Извадок на дел од дневни настани 13.06.2019

Во текот на изминатиот ден (12.06.2019 година) на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје преземени се мерки и активности и констатирано е дека 12 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената. Од сообраќај се исклучени 14 возачи од кои: 13 возачи затоа што управувале возила без да се стекнат со право за управување на моторно возило и еден возач – почетник, кој не ги почитувал законските ограничувања. Исто така, исклучени од сообраќај се и 22 возила бидејќи 17 биле нерегистрирани, четири возила затоа што биле технички неисправни и едно возило поради претовар. Санкционирани се осум возачи поради поминување на крстосница на црвено светло, седум поради недавање првенство на минување на пешаци, еден возач поради неправилно престројување, шест возачи на мотоцикли поради неносење заштитен шлем, четири возачи поради неносење сигурносен појас за време на управување на моторно возило и 11 возачи поради користење на мобилен телефон при управување на возило. Во однос на пешаците, санкциониран е еден пешак поради поминување коловоз на црвено светло. Во текот на изминатиот ден издадени се 80 мандатни платни налози и 49 возила се подигнати со специјално возило „пајак".

 
На 12.06.2019 година во 22.00 часот на булеварот „Борис Трајковски“ во Скопје се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „Фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Ш.С.(21) од с.Батинци, скопско и патничко возило „Пежо“ со скопски регистарски ознаки, управувано од З.Ѓ.(48) од Скопје. Двајцата возачи починале на местото на настанот. Увид извршиле Јавен обвинител и увидна екипа од СВР Скопје. По наредба на Јавен обвинител телата на починатите биле предадени за обдукција.

 
На 12.06.2019 година во 17.00 часот било пријавено дека на железнички премин од пругата Велес-Битола кај поранешната фабрика „Киро Ќучук“ во Велес се случила железничка незгода помеѓу патничко возило „БМВ“ со италијански национални ознаки, управувано од Џ.Е.(48) од с.Долно Јаболчиште и товарен воз, управуван од Д.Н.(53) од с.Лопате, кумановско. Железничкиот сообраќај на релација Велес-Битола бил во прекин од 17.00 до 19.40 часот. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од СВР Велес. 

 
На 12.06.2019 година околу 12.45 часот во СВР Битола било пријавено дека во Клиничката болница во Битола било донесено починато 14-годишно девојче, кое починало околу 10.00 часот во базен на ул.„Довлеџик“. По наредба на Јавен обвинител, телото е дадено на обдукција.

 
На 12.06.2019 година во 20.45 часот во Полициската станица Карпош, Д.С.(49) од Скопје пријавил дека на 11.06.2019 година околу 16.15 часот на улица „Скупи“ бил каснат од куче скитник во пределот на левата нога.

 
На 12.06.2019 година во 15.35 часот на магистралниот пат Радовиш-Штип се случила сообраќајна незгода помеѓу товарно возило „МАН“ со струшки регистарски ознаки, управувано од В.Б.(52) од Радовиш и патничко возило „Фолксваген пасат“ со скопски регистарски ознаки, управувано од И.М.(57) од Скопје. Од здобиените повреди, возачот на патничкото возило И.М. починал на местото на настанот. Увид извршиле Јавен обвинител и увидна екипа од СВР Штип. По наредба на Јавен обвинител телото на починатиот било предадено за обдукција.

                                       
На 12.06.2019 година во 15.15 часот на крстосницата од улиците „Владимир Полежановски“ и „Рајко Жинзифов“ во Скопје се случила сообраќајна незгода помеѓу мотоцикл „Хонда“ со охридски регистарски ознаки, управуван од Д.П.(23) од Охрид и патничко возило „Хјундаи“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Т.(68) од Скопје. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот Д.П. и бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ каде му била укажана лекарска помош. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од СВР Скопје.

 
На 12.06.2019 година во 20.55 часот на улица „Теодосија Паунов“ во Кочани, патничко возило „БМВ“ со бугарски национални ознаки, управувано од М.С.(36) од Кочани, удрило во пешакот Ј.С.(52) од с.Оризари, кочанско. Притоа, со тешки телесни повреди се здобила Ј.С. и била пренесена во Јавнат здравствена установа Кочани. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од Полициската станица Кочани. 

 СВР Охрид поднесе кривична пријава против С.Н.(33) и А.М.(41), двајцата од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. При претрес во стан на булевар „Туристичка“, изнајмен од пријавените, биле пронајдени и одземени повеќе пакувања со хероин, подготвени за натамошна продажба на наркозависници.  


 


СВР Куманово поднесе кривична пријава против Ф.Ј.(59) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“. На 03.03.2019 година на Граничен премин „Табановце“, пријавената, како државен службеник во Агенција за храна и ветеринарство, од товарно возило, сопственост на фирма од Скопје, без претходна идентификација на пратка, зела вреден предмет, кој не подлежи на контрола на Агенцијата за храна и ветеринарство. По реакција од фирмата, пријавената го вратила предметот, за што изготвила записник за земени мостри на храна и производи што доаѓаат во контакт со храна од увоз, кој не бил заведен во евидентните книги на Агенцијата за храна и ветеринарство.
 
 

На 12.06.2019 година во периодот од 08 до 13 часот СВР Штип спроведе засилена акциска контрола на техничка исправност на возила со кои се врши јавен превоз на патници. Притоа, контролирани се 92 автобуси и други возила кои вршат јавен превоз, а 61 биле упатени во Станица за технички преглед. При контролите констатирано е дека четири имаат неисправен уред за запирање, кај две неисправен бил уредот за управување. Санкционирани се и 35 останати прекршоци.
 

На 12.06.2019 година во периодот од 08 до 12.00 часот на подрачјето на СВР Тетово била спроведена акциска контрола за техничка исправност на возилата кои вршат јавен превоз на патници. Со контролата биле опфатени 95 возила (ТЕ-75 и ГВ-20), додека кај 21 возило (ТЕ-14 и ГВ-7) биле утврдени различни неисправности. 12 од контролираните возила имале неисправни сопирачки (ТЕ-9 и ГВ-3 ), две (ГВ) уреди за управување, две истечена регистрација (ТЕ-1 и ГВ-1), три неизвршен технички преглед (ТЕ-2 и ГВ-1 ) и две возила (ТЕ) некомплетна опрема. Вчера, исто така, во Тетово санкционирани биле 29 погрешно паркирани возила, кои се подигнати од специјално возило „пајак“, а откриени се и пет возачи кои управувале беа возачка дозвола и три возачи-почетници, кои не се придржувале на законски предвидените ограничувања.
 

На 12.06.2019 година во 13.20 часот на магистралниот пат Кичево-Гостивар, кај селото Колари, товарно возило „Ивеко“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од К.Т.(44) од Тетово,  излетало од патот. Притоа, со тешки телесни повреди се здобил возачот К.Т., кој бил пренесен во болницата во Кичево. Кај совозачот Д.М.(22) од Скопје биле констатирани телесни повреди. Увид на местото извршила екипа од Полициската станица Кичево.  
На 12.06.2019 година во 09.35 часот на улица „Лески“ во Штип, патничко возило „Фолксваген Голф“ со штипски регистарски ознаки, управувано од Т.П.(68) од Штип, удрило во велосипед што го управувало седумгодишно дете од Штип.  Притоа, детето се здобило со тешки телесни повреди и било пренесено во Клиничката болница Штип каде му била укажана лекарска помош. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР Штип.
 

Полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Битола на 12 јуни извршиле контрола за брзина, управување без возачка дозвола, нерегистрирани возила, непочитување првенство. Притоа, биле контролирани 330 возачи, од кои седум возачи управувале возило без возачка дозвола, нерегистрирани биле шест возила, брзината ја надминале шест возачи.   
 

На 12.06.2019 година во 21.50 часот на крстосницата од улица „Војвода Васил Чакаларов“ и улица „Ангел Динев“ во Скопје се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „Цитроен Ц3“, управувано од О.Ј.(67) од Скопје и мопед „Џианџи-трува“ со скопски регистарски ознаки, управуван од О.К.(50) од Скопје. Во незгодата, О.К. се здобил со тешки телесни повреди и со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ каде му била укажана лекарска помош. Увид извршила екипа од СВР Скопје.
 

На 12.06.2019 во 19 часот на улица „Белградска“ во Велес, патничко возило „Шевролет Спарк“ со велешки регистарски ознаки, управувано од Ј.Д.(54) од Велес, удрило во деветгодишно дете од Велес. Притоа, детето се здобило со тешки телесни повреди и било пренесено во болницата во Велес каде му била укажана лекарска помош. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР Велес.
 

На 12.06.2019  во 17 часот во СВР Куманово било пријавено дека во канцеларија во зградата на поранешен комитет на ул.„Илинденска“ во Куманово С.Ј. (60) физички го нападнал М.П. (61) од Куманово. С.Ј. е приведен и против него ќе биде поднесен соодветен поднесоок.
 

На 12.06.2019 година во 17.15 часот во СВР Охрид, од Итна медицинска помош било пријавено дека во атарот на с.Вапила, охридско, при сеча на шума, на место викано „Бел Камен“, на Н.Х.(32) од Република Албанија, со привремен престој во Охрид, околу 16.30 часот му се слошило, по што починал. Увид извршила екипа од СВР Охрид, а по наредба на Јавен обвинитеч телото на починатиот било предадено за обдукција.
 

На 12.06.2019 година околу 15.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека во маркет на ул.„164“ во Скопје непознато лице со закана извршило разбојништво над вработената, при што одзело пари од дневниот промет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
 

СВР Струмица поднесе кривична пријава против В.Т.(43) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 20.09.2018 година во Струмица полициски службеници извршиле преглед над И.С.(38), при што пронашле и одзеле метамфетамин, кој претходно го набавил од пријавениот.
 

На 12.06.2019 година во 21.30 часот во СВР Скопје, А.Ј. (61) од Скопје пријавил дека истиот ден околу 01.00 часот на ул.„Јован Хаџи Шишков“ во Скопје неколку лица извршиле разбојништво над него, при што му одзеле пари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
 

На 13.06.2019 година во 03.30 часот во СВР Скопје, од комплексот клиники „Мајка Тереза“ било пријавено дека починал Н.А.(78) од Република Грција, кој бил донесен повреден на 08.06.2019 година. Истиот ден во 13.20 часот на регионалниот пат, пред влезот во Нов Дојран, Н.А. со своето патничко возило „Опел Астра“ со грчки регистарски ознаки излетал од коловозот, по што бил пренесен во болницата во Гевгелија.
 

СВР Штип поднесе кривична пријава против Б.Н.(26) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „разбојничка кражба“ и „напад на службено лице при вршење работи на безбедноста“. На 28.03.2019 година во Штип, во куќата на В.Џ., пријавениот влегол и одзел паричник, при што физички го нападнал Д.Џ., кој го затекнал на местото. На 15.05.2019 година во Штип пријавениот физички нападнал полициски службеници кои преземале мерки за негово лишување од слобода.
 

СВР Штип поднесе кривична пријава против И.И.(42) од Македонска Каменица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“. Во текот на март 2019 година на социјалната мрежа „Facebook“, од негов кориснички профил објавил содржина со која го сторил кривичното дело.