Извадок на дел од дневни настани 03.06.2019

 

На 02.06.2019 во 11,30 часoт на Граничниот премин „Деве Баир“, на влез во Р.С. Македонија, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “фалсификување на исправа“ (зелена карта) бил приведен И.Р.М.(57) од Р.Бугарија, кој управувал патничко моторно возило „Шевролет“ со турски национални ознаки. Лицето е задржано во Полициската станица Крива Паланка за понатамошна постапка.

 
На 02.06.2019 година во 11,45 часoт на Граничниот премин „Деве Баир“, на влез во Р.С. Македонија, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “фалсификување на исправа“ (зелена карта) бил приведен A.O.(40) од Р.Турција кој поседувал бугарска патна исправа и управувал патничко моторно возило „Мазда“ со турски национални ознаки. Лицето е задржано во Полициската станица Крива Паланка за понатамошна постапка.

 
Во текот на изминатите денови (31.05, 01 и 02.06.2019 година) на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје превземени се мерки и активности и констатирано е дека 115 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената. Од сообраќај се исклучени четири возачи што биле возачи-почетници. Исто така, исклучени од сообраќај се и 83 возила бидејќи 43 биле нерегистрирани и 40 возила биле со истечена важност на сообраќајната дозвола. Санкционирани се седум возачи поради поминување на крстосница на црвено светло, 11 возачи поради недавање првенство на минување на пешаци, еден возач поради неправилно престројување, двајца возачи поради неправилно престигнување, еден возач поради недавање првенство на минување на возила во зона на крстосница, девет поради неносење сигурносен појас за време на управување на моторно возило и 19 возачи поради користење на мобилен телефон при управување на возило. Во однос на пешаците санкционирани се тројца пешаци поради поминување коловоз вон пешачки премин. Во текот на изминатите денови издадени се 159 мандатни платни налози и 85 возила се подигнати со специјално возило "пајак".

 
На 02.06.2019 во 11,00 часот било пријавено дека на регионалниот пат Велес-Извор, мотоцикл „Јамаха“, управуван од Д.С.(23) од с.Тремник-неготинско изгубил контрола и излетал надвор од коловозот. Д.С. се здобил со тешки телесни повреди и бил пренесен во Општата болница Велес, каде му била укажана лекарска помош. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР-Велес.

 
На 02.06.2019 во 12,55 часот било пријавено дека на магистралниот пат Охрид-Кичево, кај с.Оровник, се случила сообраќајна незгода помеѓу автобус „Ман“ со охридски регистарски ознаки, управуван од Т.С.(38) од с.Косел-охридско, патничко возило „Фолксваген “ со охридски регистарски ознаки, управувано од Н.Д.(75) од с.Злести-охридско, и патничко моторно возило „Хјундаи санта фе“ со охридски регистарски ознаки, управувано од Д.П.(66) од Битола. Со тешки телесни повреди се здобил Н.Д. кој по укажаната лекарска помош во болницата „Свети Еразмо“ бил препратен во Општата болница Охрид. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа на СВР-Охрид.

 
На 02.06.2019 во 21,20 часот било пријавено дека на патот Могила-Будаково пред с.Радобор патничко возило „Форд галакси“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од С.Џ.(44) од с.Канатларци–прилепско излетало од патот. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобиле: С.Џ.  и сопатниците Е.Џ. (29) од с.Канатларци, М.З.(21) од Р.Турција, М.С.(20) во Р.Турција и А.Д.(22) од Р.Турција. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР Битола.

 
На 02.06.2019 година во 16,20 часот во СВР Скопје од страна на Бригадата за противпожарна заштита било пријавено дека настанал пожар во џамија во с.Рашче-скопско. Според пријавеното опожарен бил горниот дел од минарето. Во 17,15 часот пожарот бил изгаснат од страна на Бригадата за противпожарна заштита. Повредени лица нема и други оштетувања на џамијата нема.

 
На 02.06.2019 година во 14,45 часот во Полициската станица Центар И.Ј.(32) од Скопје, пријавила дека истиот ден околу 11,00 часот на улицата “Караорман“ била касната од куче скитник во пределот на левата нога.

 
На 02.06.2019 година во времето од 20,10 до 23,50 часот во Скопје на Плоштад „Македонија“, одржан е јавен собир (прослава), по повод победата на ракометниот клуб „Вардар“. За време на прославата, пријавено е дека било оштетено патничко моторно возило “Ауди А3“ со скопски регистарски ознаки на булеварот “Гоце Делчев“. Возилото било оштетено од повеќе лица кои фрлале кон него со бекатон плочки. Притоа со телесна повреда на левата рака се здобил Ф.М. (18). Во врска со настанот од страна на Единицата „АЛФА“ биле приведени пет малолетници на возраст од 14 до 17 години, сите од Скопје. На улицата „11-ти Октомври“ пред Собранието на РСМ било оштетено патничко моторно возило “Шевролет Спарк“ сопственост на МВР. Т.П.(17) од Скопје била повредена од пиротехнички средства на Плоштад Македонија и се здобила со изгореници во пределот на нозете. Исто така, приведен е и Ж.М.(36) од Скопје поради нарушување на јавниот ред и мир пред Собранието на РСМ.

 
 
Полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Битола на 01/02 јуни извршиле контрола за брзина, управување без возачка дозвола, нерегистрирани возила, непочитување првенство. Контролирани се 613 возачи и утврдено е дека 13 возачи управувале возило без возачка дозвола, нерегистрирани биле 14 возила , брзината ја надминале 36 возачи, тројца возачи зборувале на мобилен телефон при управување на возилото, а додека четири други не користеле сигурносен појас. 
 
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против С.М.(20) од Кичево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.На 12.02.2019 година околу 22,15 часот во Кичево на улицата ,,Маршал Тито“, од страна на полициски службеници, при преглед над пријавениот бил пронајден и одземен хероин.

 
На 03.06.2019 година во 05,40 часот било пријавено дека во реонот на Демир Капија, помеѓу селата Миравци и Јаворица, дошло до опожарување на дел од локомотивата на патничкиот воз кој сообраќал на релација од Гевгелија кон Скопје, Повредени патници нема. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.

 
На 02.06.2019 во 22,05 часот во СВР Скопје било пријавено дека во с.Љуботен–скопско околу 21.20 часот Ф.Б.(38) од с.Љуботен пронашол починато лице М.Д. (24) од Р. Албанија, кој најверојатно починал од удар на гром. Смртта ја констатирал лекар од Итна медицинска помош, а по наредба на Јавен обвинител телото на починатиот е дадено на обдукција.

 
На 03.06.2019 година во СВР Скопје Џ.А. од Косово пријавил дека на 02/03.06.2019 година на паркинг на булеварот “Илинден“ непознато лице го скршило задното стакло на патничко моторно возило “Опел Вектра“ со косовски национални ознаки и одзело женска чанта во која имало документи. Се работи на расчистување на случајот.

 
На 03.06.2019 година околу 01,05 часот во Скопје, во населбата Илинден, на улицата „9“, пред казино полициски службеник при преземање на службени дејствија бил физички нападнат од Ј.Ц. (24). Ј.Ц. бил приведен во Полициската станица Гази Баба за понатамошна постапка.

 
На 03.06.2019 година во 02,00 часот во СВР Скопје Л.Г.(44) од Скопје, пријавил дека истиот ден околу 22,30 часот на ул. “Цветан Димов“ неговиот малолетен син физички бил нападнат од две лица. Се работи на расчистување на случајот.

На 03.06.2019 во СВР Скопје било пријавено дека на ул. “Владимир Полежановски“, настанал пожар во товарно возило “Шкода“, сопственост на правно лице, а делумно било зафатено и возило “Сузуки свифт“, сопственост на Д.А. од Скопје. Извршен е увид.

 
СВР Куманово поднесе кривична пријава против А.Н.(33) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “тешка телесна повреда“. На 09.04.2019 година околу 18,00 часот во Куманово на улицата „Тоде Думба“, во семејниот дом, пријавениот физички го нападнал неговиот татко Д.Н. при што му нанел тешки телесни повреди.

 
На 03.06.2019 година во 10,30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на бул. “Македонско-Косовска бригада“ во бензиска пумпа две непознати лица извршиле разбојништво и одзеле пари од дневниот промет. Се работи на расчистување на случајот