Извадок на дел од дневни настани 11.06.2019

 

На 11.06.2019 година во 03.40 часот на обиколницата Скопје, во правец од Тетово кон Велес, во близина на клучка Радишани, патничко возило „Опел Астра“ со скопски регистарски ознаки, управувано од М.А.(40) од Скопје, изгубило контрола и се превртело. Притоа, возачот починал на местото, додека едниот сопатник Б.Н.(42) се здобил со телесни повреди и со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Градската општа болница „8-ми Септември“ за укажување на лекарска помош, а другиот сопатник А.С.(29) се здобил со тешки телесни повреди и бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ каде му била укажана лекарска помош. Извршен бил увид од екипа од СВР Скопје.

 

На 10.06.2019 година во 16.15 часот на автопатот „Мајка Тереза“, во атарот на с.Буковиќ, се случила сообраќајна незгода во која учествувале патничко возило „Фиат Сеиченто“ со скопски регистарски ознаки, управувано од А.Д.(43) од с.Трубарево, скопско, патничко возило „Фолксваген Голф“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од А.С.(26) од с.Ново Село, тетовско и товарно возило „Пежо Бипер“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Ј.Д.(44) од Скопје. Во незгодата, тројцата возачи, како и сопатничката во товарното возило „Пежо Бипер“, Е.Р.(36) од Скопје, се здобиле со повреди. Ј.Д. и А.Д. се здобиле со тешки телесни повреди и со возило на Итна медицинска помош биле пренесени во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, додека А.С. и Е.Р. се здобиле со телесни повреди и биле пренесени во Градската општа болница „8-ми Септември“. Увид извршила екипа од СВР Скопје.

           

На 10.06.2019 година во 17.30 часот во СВР Скопје, од Комплексот клиники „Мајка Тереза“ било пријавено дека кај нив било донесено лицето Б.М.(58) од Скопје со тешки телесни повреди здобиени во сообраќајна незгода која се случила на улицата „Сава Ковачевиќ“. Б.М. бил удрен од патничко возило „Пежо 406“ со бугарски национални ознаки, сопственост на А.А.(56) од Скопје. Увид извршила екипа од СВР Скопје.

 

На 11.06.2019 година во Скопје на булеварот „Кузман Јосифоски Питу“, при легитимирање и преглед на лицето К.К.(34) од Република Србија, биле пронајдени предмети кои потекнуваат од кривично дело кражба. Лицето било приведено во Полициската станица Аеродром за понатамошна постапка.

 

На 10.06.2019 година во 14.25 часот во СВР Скопје, од Бригадата за противпожарна заштита Скопје било пријавено дека на улица „Народни Херои“, во стан сопственост на МС.(58) избувнал пожар. Од пожарот биле зафатени уште два стана и тие биле целосно опожарени, а оштетени биле повеќе станови од чад и вода при гаснењето. Пожарот бил изгаснат во 17.25 часот од Бригадата за противпожарна заштита. Со возило на Итна медицинска помош во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ биле пренесени шест лица - станари на зградата поради вдишување на чад. Исто така, во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ биле пренесени и тројца пожарникари поради вдишување на чад. Увид ќе се врши во текот на денот.

 

На 10.06.2019 година во 20,00 часот во Полициската станица Центар, С.Ј.(57) од Скопје пријавил дека истиот ден околу 18.30 часот на Кеј „13-ти Номеври“ бил каснат од куче скитник во пределот на левата нога.

 

 Во текот на изминатиот ден (10.06.2019 година) на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје преземени се мерки и активности и констатирано е дека 23 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената. Од сообраќај се исклучени 21 возач од кои: 20 возачи затоа што управувале возила без да се стекнат со право за управување на моторно возило и еден возач затоа што бил возач-почетник. Исто така, исклучени од сообраќај се и 13 возила бидејќи биле нерегистрирани. Санкционирани се шест возачи поради поминување на крстосница на црвено светло, шест поради недавање првенство на минување на пешаци, еден возач поради неправилно престројување, еден поради неправилно престигнување, тројца возачи на мотоцикли поради неносење заштитен шлем, 15 возачи поради неносење сигурносен појас за време на управување на моторно возило и 26 возачи поради користење на мобилен телефон при управување на возило. Во текот на изминатиот ден издадени се 73 мандатни платни налози и 47 возила се подигнати со специјално возило „пајак". Изминатиот ден се случиле 12 сообраќајни незгоди во кои три лица се здобиле со тешки телесни повреди, а 10 лица поминале со телесни повреди.

 

СВР Охрид поднесе кривична пријава против В.Ш.(27) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. На 25.12.2018 година, при претрес во неговиот дом, бил пронајден и одземен амфетамин.

 

На 10.06.2019 година околу 17.00 часот на булеварот „Александар Македонски“ полициски службеници го лишиле од слобода и привеле во Полициската станица Гази Баба, Н.Ќ.(36) од Скопје поради сомнение за одземање патничко возило и предизвикување сообраќајна незгода. Истиот ден околу 16.35 минути во полициска станица, С.Н.(46) од Скопје пријавил дека на улица „Даме Груев“ непознат сторител одзел возило „Ауди А6“, сопственост на фирма од Скопје, кое тој го оставил со клучот внатре и со вклучен мотор. Набргу потоа, возилото било забележано во близина на кејот на реката Вардар. Но, и покрај наредбата да застане, Н.Ќ. продолжил и со возилото турнал двајца полициски службеници и побегнал. Додека, третиот полициски службеник со службено возило „БМВ“ тргнал по него и успеал да го престигне. Притоа, на булеварот „Александар Македонски“, Н.Ќ. го запрел возилото и почнал да бега трчајќи, но набргу бил фатен и лишен од слобода. Претходно, додека бегал со одземеното возило, Н.Ќ. удрил и оштетил три други возила(„Фолксваген Голф“, „Фиат Пунто“ и „Фолксваген Голф 4“), како и службеното возило „БМВ“. Притоа, со телесни повреди се здобиле возачот на возилото „Голф 4“, Д.М. и сопатникот во истото возило Ј.К., додека полицискиот службеник кој го лишил од слобода Н.Ќ. се здобил со тешки телесни повреди. Тие биле пренесени во болницата „8-ми Септември “, каде им била укажана лекарска помош. По целосно докуменитрање на случајот против Н.Ќ ќе биде поднесена соодветна пријава. 

 

Полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Битола на 10 јуни извршиле контрола за брзина, управување без возачка дозвола, нерегистрирани возила, непочитување првенство. Притоа, контролирани биле 298 возачи, од кои осум возачи управувале возило без возачка дозвола, нерегистрирани биле пет возила, брзината ја надминале осум возачи. 

 

Во текот на вчерашниот ден Секторот за внатрешни работи Тетово спроведе контрола на погрешно паркирани возила во Тетово. Притоа, со специјално возило „пајак“ биле подигнати 17 возила кои биле погрешно паркирани, а на прекршителите изготвени им се законски предвидените поднесоци и тие ќе се соочат со парична глоба која, зависно од тоа каде биле оставени возилата, се движи од 45 до 200 евра во денарска противвредност.

 

На 10.06 .2019 година, Џ.М.(25), советник во Советот на општина Охрид, пријавил дека истиот ден околу 14 часот, додека извршувал работни задачи во oпштина Охрид физички бил нападнат од Н.У. од Охрид-советник во Советот на општина Охрид. Пo целосно документирање на настанот против Н.У. ќе биде поднесенa соодветна пријава.

 

На 10.06.2019 година во 22.55 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, С.С.(20) од с.Кондово, скопско, пријавил дека истиот ден околу 22.30 часот на улица „Македонски Војски“ бил физички нападнат од четири лица. Се работи на расчистување на случајот.

 

На 11.06.2019 година во 04.30 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, Е.Д.(47) од Скопје пријавил дека истиот ден околу 02.30 часот на улица „Ибе Паликуќа“ бил физички нападнат од лицата В.М.(36) и Н.М.(74) од Скопје. Се работи на расчистување на случајот.

 

На 10.06.2019 година во Полициското одделение Сарај, Р.А.(61) од с.Оризари, општина Липково - наставник во основно училиште во с.Слупчане, општина Липково, пријавил дека истиот ден, додека биле на екскурзија со учениците во кругот на СРЦ Сарај, еден ученик на возраст од 14 години од с.Слупчане бил физички нападнат и му била нанесена повреда со остар предмет од едно лице. Се работи на расчистување на случајот.

 

На 11.06.2019 година во 00.30 часот во Полициската станица Чаир, Д.Ј.(42) од Скопје пријавил дека од домот се оддалечил неговиот син Л.Ј.(17). Според пријавеното, Л.Ј. се оддалечил од домот по семејна расправија околу негова љубовна врска. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

 

На 10.06.2019 година околу 12.50 часот во СВР Скопје, од Градска општа болница „Свети Наум Охридски“ било пријавено дека кај нив била донесена Р.Н.(92) од Скопје, при што кај неа биле констатирани повреди. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.