Извадок на дел од дневни настани 22.05.2019

 На 21.05.2019 година во 12.40 часот на регионалниот пат Тетово-Попова Шапка, во село Гајре, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „Форд Транзит“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од А.Џ.(25), патничко возило „БМВ“ со регистарски ознаки, управувано од А.Р.(64) како и патничко возило „Мерцедес“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од Р.Р.(38), сите од село Шипковица, тетовско. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобиле двајца сопатници во возилото „Форд Транзит“ на возраст од 17 и 16 години, додека останатите пет сопатници во истото возило се здобиле со телесни повреди. Сите повредени биле пренесени во болницата во Тетово каде им била укажана лекарска помош. Увид извршила екипа од СВР Тетово.

 

На 21.05.2019 година во 18.50 часот на ул.„Пролетерска“ во село Росоман се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „Мицубиши Пајеро“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од С.Љ.(48) од село Младо Нагоричане, општина Старо Нагоричане и мотоцикл „Хамачи“ без регистарски ознаки, управуван од М.Ѓ.(19) од село Росоман. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобиле мотоциклистот М.Ѓ. и неговиот 15-годишен сопатник од село Сирково. На двајцата им била укажана лекарска помош во болницата во Кавадарци, по што М.Ѓ. бил препратен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Увид извршила екипа од Полициската станица Кавадарци.

 

На 21.05.2019 година во 19.40 часот на автопатот Демир Капија-Миравци, кај место викано „Јаворица“, товарно возило „Волво“ со скопски регистарски ознаки со полуприколка „Кроне“, управувано од С.Ј.(37) од село Петровец, скопско, излетало надвор од коловозот. Притоа, со тешки телесни повреди се здобил возачот С.Ј, кој со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Итна медицинска помош Неготино, од каде бил препратен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Увид на местото извршила екипа од Полициската станица Неготино.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против Ф.Б.(21) од Кичево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 31.05.2018 година во Кичево полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што пронашле и одзеле марихуана.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Неготино поднесе кривична пријава против Т.Т.(28) од Неготино поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 27.12.2018 година во Неготино полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што пронашле и одзеле марихуана.

 
 

На 21.05.2019 година во 13.30 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, М.С.(62) од Скопје пријавил дека истиот ден на ул.„Борис Сарафов“ бил каснат од куче скитник во пределот на левата потколеница.

 

На 21.05.2019 година во 23.00 часот во Полициската стница Карпош, С.П.(73) од Скопје пријавил дека истиот ден околу 17.30 часот на ул.„Шекспирова“ бил каснат од куче скитник во пределот на левата нога.

 

Во текот на изминатиот ден (21.05.) на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје се случиле 11 сообраќајни незгоди во кои шест лица се здобиле со лесни телесни повреди.Од преземените мерки констатирано е дека тројца возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената, а од сообраќај се исклучени 26 возачи - од кои 24 затоа што управувале возила без да се стекнат со право за управување на моторно возило и двајца заради тоа што биле возачи почетници. Исто така, од сообраќај се исклучени и 17 возила бидејќи биле нерегистрирани. Покрај ова, еден возач е санкциониран поради поминување на крстосница на црвено светло, тројца - поради неправилно престројување, двајца поради неправилно престигнување, осумина возачи се санкционирани поради неносење сигурносен појас за време на управување на моторно возило а 17 возачи поради користење на мобилен телефон при управување на возило. Во однос на пешаците, санкциониран е еден пешак поради поминување коловоз вон пешачки премин. Во текот на изминатиот ден издадени се 83 мандатни платни налози и 64 возила се подигнати со специјално возило „пајак".   

На 21.05.2019 година во 22.21 часот на земјениот пат Прилеп -Вештачко езеро, на место викано „Маркова Чешма“, патничко возило „Фолксваген Голф“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од Г.П.(19) од Прилеп, изгубило контрола, излетало од патот и се превртело. Притоа, со тешки телесни повреди се здобил сопатникот Ф.Р. и со возило на Итна медицинска помош бил однесен во болницата во Прилеп, каде му била укажана лекарска помош. Увид извршила екипа од Полициската станица Прилеп.

 

На 22.05.2019 година во 03.50 часот во СВР Скопје било пријавено дека настанал пожар во кругот на фабриката „Железара“, при што бил зафатен погон на фабрика за пластика и цвеќиња. Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот бил целосно изгаснат. Повредени лица нема. Увид ќе се врши во текот на денот.  

 

На 21.05.2019 година во 08.45 часот во Полициската станица Штип, Ѓ.Н.(65) од село Карбинци, општина Карбинци пријавил дека ноќта на 20/21.05.2019 година непознат сторител извршил - “тешка кражба“ во манастирот Света Петка во атарот на село Калузлија. Сторителот со употреба на сила влегол внатре и одзел пари. Се работи на расчистување на случајот. Истовремено на 21.05.2019 година во 09.30 часот во Полициската станица Штип, Б.Д.(47) од Штип пријавила дека ноќта на 20/21.05.2019 година непознат сторител извршил „тешка кражба“ во манастирот Свети Илија во село Аргулица, општина Карбинци. Сторителот со употреба на сила влегол и одзел пари. Се работи на расчистување на случајот.

 

На 21.05.2019 година околу 20.40 часот во Полициската станица Карпош, М.Ш.(55) од Скопје пријавил дека противправно бил лишен од слобода од лицата М.Н. и Ф. Ј. Според пријавителот, тие имале договориена средба во слаткарница во врска кражба што пријавителот ја извршил на 19.05.2019 година во казино, каде што работела М.Н. После тоа, со возило отишле на Водно, каде М.Н. и Ф.Ј. му ги врзале рацете со јаже и физички го нападнале. После половина час, според пријавата, го однеле во казиното, од каде М.Ш. бил приведен во врска со кривичното дело „кражба“. Во Полициската станица Карпош, М.Ш. признал дека ја извршил кражбата, по што пријавил дека бил противправно лишен од слобода. Во Полициската станица Карпош бил приведен Ф.Ј.(35) од Скопје. Се преземаат мерки за пронаоѓање на М.Н. и за целосно расчистување на случајот.

 

На 22.05.2019 година во 02.40 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Ловќенска“ во Скопје настанал пожар во патничко возило „Сеат Леон“, сопственост на „Порше Лизинг“. Од пожарот било зафатено и патничко возило „Пежо Партнер“, сопственост на „Ник Авто“. Во 03.15 часот од екипа на Бригадата за противпожарна заштита пожарот бил целосно изгаснат. Извршен е увид и се работи на расчистување на случајот.  

 

На 21.05.2019 година околу 16.20 часот во СВР Скопје било пријавено дека на кејот на реката Вардар, во близина на угостителски објект, двајца малолетници од Скопје на возраст од 13 и 14 години физички нападнале 14-годишник од село Инџиково и му го одзеле мобилен телефон. Од страна на случаен минувач нападот бил спречен и тој ги однел напаѓачите кај полициски службеници кои биле во близина, по што биле приведени во полициската станица Центар. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против Р.Џ.(49) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „фалсификување исправа“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“ како и против М.М.(42) поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“. Р.Џ., како вработен во друштво за шпедиција, во текот на 2016 година, изработил лажен договор за купопродажба на патнички возило и обезбедил фотокопија од исправа на странска сообраќајна дозвола за возилото. Документацијата ја употребил пред Бирото за метрологија-Скопје, како и пред Царинска управа врз основа на која била издадена царинска декларација. Второпријавениот М.М., во натамошна постапка, приложил документација незаверена кај надлежен странски орган и нотар во РСМ и без доказ за платени царински давачки своерачно потпишал согласност за регистрација на возилото.

 

СВР Куманово поднесе кривична пријава против тројца малолетници на возраст од 15, 16 и 17 години од кумановските села Умин Дол и Љубодраг поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство”. На 11.12.2018 година на ул.„Доне Божинов” пријавените физички нападнале 17-годишник од Куманово, при што му нанеле повреди во пределот на главата. 

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Б.А.(34) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 31.05.2018 година во Тетово полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што пронашле и одзеле марихуана.