Извадок на дел од дневни настани 31.05.2019

 
СВР Струмица поднесе кривична пријава против В.С.(52) од село Едрениково, општина Василево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“. Во периодот од 2013 година до 2017 година пријавениот, како градоначалник на општина Василево, без претходна одлука на Советот на општина Василево, издавал решенија за трошоци за гориво за приватни и службени патувања на вработени и лица кои не биле вработени во наведената општина, со патнички возила кои не биле во сопственост на општината. Со ова, пријавениот нанел штета од 303.900 денари на Буџетот на општина Василево.
 
На 30.05.2019 год. во 20,00 часот на Граничниот премин Табановце, на излез од Р.С.М. при извршена пасошка контрола констатирано било дека лицето М.Л. (28) од Прилеп се бара по телеграма од Полициската станица Прилеп. Тој бил лишен од слобода и предаден на полициски службеници од  Полициската станица Прилеп за понатамошна постапка.
 
На 30.05.2019 година во 06,00 часот било пријавено дека на автопатот Скопје-Велес во близина на с.Б.Село-велешко, патничко моторно возило “Тојота Корола“ со српски национални ознаки управувано од Н.С.(48) од Р.Србија, излетало од патот. Во незгодата возачот се здобил со тешки телесни повреди, а сопатничката С.Е.(58) се здобила со телесни повреди и со возило на Итна медицинска помош биле пренесени во болницата во Велес. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР Велес и се работи на целосно расчистување на случајот.
 
На 30.05.2019 година во 13,40 часот во СВР Скопје било пријавено дека на улицата “Тајмишка“ избувнал пожар во куќа сопственост на Р.Р.(48), најверојатно поради заборавен вклучен електричен шпорет. Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот бил целосно  локализиран. Повредени лица нема.
 
На 30.05.2019 година во 21:50 часот во Полициска станица Радовиш Г.К (67) од Радовиш пријавила дека истиот ден околу 21:20 часот на ул. „Самоилова“ во Радовиш била касната од куче скитник во пределот на нозете.
           
На 30.05.2019 година во 21,50 часот во Полициската станица Аеродром О.В.(66)  од Скопје пријавила дека истиот ден околу 13,30 часот на улицата “Февруарски Поход“ била касната од куче скитник во пределот на рацете.
           
На 30.05.2019 година во 23,45 часот во Полициската станица Гази Баба П.Д.(53) од Скопје пријавил дека истиот ден околу 23,25 часот на улицата “Јани Лукровски“ бил каснат од куче скитник во пределот на десната потколеница.
           
 СВР Куманово поднесе кривична пријава против С.Ф.(24) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. Имено на 03.03.2019 година во Куманово на улицата „Иво Лола Рибар“, пред ноќен клуб од страна на полициски службеници, при преглед над пријавениот, биле пронајден и одземен кокаин.
 
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Е.А.(69) од село Добарце-тетовско поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела “посебни случаеви на фалсификување исправа“ и “употреба на исправа со невистинита содржина“ и против Д.К.(57) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела ’’злоупотреба на службена положба и овластување“ и “фалсификување на службена исправа“. Во текот на 2019 година првопријавениот во полномошно, за застапување при упис на деловен објект во Агенција за катастар и недвижности, го фалсификувал потписот на неговиот татко. Потоа, второпријавениот, како адвокат, без претходно да ја утврди веродостојноста на потписот во наведеното полномошно, го употребил истото во постапка за упис на деловен објект во Агенција за катастар и недвижности.

 
На 30.05.2019 година во 22,45 часот во Полициската станица Кисела Вода К.Д.(40) од с.Ракотинци-скопско пријавил дека истиот ден околу 20,20 часот во с.Сопиште неговата 15-годишна ќерка била касната од куче скитник во пределот на левата потколеница .

 
На 31.05.2019 околу 00,30 часот на крстосницата од ул.„8-ми Септември“ и ул.„Гоце Делчев“ во Кавадарци се случила сообраќајна незгода помеѓу возило „Фолксваген пасат“ со кавадаречки регистарски ознаки, управувано од Н.А.(36) од Кавадарци, и мопед „Априлија“ со кавадаречки регистарски ознаки, управуван од петнаесетгодишно лице и сопатник на мопедот исто така, петнаесетгодишно лице. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобиле малолетниците и се пренесени во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Извршен е увид на местото на настанот.

 
Во текот на изминатиот ден (30.05.2019 година) на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје превземени се мерки и активности и констатирано е дека 41 возач управувале возила со брзина поголема од дозволената. Од сообраќај се исклучени 15 возачи од кои 13 затоа што управувале возила без да се стекнат со право за управување на моторно возило и двајца возачи затоа што биле возачи почетници. Исто така, исклучени од сообраќај се и 14 возила бидејќи биле нерегистрирани. Санкционирани се двајца возачи поради поминување на крстосница на црвено светло, двајца поради недавање првенство на минување на пешаци, еден возач поради неправилно престројување, двајца возачи поради неправилно престигнување, двајца возачи поради неносење сигурносен појас за време на управување на моторно возило и седум возачи поради користење на мобилен телефон при управување на возило. Во однос на пешаците санкционирани се 14 пешаци поради поминување коловоз вон пешачки премин и пет пешаци поради поминување коловоз на црвено светло. Во текот на изминатиот ден издадени се 68 мандатни платни налози и 57 возила се подигнати со специјално возило "пајак".

 
На 30.05.2019 година во 18,40 часот во СВР Скопје било пријавено дека на локалниот пат с.Д.Матка-с.Г.Матка автобус “Јутонг“ на ЈСП, управуван од М.Б.(55) од Скопје излетал надвор од коловозот. Во незгодата со повреди се здобиле патниците М.И.(59), С.И.(31) и А.Х.(22) сите од с.Матка-скопско и биле пренесени во Комплексот клиники “Мајка Тереза“. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од СВР Скопје.

 
На 31.05.2019 година во 02,10 часот во СВР Скопје М.Н.(25) од с.Петровец-скопско пријавил дека истиот ден околу 00,30 часот на улицата “Вангел Тодоровски“ бил физички нападнат од Н.Т.(28) и Д.С.(44) од Скопје. По документирање на случајот, ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

 
На подрачјето на Секторот за внатрешни работи Тетово, вчера ( 30 мај ) од 11 до 16 часот спроведена е акциска контрола за прекршоци направени од страна на пешаци. Откриен бил 51 прекршок ( ТЕ-37 и ГВ-14 ).Триесет и три прекршоци се однесувале на преминување на улиците надвор од пешачки премин ( ТЕ-19 и ГВ-14 ), а 15 ( ТЕ ) непочитување на светлосни сообраќајни знаци или знаци што ги дава полициски службеник. Во акциската контрола утврдени се и 18 други видови сообраќајни прекршоци ( ТЕ-16 и ГВ-2 ) кои, исто така, соодветно се санкционирани со законски предвидените поднесоци.

 
 Е.В. (28), вработен во Национален парк „Маврово“, вчера ( 30 мај ) пријавил дека во периодот од 29 март до 28 мај годинава засега непознати сторители одзеле две видео камери, кои биле поставени во атарот на ова село, во месноста „Солиште“. Одземените камери, сопственост на НП „Маврово“, се користеле во рамките на проектот „Заштита на балканскиот рис“.             

     
Полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Битола на 30 мај извршиле контрола за брзина, управување без возачка дозвола, нерегистрирани возила, непочитување првенство, 319 возачи ,од кои 16 возачи управувале возило без возачка дозвола, нерегистрирани биле 17 возила, брзината ја надминале девет возачи. Еден возач зборувал на мобилен телефон при управување на возилото, а еден возач не користел сигурносен појас.

 
На 30.05.2019 година во 17,00 часот во СВР Скопје А.В.К.(64) од Скопје пријавила дека истиот ден околу 15,20 часот на улицата “Франклин Рузвелт“ две лица со употреба на физичка сила извршиле разбојништво и одзеле паричник во кој имало пари и документи. Се работи на расчистување на случајот.

 
На 30.05.2019 година во 15,20 часот во СВР Скопје од Комплексот клиники “Мајка Тереза“ било пријавено дека кај нив било донесено лицето Љ.А.(68) од Скопје со повреди здобиени од пад од велосипед што го управувал во населбата Шуто Оризари. Подоцна, тој им подлегнал на повредите. На местото на настанот извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје, велосипедот бил пронајден, а во извршениот разговор со очевидци на настанот тие изјавиле дека лицето се здобило со повреди од пад од велосипед. По наредба на Јавен обвинител телото на починатото лице е дадено за обдукција. Се работи на целосно расчистување на случајот.

 
На 30.05.2019 година во времето од 11:00 до 16:00 часот на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Струмица е спроведена акциска контрола со цел откривање прекршоци од страна на пешаци. При контролата констатирани се десет прекршоци.

 
На 30.05.2019 година во 18,10 часот во село Сарај-скопско на улицата „20“, полициски службеници при преземање на службени дејствија, во врска со претходно пријавена поплака, биле омаловажувани од лицето З.С.(55) од село Сарај, по што бил приведен во ПО Сарај за понатамошна постапка. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.