Извадок на дел од дневни настани 25.05.2019

 Одделението за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи Скопје на 24.05.2019 година во периодот од 06.00 до 24.00 часот спроведе зајакната акциска контрола за откривање на возачи кои ја пречекориле брзината на движење со моторно возило на подрачјето на Скопје. 54 возачи ја пречекориле брзината во населено место и прекршоците се санкционирани со мандатни платни налози и прекршочни платни налози. Откриени се и 60 останати прекршоци за кои се издадени 22 мандатни платни налози и 38 прекршочни платни налози. 

 
На 24.05.2019 година околу 13.10 часот на ул.„Јовче Џипунов“ во Велес, Ѓ.П.(71) од Велес, управувајќи мопед „Априлија“ со велешки регистарски ознаки, изгубил контрола над мопедот и паднал на коловозот. Притоа Ѓ.П. се здобил со тешки телесни повреди и бил пренесен во болницата во Велес, каде му била укажана лекарска помош. По овластување на Јавен обвинител увид на местото извршила екипа од СВР Велес.

 
На 24.05.2019 година во периодот од 05.00 до 07.00 часот полициски службеници извршиле акциска контрола во с.Цепчиште и с.Порој, тетовско, за спречување, откривање и приведување на странски државјани кои по кој било основ прекршиле одредби од законот за странци. Притоа, биле приведени 10 државјани на Република Албанија. Тие биле задржани во СВР Тетово за понатамошна постапка.  

 
СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.З.(18) од село Озормиште, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторени седум кривични дела „тешка кражба“. Во периодот од 11.02.2019 година до 07.03.2019 година на подрачје на Тетово, пријавениот, извршил тешки кражби во возила и одземал делови, пари и разни предмети, а во Клинички центар - Тетово со употреба на сила влегол внатре и одзел пари и лекови.

 
На 24.05.2019 година во 11.45 часот во Полициската станица Центар, А.З.(24) од Скопје пријавила дека на 23.05.2019 година околу 12.00 часот на плоштад „Македонија“ била касната од куче скитник во пределот на десната потколеница. 

  
 

На 25.05.2019 година во 03.15 часот на регионалниот пат Радовиш – Штип, пред с.Лакавица, штипско, полициски службеници запреле патничко возило „Мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, управувано од С.Р.(34) од Скопје, а во кое се превезувале тројца мигранти од Еритреја. Возачот С.Р. и мигрантите биле приведени во СВР Штип за понатамошна постапка. По целосно документирање на случајот против С.Р. ќе биде поднесена соодветна пријава. 

 

На 25.05.2019 година околу 00.40 часот во Полициската станица Пробиштип било пријавено дека во Јавната здравствена установа Пробиштип бил донесен Д.Ј.(23) од Пробиштип кој, според пријавеното, се здобил со повреди при работа во фабрика во Пробиштип. Тој бил префрлен во Клиничката болница Штип, каде му била укажана лекарска помош. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

 

На 24.05.2019 година во 15.30 часот во Полициската станица Струга, М.М.(49) од Струга пријавил дека истиот ден во 14.00 часот на ул.„Партизанска“ бил каснат од куче германски овчар во пределот на десната рака, на кое му го знае сопственикот. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 24.05.2019 година во 13.30 часот во Полициската станица Кичево, Н.М.(65) од Кичево пријавила дека истиот ден околу 11.00 часот на ул.„Рудничка“ била касната од куче скитник во пределот на левата потколеница.

 

На 24.05.2019 во 17.40 часот во Полициското одделение Камењане, И.Ј.(52) од с.Камењане пријавил дека истиот ден околу 17.30 часот тој и неговата ќерка биле физички нападнати од М.Ј.(50), Ф.Ј.(45) и нивниот син А.Ј.(28), сите од с.Камењане. Лицата биле приведени во Полициското одделение Камењане. По целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесен соодветен поднесок.

 

На 24.05.2019 во 12.50 часот во СВР Велес, Ж.М.(45) од Велес пријавил дека на 23.05.2019 година околу 20.00 часот бил каснат од куче скитник во пределот на десната потколеница. 

 

На 24.05.2019 околу 21.30 часот во Полициското одделение Галате било пријавено дека во локал во с.Градец, општина Врапчиште, Б.Х.(25) од с.Градец физички го нападнал К.И.(24) од с.Градец. Според пријавеното, Б.Х. со остар предмет му нанел убодна рана на левата рака на К.И.. На К.И. му била укажана лекарска помош во болницата во Готивар. Се работи на расчистување на случајот.

 

На 24.05.2019 година во 14.10 часот во Полициската станица Делчево, С.У.(56) од Делчево  пријавила дека на 23.05.2019 година околу 17.00 часот на ул.„Орце Николов“ била касната од куче скитник во пределот на левата нога.

 

На 24.05.2019 година околу 16.10 часот на ул.„Кочо Рацин“ во Штип, Д.Ќ.(30) од Штип физички нападнал полициски службеници кои извршувале службени дејства. Лицето било лишено од слобода и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 25.05.2019 година во 04.05 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Благоја Стефковски“ непознати лица физички го нападнале Ц.П.(47) и му одзеле пари и мобилен телефон. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.