Извадок на дел од дневни настани 20.05.2019

 На 19.05.2019 година околу 15.15 часот на крстосницата од ул.„Западен булевар“ со ул.„Вишешница“ во Кавадарци се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „Шевролет“ со кавадаречки регистарски ознаки, управувано од И.Г.(19) од Кавадарци и мопед „Канга“ со велешки регистарски ознаки, управуван од Н.Р.(23) од Кавадарци. Возачот на мопедот се здобил со тешки телесни повреди и бил пренесен во болницата во Кавадарци и по укажаната помош бил препратен во Градската општа болница „8-ми Септември“ во Скопје на понатамошно лекување. Увид на местото извршила екипа од Полициската станица Кавадарци.

 

На 19.05.2019 година околу 12.20 часот на регионалниот пат Јажинце-Тетово, во с.Глоѓи, патничко возило „Ауди“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од А.Р(.29) од Тетово, изгубило контрола, излетало од коловоз и удрило во дрво. А.Р. се здобила со повреди и била пренесена во клиничката болница во Тетово каде и била укажана помош и била задржана на лекување. Увид извршила екипа од СВР Тетово.

 

На 19.05.2019 година околу 09.30 часот на магистралниот пат Гостивар-Кичево, на Новоселски мост, патничко возило „Мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, управувано од С.П.(70) од Скопје, изгубило контрола, излетало од коловозот и удрило во металната заштитна ограда. Возачот С.П. се здобил со повреди и бил пренесен во болницата во Гостивар. По укажаната лекарска помош тој бил префрлен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје на понатамошно лекување. Увид извршила екипа од Полициската станица Гостивар. 

 

На 19.05.2019 година околу 22.00 часот на улица „Киро Ристевски-Дрнц“ во Тетово полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Тетово го лишиле од слобода Ѓ.Ј.(32) од Тетово. При преглед кај него била пронајдена опојна дрога - екстази. Тој бил задржан во Полициската станица Тетово и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 19.05.2019 година околу 00.10 часот на регионалниот пат Тетово-Пирок, во с.Долно Палчиште, полициски службеници запреле патничко возило „Фолксваген поло“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од И.Љ.(31) од Тетово, во кое бил и Б.Џ.(31) од село Стримница, тетовско. При нивен и преглед на возилото била пронајдена марихуана. Тие биле лишени од слобода и задржани во Полициската станица Тетово, а по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесен соодветен поднесок. 

 
 

На 19.05.2019 година во 20.00 часот во Полициската станица Чаир, Н.С.(48) од Скопје пријавил дека неговата 14-годишна ќерка истиот ден околу 17.00 часот се вратила дома. Таа беше пријавена за исчезната на 18.05.2019 година во 21.00 часот.

 

На 19.05.2019 година во 21.40 часот во Полициската станци Карпош, М.Ј.(63) од Скопје  пријавил дека истиот ден околу 20.00 часот на ул.„Бранислав Нушиќ“ бил каснат од куче скитник во пределот на левата потколеница.  

Во текот на изминатите денови (17, 18 и 19.05.) на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје се случиле 30 сообраќајни незгоди во кои две лица се здобиле со тешки телесни повреди, а 14 лица поминале со телесни повреди. Од преземените мерки констатирано е дека 125 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената, а од сообраќај се исклучени 58 возачи од кои: 55 возачи затоа што управувале возила без да се стекнат со право за управување на моторно возило и тројца затоа што биле возачи-почетници. ПОкрај ова, 13 возачи се санкционирани поради поминување на крстосница на црвено светло, деветмина поради недавање првенство на минување на пешаци, двајца возачи поради неправилно престројување, како двајца возачи поради неправилно престигнување, додека пак 13 возачи се санкционирани поради неносење сигурносен појас за време на управување на моторно возило и 31 возач поради користење на мобилен телефон при управување на возило. Исто така, од сообраќај се  исклучени 48 возила бидејќи биле нерегистрирани. Во однос на пешаците санкционирани се седумина пешаци поради поминување коловоз вон пешачки премин. Во текот на изминатите денови издадени се 200 мандатни платни налози за непрописно паркирање и 134 возила се подигнати со специјално возило „пајак".

На 19.05.2019 година во 23.30 часот на Граничен премин Табановце, при преглед на товарно возило „Форд Транзит“ со бугарски национални ознаки, управувано од П.П.(47) од Република Бугарија, во кровниот дел од возилото, во наменски прилагоден простор, царински и полициски службеници пронашле осум лица-мигранти од Ирак, кои не поседувале документи за идентификација. Возачот П.П. бил приведен и предаден на полициски службеници од СВР Куманово за понатамошна постапка. По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.                  

 

СВР Штип, по преземени мерки и активности, расчисти седум кривични дела од кои двекривични дела - “разбојништва“, една „разбојничка кражба“, три кривични дела - “тешка кражба на дрзок начин“ и едно кривично дело - “насилство“, сите извршени на подрачјето на Штип. Според досегашната истрага, постојат основи на сомнение дека овие кривични дела се извршени од лицата Е.И.(24), А.М.(26), Б.Н.(26) и М.Д.(24), сите од Штип, кои од претходно се познати како извршители на исти или слични кривични дела за кои веќе биле осудувани и издржувале казна затвор. По целосно документирање на кривично правните настани против наведените лица ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави до Основното јавно обвинителство. Двајца од сторителите се лишени од слобода и спроведени до Казнено поправни установи за издржување на претходно изречени казни.

 

Полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Битола, за време на викендот извршиле засилени сообраќајни контроли и притоа контролирани се 1284 возачи, од кои 32 возачи управувале возило без возачка дозвола, седумина користеле сигурносен појас, а дозволената брзина ја надминале 95 возачи. Под дејство на алкохол биле петмина возачи, а четворица возачи зборувале на мобилен телефон при управување на возилото. Од сообраќај се исклучени 22 возила затоа што биле нерегистрирани.  

 

На 19.05.2019 година околу 14.40 часот во Полициската станица Струга, Ф.М.(52) од Битола пријавил дека на регионалнниот пат Струга-Подмоље, покрај река Сатеска, на околу 50 метри од мостот, додека собирал старо железо, во кеса пронашол муниција. Полициски службеници излегле на местото, извршиле увид, при што било констатирано дека во кесата имало околу 130 куршуми од разен калибар и пет испукани патрони за ловна пушка. 

 

На 19.05.2015 година околу 22.00 во СВР Тетово било приајвено дека во угостителски објект на ул.„Јане Сандански“, М.А.(20), К.Н.(20) и Ф.К.(20), сите од село Порој, тетовско, физички го нападнале Ј.Ј.(21) од Тетово. Притоа, според пријавата, М.А. со остар предмет му нанел убодна рана на левата рака на Ј.Ј. кому му била укажана лекарска помош во Клиничка болница – Тетово. Истиот ден во 23.20 часот М.А., Ф.К. и К.Н. се пријавиле во Полициската станица Тетово, по што биле задржани за понатамошна постапка. Се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот. 

 

На 19.05..2019 година во СВР Велес, Д.Г.(61) од Велес пријави дека истиот ден околу 12.00 часот, додека се движел низ „Младинскиот Парк“ во Велес, бил каснат од куче скитник во пределот на левата надколеница.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Прилеп поднесе кривична пријава против Д.А.(34) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 28.04.2019 година околу 04.00 часот пред ноќен клуб на улица „Гоце Делчев“ во Прилеп пријавениот физички го нападнал П.Н.(39) од Скопје и му нанел тешки телесни повреди.

 
 

СВР Тетово поднесе известување против Ч.К.(17), Е.О.(19) и еден 13-годишник, сите од село Ларце, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „грабнување во обид“. На 14.04.2019 година околу 19.00 часот во село Ларце, тетовско, се обиделе во патничко возило да внесат 11-годишно девојче, кое успеало да избега.

 

СВР Велес поднесе кривична пријава против Д.Д.(38) од Куманово и С.Б.(43) од Велес поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 14.05.2019 година на автопатот Скопје – Велес, кај наплатната рампа „Сопот“, полициски службеници извршиле преглед на патничко возило „Фиат Пунто“, управувано од второпријавениот, во кое бил и првопријавениот како сопатник, при што пронашле и одзеле околу еден килограм опојна дрога - марихуана.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против А.О.(19) од село Равен, гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни суптанци и прекурсори“. На 06.10.2018 година во Гостивар полициски службеници извршиле при преглед на лица и возило, управувано од Р.И. од село Равен, сопственост на пријавениот, кој бил сопатник, до пријавениот пронашле и одзелени марихуана.