Извадок на дел од дневни настани 30.05.2019

                                                                                      

 
На 30.05.2019 година околу 03.00 часот во угостителски објект, во кој била  спроведена акциска контрола, покрај автопатот Гостивар-Тетово, во непосредна близина на Неготинска клучка, полициски службеници  ја лишиле од слобода Р.Е.(29) од Скопје. При преглед кај неа бил пронајден кокаин, поради што била задржана во Полициската станица Гостивар. По целосното документирање на случајот, против Р.Е. ќе биде поднесен соодветен поднесок. 
 
СВР Струмица поднесе кривична пријава против Н.К.(25) од Радовиш поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“ и „овозможување на употреба наркотични дроги“. Во текот на јануари 2019 година во неговата куќа во Радовиш пријавениот вршел продажба на марихуана, при што на повеќе лица им овозможувал и да ја конзумираат во неговиот дом. При претрес во неговиот домот, полициски службеници пронашле и одзеле марихуана. 
 
На 29.05.2019 година во 19.00 часот на локалниот пат Велес – с.Бузалково, на место викано „Блокови“, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „Ауди“ со велешки регистарски ознаки, управувано од Б.Н.(31) од с.Бузалково, велешко и трактор „ИМТ-539“ без регистарски ознаки, управуван од Ш.Џ.(56) од с.Бузалково. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил возачот на тракторот Ш.Џ., кој по укажаната лекарска помош во Градската болница Велес бил препратен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Додека, деветгодишна сопатничка во тракторот и возачот Б.Н. се здобиле со телесни повреди и им била укажана помош во Градската болница Велес. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР Велес. 
 
На 29.05.2019 година во 11.15 часот на улица „Филип Втори Македонски“ во Скопје се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „Пежо 508“ со скопски регистарски ознаки, управувано од В.Л.(54) од Скопје и мотоцикл „БМВ“ со скопски регистарски ознаки, управуван од Д.Ј.(41) од Скопје. Во незгодата со телесни повреди се здобил мотоциклистот и му била укажана помош во Градската општа болница „Свети Наум Охридски“. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР Скопје. 
 
На 29.05.2019 година во 21.00 часот во Полициската станица Гази Баба, Т.Ј.(26) од Скопје пријавил дека истиот ден во 16.30 часот на улица „Душан Тасковиќ“ бил каснат од куче скитник во пределот на левата потколеница. 
 
Во текот на изминатиот ден (29.05.2019 година) на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје преземени се мерки и активности и констатирано е дека 26 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената. Од сообраќај се исклучени 16 возачи затоа што управувале возила без да се стекнат со право за управување на моторно возило. Исто така, исклучени од сообраќај се и 16 возила бидејќи биле нерегистрирани. Санкционирани се тројца возачи поради поминување на крстосница на црвено светло, тројца возачи поради недавање првенство на минување на пешаци, пет возачи поради неправилно престројување, три возачи поради неправилно престигнување, пет возачи на мотоцикли поради неносење заштитен шлем, еден возач поради неносење сигурносен појас за време на управување на моторно возило и 10 возачи поради користење на мобилен телефон при управување на возило. Во однос на пешаците санкционирани е еден пешак поради поминување коловоз на црвено светло. Во текот на изминатиот ден издадени се 61 мандатни платни налози и 59 возила се подигнати со специјално возило "пајак". Изминатиот ден се случиле шест сообраќајни незгоди во кои четири лица се здобиле со телесни повреди.

СВР Битола поднесе кривична пријава против Б.С.(29), П.И.(22), К.А.(23), А.Р.(29), П.Д.(26), Н.Г.(28) и А.Ј.(22), сите од Битола, поради постоење основи на сомнение за сторени седум кривични дела “тешка кражба“. Од 23.11.2018 до 04.04.2019 година на подрачје на Битола, во седум колонијални продавници, пријавените со употреба на физичка сила влегувале и одзеле различни видови на предмети, со што предизвикале материјална штета од 653.807 денари.

 

На 29.05.2019 година околу 07.55 часот на крстосницата од улиците „Плачковички oдред“ и „Никола Карев“ во Виница се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „Ауди“ со штипски регистарски ознаки, управувано од А.К.(42) од Виница и мопед со винички регистарски ознаки, управуван од Т.А.(17) од Виница. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот и бил пренесен во Клиничка болница Штип. Увид на местото извршила екипа од Полициската станица Виница.

 

На 29.05.2019 година на поширокото тетовско подрачје биле спроведени засилени сообраќајно-контролни активности, при што биле откриени 69 прекршоци. 28 од нив се однесувале на неприлагодена брзина според условите на патот, односно пребрзо возење во и надвор од населено место. Покрај ова, 10 возила биле непрописно паркирани и биле подигнати со специјално возило „пајак“, пет имале истечена регистрација, пет лица ги управувале возилата без положен возачки испит и валидна дозвола и друго.

 

На 29.05.2019 година во Полициската станица Центар било пријавено дека околу 11 часот во угостителски објект на ул.„Кеј 13ти Ноември“ бил нарушен јавниот ред и мир со физички напад. Според пријавеното, А.С.(42) од Скопје, физички го нападнал вработениот С.П.(37) од Пехчево. Потоа, според пријавеното, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка меѓу А.С. и Г.Б.(37) од Скопје. По документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

На 29.05.2019 година околу 22.00 часот било пријавено дека во стан на булевар „АСНОМ“, Н.Т.(37) од Скопје, по претходна вербална расправија со неговите родители З.Т.(59) и С.Т.(57), Н.Т. физички ја нападнал С.Т.. По преземени мерки Н.Т. бил приведен во полициската станица.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Р.А.(25) и И.А.(57), двајцата од село Лакавица, гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „пустошење на шума“ и ,,кражба’’ на дрва. На 19.04.2019 година во Гостивар полициски службеници извршиле преглед на патничко возило, управувано од првопријавениот, во кое бил второпријавениот како сопатник, пронашле и одзеле дабови дрва без соодветна документација.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Ш.Б.(50) од село Беловиште, гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“, ,,проневера во службата“ и „фалсификување исправа“. Во текот на јануари 2019 година пријавениот, како вработен во АД ,,Македонски пошти“, фалсификувал потписи на 23 налози за исплата на пензии, по што ги присвоил паричните средства наменети за корисниците, со што се стекнал со противправна имотна корист од 223.533 денари.

 

СВР Струмица поднесе кривична пријава против Ј.Г.(32) од Гевгелија поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 04.04.2018 година во Гевгелија полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што пронашле и одзеле марихуана.

 

На 29.05.2019 година околу 18.30 часот во Полициското одделение Сарај било пријавено дека во с.Глумово, Е.Б.(29) од с.Глумово бил физички нападнат од лицата О.Е.(30) и Б.Е.(31), двајцата од с. Глумово. Притоа, О.Е. со остар предмет му нанел повреда на десната потколеница. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот. 

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кавадарци поднесе кривична пријава против Р.Ѓ.(34) од Кавадарци поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела ,,злоупотреба на лични податоци“ и ,,оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“. На 04.01.2018 година во Кавадарци, во простории на финансиско друштво, пријавената, без согласност од С.Ѓ. од Кавадарци, аплицирала за потрошувачки кредит и ги навела неговите лични податоци, по што му бил одобрен потрошувачки кредит во износ од 12.000 денари. По ова, на 09.01.2018 и 12.01.2018 година од банкомат во Кавадарци, пријавената од банкарската картичка на С.Ѓ. подигнала 10.000 денари, а потоа во маркет во Неготино со истата банкарска картичка извршила две трансакции.    

 

На 29.05.2019 година во 16.00 часот во СВР Скопје, Ф.Б.(39) од Скопје пријавил дека истиот ден околу 15.05 часот додека извршувал работни задачи во продажен салон во трговски центар бил физички нападнат од лицето Х.Р.(62) од Скопје. Сочинет записник за констатирани прекршоци по член 4 и 12 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир. 

 

На 29.05.2019 година во 12.28 часот во СВР Скопје, од Клиниката за токсикологија било пријавено дека кај нив биле донесени две четиринаесетгодишни ученички од основното училиште од Скопје. По преземени мерки, било утврдено дека истиот ден околу 11.00 часот во село Дељадровци, скопско, за време на училишна екскурзија, двете ученички се однесувале агресивно и почнале да губат свест, по што била повикана Итна медицинска помош. Притоа, тие изјавиле дека конзумирале таблети, најверојатно екстази, кои ги криеле во облеката. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.