Извадок на дел од дневни настани 27.05.2019

Одделението за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи Скопје на 26.05.2019 година во периодот од 14.00 до 19.00 часот спроведе зајакната акциска контрола за откривање на возачи кои ја пречекориле брзината на движење со моторно возило на подрачјето на Скопје. 82 возачи ја пречекориле брзината во населено место. Откриени се и 28 останати прекршоци за кои се издадени 15 мандатни платни налози и 13 прекршочни платни налози.

 

 На 26.05.2019 година во 16.00 часот во Полициската станица за Граничен премин Табановце, од слобода бил лишен У.Б.(33) од с.Желино, тетовско, затоа што се наоѓал на

СТОП-Листа за издржување казна затвор. Лицето било предадено на полициски службеници од СВР Куманово за понатамошна постапка.

 

Полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Битола за време на викендот(24, 25, 26 мај) извршиле контрола за брзина, управување без возачка дозвола, нерегистрирани возила, непочитување првенство, исправност на возилата, сигурносен појас. Притоа,  контролирани се 1197 возачи, од кои 23 возачи управувале возило без возачка дозвола, нерегистрирани биле 17 возила, брзината ја надминале 120 возачи, тројца возачи зборувале на мобилен телефон при управување на возилото, а додека четири возачи не користеле сигурносен појас. Издадени с евкупно 161 мандатен платен налог и 56 прекршочни платни налози.

 

На 26.05.2019 во 21.40 часот на локалниот пат во с.Слупчане, општина Липково, патничко возило „Мерцедес“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од Ќ.Р.(56) од с.Ваксинце, удрило во пешакот М.И.(51) од с.Слупчане. Притоа, М.И. се здобил со тешки телесни повреди и со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Клиничката болница во Куманово. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР Куманово.

 

На 26.05.2019 во 23.20 часот во с.Пепелиште, неготинско, патничко возило „Ауди“, управувано од К.Д.(18) од с.Пепелиште, удрило во пешакот С.А.(20) од с.Пепелиште. Притоа, С.А. се здобила со тешки телесни повреди и со возило на Итна медицинска помош била пренесена во Здраствениот дом во Кавадарци. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од Полициската станица Неготино.

 

На 26.05.2019 година во 13.45 часот во Полициската станица Гази Баба, В.А.(54) од Скопје пријавил дека истиот ден околу 12.00 часот на улица „Коце Металец“ бил каснат од куче скитник во пределот на левата потколеница.

Во текот на изминатите денови (23, 24, 25 и 26.05.2019 година) на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје преземени се мерки и активности и констатирано е дека 270 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената. Од сообраќај се исклучени 78 возачи од кои 73 возачи затоа што управувале возила без да се стекнат со право за управување на моторно возило, a четири возачи затоа што биле возачи-почетници. Исто така, исклучени од сообраќај се и 62 возила бидејќи 57 биле нерегистрирани и пет возила затоа што биле технички неисправни. Во текот на изминатите денови издадени се 384 мандатни платни налози и 114 возила се подигнати со специјално возило "пајак".

 

СВР Скопје - Единица за економски и компјутерски криминал до Основното јавно обвинителство во Скопје поднесе кривична пријава против Б.Н.(37) и Т.П.(58), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,измама“. Првопријавениот Б.Н., во договор со второпријавениот Т.П., во април и мај 2019 година, во неколку наврати побарале и примиле парични средства во вкупен износ од 750.000 денари од раководно лице во приватна фирма. Тие го измамиле односно лажно го информирале дека паричните средства кои ги побарале ќе бидат искористени како донација за финансирање на изборната кампања на една политичка партија за претседателските избори 2019 година. Второпријавениот на овој начин од оштетениот побарал и примил парични средства во износ од 200.000 денари. Тој се претставил лажно, како портпарол на политичката партија. После тоа, пријавените во два наврати побарале и примиле парични средства од оштетениот, во вкупен износ од 550.000 денари, наводно за финансирање на тековните трошоци на изборната кампања на политичката партија. По добивање на пријавата, СВР-Скопје презеде соодветни мерки и со претходно издадена судска наредба извршен е претрес на дом, лице и на превозно средство заради пронаоѓање на траги и предмети при што одземени се предмети како доказ во кривичната постапка. По завршувањето на претресот, пријавените се лишени од слобода.

 

На 26.05.2019 година од 14.00 до 19.00 часот на подрачјето на СВР Тетово спроведена е акциска контрола за брзина на движење на моторни возила. При контролата, откриени се 27 пречекорувања на дозволената брзина надвор од населено место ( ТЕ-14 и ГВ-13 ). Најмногу од пречекорувањата, вкупно 20 (ТЕ-10 и ГВ-10) биле за 30 до 50 километри на час. Во оваа контрола, исто така, констатиран е и 31 прекршок(ТЕ-21 и ГВ-10) во населено место. Најголемиот број од нив( 18) биле од 10 до 30 километри на час (ТЕ-13 и ГВ-5).

 

На 26 мај околу 20.30 часот во СВР Битола била пријавена кражба на риби од рибник Букри. Полициски службеници излегле на местото и затекнале патничко возило со приколка полна со риби и пет лица А.С.(33) од Битола, А.Н.(34) од с.Живојно, П.С.(54) од Битола, Б.А.(25) од с.Гермијан и С.К.(61) од с.Канино. Лицата биле лишени од слобода и по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 26.05.2019 година околу 13.25 часот во Полициската станица Берово, Ј.К.(62) од с.Русиново, беровско, пријавил дека во атар на Берово, на место викано „Суви Лаки“, во негова нива пронашол неексплодирана стара граната калибар 75мм непозната марка. Увид бил извршен , а од стручни лица од Дирекцијата за заштита и спасување гранатата била подигната за понатамошна постапка.

 

На 26.05.2019 година во 11.45 часот во Полициската станица Центар, Ф.У.(45) од с.Смилковци, скопско, пријавил дека истиот ден околу 02.30 часот на ул.„Аминта Трети“ во Скопје, додека бил со негови другари, физички бил нападнат од непознато лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 27.05.2019 година во 04.18 часот во СВР Скопје, вработен на бензинска пумпа во с.Јурумлери, скопско, пријавил дека две лица со закана го одзеле дневниот промет и побегнале. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 26.05.2019 година во 15.21 часот во СВР Скопје, пријавено е дека во автобус на ЈСП со број 57 на ул„Христијан Тодоровски Карпош“ бил нарушен јавниот ред и мир со физички напад од неколку лица врз И.Г.(18) од Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

 

На 27.05.2019 година околу 00.35 часот во СВР Штип било пријавено дека две непознати лица извршиле разбојништво во спортска обложувалница на ул.„Сремски Фронт“ во Штип и одзеле пари од дневниот промет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 26.05.2019 година во 21.29 часот во СВР Скопје, А.Т. пријавил дека на ул.„Дебарца“ непознато лице извршило разбојништво над неговиот син С.Т.(19) и му одзел паричник и телефон. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 27.05.2019 година во 03.45 часот Н.М.(35) од с.Арачиново пријавил дека настанал пожар во неговото патничко возило „Ауди А5“. Пожарот бил изгаснат од сопственикот, а повредени лица нема. Извршен е увид  

 

СВР Куманово поднесе кривична пријава против М.Д.(34) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 22.05.2019 година во Куманово полициски службеници извршиле претрес во дом, при што пронашле и одзеле марихуана и кокаин.