Извадок на дел од дневни настани 19.05.2019

 На 18.05.2019 година околу 10.40 часот на магистралниот пат Струмица-Граничен премин „НовоСело“, помеѓу с.Дабиле и с.Босилово, патничко возило „Фиат Браво“ со струмички регистарски ознаки, управувано од И.Г.(61) од с.Босилово, излетало од патот и удрило во дрво. Од здобиените повреди, возачот И.Г. починал на местото, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Увид на местото извршила увидна екипа од СВР Струмица.

 

На 18.05.2019 година во 20.35 часот кај мостот во с.Љубош кон с.Батинци, скопско, патничко возило „Нисан Навара“ со италијански национални ознаки, управувано од Т.С.(32) од с.Црни Врв, скопско, удрило во седумгодишно момче од с.Цветово, скопско. Детето се здобило со тешки телесни повреди и било пренесено во Ургентен центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, каде му била укажана лекарска помош и било задржано на понатамошно лекување и се наоѓа во животна опасност. Увид на местото извршила екипа од СВР Скопје.  

 

На 18.05.2019 година во 19.30 часот во Полициската станица Гази Баба било пријавено дека лицето  В.С.(37) од Скопје било пронајдено, односно само се вратило дома. Лицето беше пријавено за исчезнато на 09.05.2019 година од неговиот татко Д.С.(63) од Скопје.

 

На 18.05.2019 година околу 14.20 часот во СВР Струмица било пријавено дека во с.Зубово, струмичко, додека Б.К.(66) од с.Зубово работел во нива со трактор под пластеници, една метална шипка од пластеникот се откачила и го удрила во задниот дел на главата, по што починал. Лекар од Итна медицинска помош констатирал, а увид на местото извршила екипа од СВР Струмица. Со согласност на Јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на семејството за погреб.

 

 На 19.05.2019 година околу 01.30 часот во Полициската станица Карпош, Х.З.(24) од Скопје пријавил дека на ул.„Иван Аговски“ бил каснат од куќе скитник во пределот на  десната надколеница.    

На 19.05.2019 година во 00.40 часот во СВР Скопје било пријавено дека во периодот од 23.30 на 18.05.2019 до 00.10 часот на 19.05.2019 година 15-годишно момче од Скопје било физички нападнато од поголема група непознати лица. Според пријавеното, додека тој и двајца негови другари шетале по кеј на реката Вардар, бил пресретнат и нападнат од лицата. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот. 

 

На 19.05.2019 година во 00.45 часот во СВР Скопје било пријавено дека во угостителски објект на ул.„Мирослав Крлежа“ во Скопје, А.Г.(37) од Скопје бил физички нападнат од В.Н. и три непознати лица. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

 

На 18.05.2019 година околу 04.50 часот во СВР Скопје, П.С.(19) од Крива Паланка пријавил дека пред дискотека во градскиот парк бил физички нападнат од И.Ц.(30) од с.Тромеѓа, кумановско- обезбедување во дискотеката. Според пријавеното, во моментот кога П.С. и неговите другари излегле од дискотеката, непознато лице фрлило шише кон патничко возило „Ауди“, до кое тие застанале. Исто така, според пријавеното, тогаш им се доближиле И.Ц., Б.И.(23) од Скопје и Ф.М.(25) од Скопје, обезбедување во дискотеката, и побарале од нив да ја платат штетата бидејќи сметале дека тие го фрлиле шишето. Според пријавеното, во еден момент И.Ц. физички го нападнал П.С. и од паричникот му одзел пари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 18.05.2019 година во 04.50 часот во Полициското одделение Петровец, А.Ј.(31) од Скопје пријавил дека во населба Илинден бил физички нападнат од непознато лице. Според пријавеното, А.Ј. со такси возило возел две лица до населба Илинден и кога им рекол дека треба да платат тие излегле од возилото и почнале да бегаат, по што едно од лицата се вратило и физички го нападнало. По преземени мерки било пронајдено и приведено лицето А.С.(17) од с.Текија. Сочинет записник за констатиран прекршок по член 12 и член 6 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир и по член 9 став 1 од Закон за лични карти.  

 

На 18.05.2019 година во 13.50 часот во Полициската станица Центар, И.С.(18) од Скопје пријавил дека на 17.05.2019 година околу 03.00 часот во ноќен клуб на ул.„Кеј 13-ти Ноември“ во Скопје бил физички нападнат од непознато лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

 

На 18.05.2019 година во 03.00 часот во Полициската станица Аеродром, Н.А.(41) од с.Арачиново, скопско, пријавил дека на 17.05.019 година околу 17.00 часот на бул.„Трета Македонска Бригада“ неговиот малолетен син и тројца негови другари биле физички нападнати од две непознати лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 18.05.2019 година во 15.45 часот во Полициската станица Центар, Б.П.(56) од Скопје пријавил дека истиот ден околу 13.15 часот пред менувачница во која работел на ул.„Васил Главинов“ бил физички нападнат од лицето С.Ч., при што се здобил со тешка телесна повреда. Со лицето С.Ч. бил извршен разговор и по целосно документирањена случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.  

 

На 18.05.2019 година во 10.15 часот во Полициската станица Ресен, од Јавната здравствена установа Ресен било пријавено дека во куќата на П.Х. од с.Јанковец била пронајдена почината В.К.(55) од с.Јанковец. Полициски службеници излегле на местото и извршиле разговор со сопственикот на куќата и нејзиониот сопруг К.К.. Според нивните изјави, на 17.05.2019 година во вечерните часови сите заедно отишле во куќата на П.Х. и околу 22.30 и е слошило, по што легнала и најверојатно во текот на ноќта починала. Увид извршиле Јавен обвинител и екипа од Полициската станица Ресен. По наредба на Јавен обвинител, телото на починатата било дадено на обдукција.

 

На 18.05.2019 година во СВР Штип, Е.Ј.(31) од Штип пријавила дека истиот ден околу 02.00 часот од домот се оддалечила нејзината 14-годишна ќерка. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

 

На 18.05.2019 година во 21.00 часот во Полициската станица Чаир, Н.С.(48) од Скопје пријавил дека на 16.05.2019 година околу 19.00 часот, 14-годишно девојче, на кое тој и е очув, заминало од домот во непознат правец. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

 

На 18.05.2019 година во Полициската станица Драчево, Т.Ѓ.(75) од Скопје пријавил дека на 17.05.2019 година во периодот од 18.30 до 23.50 часот непознат сторител извршил тешка кражба во неговата куќа. Сторителот со употреба на сила влегол во куќата и одзел пиштол „ЦЗ-99“ калибар 9мм, пиштол „ТТ М-57“ калибар 7,62мм со една рамка и златен накит. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.