекнат со право за управување на моторно возило и еден возач почетник затоа што не ги почитувал законските ограничувања. Исто така, исклучени од сообраќај се и 16 возила кои не биле регистрирани. Санкционирани се четири возачи поради поминување на крстосница на црвено светло, двајца возачи поради недавање првенство на минување на пешаци, четири возачи поради неправилно престројување, еден возач поради недавање првенство на минување на крстосница, девет возачи на мотоцикли поради неносење заштитен шлем, двајца возачи поради неносење сигурносен појас за време на управување на моторно возило и 10 возачи поради користење на мобилен телефон при управување на возило. Во текот на изминатиот ден издадени се 84 мандатни платни налози и 75 возила се подигнати со специјално возило „пајак". Изминатиот ден се случиле осум сообраќајни незгоди во кои едно лице се здобило со тешки телесни повреди и три лица се здобиле со телесни повреди.

 
На 08.07.2019 година во 22.35 часот на регионалниот пат Берово-Делчево, кај база „Гранит“, М.П.(45) од Делчево, управувајќи патничко возило „БМВ“ со бугарски национални ознаки, изгубил контрола над возилото и излетал од патот. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил возачот М.П. и бил пренесен во Медицински центар Штип. Увид на местото извршила екипа од Полициската станица Берово.          

 
На 08.07.2019 година во 19.25 часот на ул.„Маршал Тито“ во Неготино, Б.М.(24) од Неготино, управувајќи мотоцикл „Кавасаки 300“ со бугарски регистарски ознаки, удрил во А.М.(52) од Неготино и С.А.(51) од Неготино. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобиле А.М. и С.А. и биле пренесени во болницата во Кавадарци. Увид на местото на настанот извршила екипа од Полициската станица Неготино.

 
На 08.07.2019 година околу 14.00 часот на бул.„Партизански одреди“ во Скопје се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „Рено клио“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Р.(34) од Скопје и мопед „Баотиан“ со скопски регистарски ознаки, управуван од Ѓ.В.(52) од Скопје. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил Ѓ.В. и бил пренесен во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. Увид извршила екипа од СВР Скопје.

 
На 08.07.2019 година околу 09.10 часот во СВР Велес, Д.Н.(57) од Велес пријавил дека во „Младинскиот парк“ во Велес бил каснат од куче скитник во пределот на нозете. 

 
На 08.07.2019 година во 14.50 часот во Полициската станица Центар, Х.К.(24) од Охрид пријавил дека на ул.„Македонија“ бил каснат од куче скитник во пределот на левата нога.

 
 На 08.07.2019 година во 12.15 часот во Полициската станица Кичево, од Здравствен дом Кичево било пријавено дека бил донесен починат Р.Т.(51) од с.Мамудовци, кичевско. Лекар констатирал смрт како последица од струен удар. Според пријавеното, Р.Т. настрадал при изведување на градежни работи. Увид извршила екипа од Полициската станица Кичево, а по наредба на Јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција.
 

На 08.07.2019  околу 19.45 часот на ул.,,Вељко Влаховиќ“ во Берово Ѓ.Р.(75) од Берово, управувајќи патничко возило ,,Југо Корал 55“ со штипски регистарски ознаки, изгубил контрола над возилото и удрил во столб. Од ударот Ѓ.Р. починал на местото на настанот. Увид извршила екипа од Полициската станица Берово, а по наредба на Јавен обвинител  телото на починатиот било предадено на семејството.

 

На 08.07.2019 година во 21.50 часот на регионален пат Градец-Гостивар, во село Неготино, Б.О.(18) од село Неготино, управувајќи патничко возило „Мерцедес“ со гостиварски регистарски ознаки, изгубил контрола над возилото и удрил во бандера. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил возачот Б.О. и бил пренесен во Медицински центар Гостивар.  Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од Полициската станица Гостивар.

 

На 09.07.2019 година во 00.31 часот на наплатната станица „Градско“ влекач „Сканиа“ со косовски регистарски ознаки со приколка, управуван од засега  непознат возач, откако ја платил патарината, тргнал и со десната страна од  возилото удрил во наплатната кабина, со што предизвикал штета на наплатната кабина. После тоа, возачот не застанал и продолжил со движење кон Велес. Увид на местото извршила екипа од СВР Велес.  Се работи на расчистување на случајот.

 

СВР Куманово поднесе кривична пријава против О.С.(39) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 08.04.2019 година на регионален пат од Куманово кон село Пчиља, кај место викано „Ристово Трло“, полициски службеници извршиле преглед на патничко возило „Форд Мондео“, управувано од пријавениот, пронашле и одзеле марихуана.

 

Полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Битола на 08 јули извршиле контрола за брзина, управување без возачка дозвола, нерегистрирани возила, непочитување првенство. Притоа, биле контролирани 356 возачи од кои 10 возачи управувале возило без возачка дозвола, нерегистрирани биле седум возила, брзината ја надминале 20 возачи, еден возач не користел сигурносен појас и четири други зборувале на мобилен телефон.

 

На 08.07.2019 година во 10.00 часот во Полициската станица Гази Баба, Ј.С.(80) од Скопје пријавил дека на ул.„Јани Лукровски“ бил каснат од куче скитник во пределот на десната нога.

 

На 08.07.2019 година во 16.50 часот во Полициската станица Карпош, А.З.(37) од Скопје пријавил дека на ул.„6“ во с.Бардовци бил каснат од куче скитник во пределот на левата нога.

 

На 08.07.2019 година во 14.52 часот во СВР Скопје било пријавено дека во сопствениот дом на ул.„8-ми Септември“ од екипа на Итна медицинска помош беа видливи траги на насилство била пронајдена почината П.М.(50), која живеела сама и боледувала од повеќе болести. Увид на местото извршила екипа од СВР Скопје, а по наредба на Јавен обвинител телото на починатата било предадено на обдукција .

 

На 08.07.2019 година во 17.00 часот во Полициската станица Центар, М.В.(66) од Скопје пријавил дека од домот се оддалечил неговиот брат М.В.(73), кој боледува од Паркинсонова болест. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето. 

 

На 08.07.2019 година околу 20.25 часот во СВР Скопје било пријавено дека во продавница на ул.„Финска“ две лица извршиле разбојништво и одзеле пари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 08.07.2019 година во 07.23 часот во СВР Скопје било пријавено дека во угостителски објект на ул.„Самоилова“ во Скопје, сопственост на Е.М.Е.(28) од Република Турција, непознати лица предизвикале пожар и одзеле пари. Повредени лица нема. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.   

 

На 07.07.2019 година во ПС Карпош, В.Р.(52) од Скопје пријавила дека таа и нејзиниот партнер С.С. биле малтретирани и присилно држани од лицата А.С., Е.Н. и Е.М. кои им одзеле и пари и накит откако таа не им платила за наводни лекови кои тие и ги набавиле и кои требало да ја подобрат нејзината здравствената состојба. Веднаш по добиената пријава, преземени се мерки и приведени се Е.К: (39) и А.С. (39) и против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.