Извадок на дел од дневни настани 16.06.2019

СВР Скопје поднесе кривичнa пријавa против Д.А.(52) од с.Студеничани, скопско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 13.06.2019 година полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што пронашле и одзеле марихуана и предмети со остатоци од марихуана.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против М.Х.(27) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 23.07.2018 година во село Чегране, гостиварско, полициски службеници извршиле претрес во домот на М.И.(18), при што пронашле и одзеле марихуана која претходно ја набавил од пријавениот. По ова, на 24.07.2018 година во Гостивар, при претрес во домот на пријавениот, била пронајдена и одземена марихуана.

 

На 15.06.2019 годинаво 15.30 часот во Полициската станица Прилеп, И.С.(79) од с.Алинци, прилепско, пријавила дека во дворното место пронашла неексплодирана граната. Полициски службеници излегле на местото, а пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување констатирал дека се работи за минофрлачка граната од 75мм, која потекнува од Првата светска војна. Гранатата била подигната за понатамошна постапка.

 

На 15.06.2019 година во 16.10 часот во хотел во Струмица, врз основа на барање од Интерпол, од слобода бил лишен бугарскиот државјанин Т.Н.И.(63). Лицето било задржано во полициска станица за понатамошна постапка.

 

На 16.06.2019 година околу 01.30 часот на регионалниот пат Кавадарци - Мушов гроб се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „КИА“ со кавадаречки регистарски ознаки, управувано од Б.Н.(27) од Кавадарци и мотоцикл „Сузуки 750“ со кавадаречки регистарски ознаки,  управуван од С.Б.(24) од Кавадарци. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил возачот на мотоциклот, кој по прегледот во болницата во Кавадарци бил препратен во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Додека, сопатникот на мотоциклот Д.А.(20) од Кавадарци се здобил со телесни повреди. Увид на местото извршила екипа од Полициската станица Кавадарци.  

 

На 15.06.2019 година во 22.55 часот на крстосницата од улиците „Војдан Чернодрински“, „Славеј Планина“ и „Кримска“ во Скопје, патничко возило „Фиат Пунто“ со скопски регистарски ознаки, управувано од И.Б.(19) од Скопје, удрило во пешаците А.Ш.(44) и Х.Ш.(18), двајцата од Скопје. Притоа, со тшки тлесни повреди се здобил А.Ш., додека со телесни повреди се здобила Х.Ш.. Со возило на Итна медицинска помош тие биле пренесени во Ургентен Центар при комплекс Клиники „Мајка Тереза“-Скопје, каде им била укажана лекарска помош. Увид на местото извршила екипа од СВР Скопје.

 

На 15.06.2019 година во 23.30 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, Б.Б.(31) од Скопје пријавил дека истиот ден околу 19.30 часот на кејот на реката Вардар во Ѓорче Петров неговиот малолетен син, додека се движел со неговата мајка, бил каснат од куче скитник во пределот на десната потколеница.

 

На 15.06.2019 година во 14.15 часот во Полициската станица Гази Баба, М.П.(79) од Скопје пријавил дека на 14.06.2019 година во 21.00 час на ул. „Јани  Лукровски“ бил каснат од куче скитник во пределот на десната нога.

 

На 15.06.2019 година во 22.55 часот на бул.„Партизански Одреди“ во Скопје, мотоцикл, управуван од непознат возач, удрил во пешакот Л.С.(83) од Скопје, по што го напуштил местото. Од ударот Л.С. се здобила со тешки телесни повреди и била пренесена на лекување во Ургентен центар при комплекс клиники „Мајка Тереза“. Увид на местото извршила екипа од СВР Скопје.                                         

     

На 16.06.2019 година околу 04.00 часот во СВР Охрид било пријавено дека на стрелиште во населбата „Бејбунар“ во Охрид избувнал пожар кој ја зафатил просторијата за гаѓање како и дел од две други помошни простории. Пожарот е изгаснат од Територијалната противпожарна единица Охрид.

 

На 15.06.2019 година околу 03.50 часот на автопатот Гевгелија-Скопје, во близина на клучка „Прдејци“, полициски службеници забележале патничко возило „БМВ X5“ со скопски регистарски ознаки, кое не застанало на знак за запирање. Полициските службеници со службено возило го стигнале наведеното возило и во него биле пронајдени 10 мигранти од Пакистан кои биле пренесени во полициска станица за понатамошна постапка. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 15.06.2019 година околу 22.00 часот во близина трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје полициски службеници го лишиле од слобода А.М.(20) поради сомнение дека претходно на бул.„Крсте Петков Мисирков“ извршил разбојништво над Н.Н.(18) од Скопје и и одзел мобилен телефон.

 

На 16.06.2019 година во 00.30 часот во Полициската станица Кочани, 30-годишна жена од Кочани пријавила дека во периодот од 01.05.2019 до 14.06.2019 година Б.Ш.(44) од Кочани во неколку наврати ја принудил да имаат сексуални односи. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

 

На 15.06.2019 година околу 03.00 часот во Полициското одделение Петровец било пријавено дека пред ноќен клуб во с.Марино, скопско, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу лицата Д.М.(21), М.В.(21) и Д.С.(27), сите од село Марино, од една страна и лицата Б.М.(37) од с.Димонце, кратовско и З.И.(41) од с.Марино, од друга страна. Се работи на расчистување на случајот.

 

На 16.06.2019 година во 01.00 часот во СВР Тетово, Љ.И.(29) од село Доброште пријавил дека во угостителски објект на улица „Д.Г.Кара“ во Тетово физички бил нападнат од едно лице. Се работи на расчистување на случајот.

 

На 16.06.2019 година во 03.10 часот во Полициската станица Пробиштип било пријавено дека во угостителски објект во Пробиштип, Т.А.(41) од Пробиштип физички го нападнал Г.С.(35) од Неготино, кој работел како обезбедување во објектот. Се работи на расчистување на случајот.