Извадок на дел од дневни настани 12.06.2019

 На 11.06.2019 година околу 23.10 часот, на регионалниот пат Дебар – Маврови Анови, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор „Жировница“ ги лишиле од слобода Е.Л.(18) и Е.Ч.(33), двајцата од Република Албанија. При преглед на патничко возило „Мерцедес“ со албански национални ознаки, управувано од Е.Л., бил пронајден и одземен ранец со околу два килограми марихуана. Двајцата биле задржани во Полициската станица Гостивар за натамошна постапка.

 

На 11.06.2019 година околу 16.25 часот на улица „Никола Парапунов“ во Гостивар полициски службеници од Надворешна канцеларија за криминалистички работи Гостивар го лишиле од слобода Џ.А.(37) од село Форино, гостиварско. При преглед кај него бил пронајден и одземен  хероин. По целосното документирање на случајот против Џ.А. ќе биде поднесен соодветен поднесок.  

 

На 11.06.2019 година во 12.00 часот на улица „Маршал Тито“ во Кичево, товарно возило „Фиат Добло“ со скопски регистарски ознаки, управувано од З.П.(55) од Скопје, удрило во пешакот М.Т.(83) од Кичево. М.Т. се здобила со тешки телесни повреди и била пренесена во Медицинскиот центар Кичево, по што била препратена во специјална болница за ортопедија „Св.Еразмо“ во Охрид. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од Полициската станица Кичево.

 

На 11.06.2019 година во 10.25 часот во Полициската станица Центар, Д.К.(47) од Скопје пријавил дека истиот ден околу 08.00 часот на Кеј „13-ти Ноември“ бил каснат од куче скитник во пределот на десната потколеница.

 

На 11.06.2019 година во 17.00 часот во Полициската станица Центар, П.Д.(69) од Скопје пријавил дека на Плоштад „Македонија“ бил каснат од куче скитник во пределот на левата потколеница.

 

На 11.06.2019 година во 14.20 часот во с.Ваксинце, општина Липково,  на место викано „Хоџа чешма“, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „Мерцедес“ со германски национални ознаки, управувано од Н.С.(76) од Германија и патничко возило „Фолксваген голф“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од Ј.Х.(27) од с.Ваксинце. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил Н.С. и бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, а на Ј.Х. му била укажана лекарска помош во Медицинскиот центар Куманово. Во незгодата со телесни повреди се здобил и сопатникот во возилото „Мерцедес“, К.К.(66) од с.Ваксинце. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Куманово.

 

На 11.06.2019 година во 20.15 часот на улица „Радишанска“ во Скопје, патничко возило „Мерцедес“ со гостиварски регистарски ознаки, управувано од К.О.(23) од Скопје, удрило во пешакот В.Д.(74) од Скопје. В.Д. се здобил со тешки телесни повреди и бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ каде му била укажана лекарска помош. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје.

 

Во текот на изминатиот ден (11.06.2019 година) на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје преземени се мерки и активности и констатирано е дека 28 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената. Од сообраќај се исклучени 27 возачи од кои: 24 возачи затоа што управувале возила без да се стекнат со право за управување на моторно возило и тројца возачи затоа што биле возачи-почетници. Исто така, исклучени од сообраќај се и 17 возила бидејќи биле нерегистрирани. Санкционирани се девет возачи поради поминување на крстосница на црвено светло, двајца поради недавање првенство на минување на пешаци, еден возач поради неправилно престројување, шест возачи на мотоцикли поради неносење заштитен шлем, шест возачи поради неносење сигурносен појас за време на управување на моторно возило и осум возачи поради користење на мобилен телефон при управување на возило. Во однос на пешаците санкционирани се двајца пешаци поради поминување коловоз вон пешачки премин. Во текот на изминатиот ден издадени се 85 мандатни платни налози и 50 возила се подигнати со специјално возило „пајак". 

 

СВР Велес поднесе кривична пријава против Љ.П.(54) во Велес, Р.Х.(55) од село Бузалково, Р.А.(30) од Велес, Д.П.(44) од Велес, С.П.(35) од Велес, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“. Во текот на јули 2018 година во атар на село Сулаклари, велешко, второ и третопријавениот, како шумочувари во Шумско стопанство „Бабуна“ – Велес, пронашле бесправно исечени огревни дрва. По ова, првопријавената, како раководител на Шумско стопанство „Бабуна“ - Велес, спротивно на Законот за шуми, не го известила државниот инспектор за шумарство и ловство за пронајдената дрвна маса, а четврто и петтопријавениот, како магационери во Шумско стопанство „Бабуна“ - Велес, му издале испратници на трето лице за превоз на дел од пронајдената дрвна маса, додека второ и третопијавениот со пропуштање на должен надзор го овозможиле тоа. Исто така, пријавените му го вратиле претходно одземениот трактор на Д.П., кој на 10.07.2018 година на наведената локација, од страна на вработени во Шумска полиција Велес, бил затекнат како врши утовар од наведената бесправно исечена дрвана маса, без соодветна документација.

 

СВР Велес поднесе кривична пријава против Љ.О.(20), Т.Ј.(28) и Ѕ.М.(22), сите од Велес, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 28.09.2018 година во Велес полициски службеници извршиле преглед над пријавените, при што кај првопријавениот пронашле и одзеле марихуана, кај второпријавениот пронашле и одзеле марихуана и хашиш, додека кај третопријавената понашле и одзеле амфетамин и екстази.

 

Во вчерашните (11.06.2019) сообраќајно-контролни активности во Тетово откриени се 19 возачи - почетници кои не се придржувале на законските ограничувања предвидени за оваа категорија учесници во сообраќајот. Исто така, откриени се и 23 возачи кои ја пречекориле дозволената брзина во и надвор од населено место. При контролите биле откриени и три возачи кои ги управувале возилата без возачка дозвола.

 

Полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Битола на 11 јуни извршиле контрола за брзина, управување без возачка дозвола, нерегистрирани возила, непочитување првенство. Притоа, биле контролирани 211 возачи, од кои седум возачи управувале возило без возачка дозвола, нерегистрирани биле пет возила, брзината ја надминале 12 возачи.  

 

На 11.06.2019 година во 19.15 часот во Полициската станица Аеродром, Б.Г.(53) од Скопје пријавила дека на булевар „Јане Сандански“ била касната од куче скитник во пределот на левата нога.

 

На 11.06.2019 година во 18.00 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, М.М.(38) од с.Волково, скопско, пријавил дека во с.Ново Село, општина Ѓорче Петров, неговиот 12 годишен син бил каснат од куче скитник во пределот на левата рака.

 

СВР Куманово поднесе кривична пријава против Љ.И.(47) од село Лојане, општина Липково, полициски службеник во Полициската станица за Граничен премин „Табановце“, поради постоење основи на сомнение за сторено продолжено кривично дело „фалсификување исправа“. На точно неутврден датум пријавениот извршил фалсификување на диплома за завршено средно образование, издадена од средно училиште „25 Мај“ од Прешево, Република Србија. После тоа, на почетокот на 2003 година ваквата диплома ја приложил во Министерството за одбрана при склучување на договор за вработување како професионален војник. Исто така, кон средината на 2005 година, ваквата диплома била употребена и при склучувањето на спогодба за преземање на работник во Министерството за внатрешни работи, со што пријавениот засновал работен однос како полициски службеник. На 07.07.2005 година Основното јавно обвинителство Куманово поднело обвинителен акт против пријавениот поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“, а во врска со употребата на наведената лажна диплома при засновање на работен однос. По ова, на 19.03.2007 година Основниот суд Куманово донел пресуда со која го осудил пријавениот како виновен, за што не го известил Министерството за внатрешни работи.

 

На 11.06.2019 година околу 16.10 часот во Полициската станица Струга, В.С.(33), кој живее и работи во Германија, пријавил дека околу 15.30 часот на регионалниот пат Дебар-Струга, кај крстосницата за село Ложани, додека управувал патничко возило „Фолксваген Пасат“ со германски национални ознаки, бил пресретнат од друго патничко возило „Фолксваген Пасат“, кое го управувало непознато лице. Според пријавеното, лицето излегло од возилото и на В.С. му упатило закани со нож поради недоразбирање во сообраќајот, по што заминало од местото. Се преземаат мерки за расчистување на настанот. 

 

На 11.06.2019 година околу 11.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Тодор Чангов“ Д.К.(18) од Скопје го нарушувал јвниот ред и мир. Полициски службеник излегол на местото и го затекнал Д.К., кој избегал кон својот дом на ул.„Гаврил Константиновиќ“. Полицискиот службеник тргнал по него и во дворот од куќата бил физички нападнат од Д.К.. По преземени мерки, Д.К. бил лишен од слобода и по целосно расчистување на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава. 

 

На 11.06.2019 година во 03.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека дека во с.Копаница, скопско, 17 – годишено момче од с.Кондово било физички нападнат од лицето Н.Ш. и уште едно лице. Се работи на расчистување на случајот.

 

НК за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против Н.Д.(45) од село Октиси поради постоење основи на сомнение за сторенокривично дело„тешка телесна повреда“. На 27.05.2019 на локален пат за с.Долна Белица пријавениот физички го нападнал Е.Ц.(44) од село Октиси, при што му нанел тешка телесна повреда во пределот на раката.

На 11.06.2019 година во 19.50 часот во СВР Скопје, 48-годишен маж од Скопје пријавил дека добил порака од непознат телефонски број дека неговиот 14-годишен син бил грабнат. Веднаш се преземени соодветни мерки и момчето е најдено кај друг малолетник. Малолетникот е приведен во полициска станица. Известен е јавен обвинител и се работи на расчистување на случајот.