Извадок на дел од дневни настани 15.05.2019

 

На 14.05.2019 година во 23.40 часот на бул.„ Борис Трајковски “ во Скопје се случила сообраќајна несреќа помеѓу товарно возило „Мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, управувано од  М.Ј.(44) од Скопје “ и патничко возило „Рено 5“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Ј.Л.(43) од Скопје. Во несреќата возачот Ј.Л. и сопатниците во возилото „Рено“ - С.Н., А.Т. (54) од Скопје, Е.Т. (37) од Скопје и И.А. (40) од Скопје починале на местото на настанот, додека, пак, возачот на товарното возило - М.Ј. се здобил со повреди и бил пренесен во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ каде му била укажана лекарска помош и бил задржан на понатамошно лекување. Увид на местото извршил Јавен обвинител и увидна екипа на СВР Скопје. По наредба на Јавен обвинител телата на починатите биле предадени за обдукција.

 
На 14.05.2019 година во 14.45 часот на паркинг простор на ул.“23-ти Октомври“ во Скопје, патничко возило „Фиат Добло“ со скопски регистарски ознаки, управувано од А.С.(35) од Скопје, удрило во двегодишно девојче од Скопје. Од ударот детето се здобило со тешки телесни повреди и со истото возило било пренесено во Градската општа болница „Св.Наум Охридски каде му била укажана лекарска помош. Во 15.20 часот детето им подлегнало на повредите. Увид на местото на настанот извршиле Јавен обвинител и увидна екипа од СВР Скопје.

 
На 14.05.2019 година во 14.00 часот на магистралниот пат Кичево-Гостивар, на влез за с.Бокојчани, С.С.(42) од с.Србица, кичевско, управувајќи патничко возило „Опел Омега“ со охридски регистарски ознаки, изгубил контрола над возилото и излетал од патот. Тој се здобил со тешки телесни повреди и со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Медицински центар Кичево, од каде бил префрлен во Ургентен центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за понатамошно лекување. Увид извршила екипа од Полициската станица Кичево.

 
На 14.05.2019 година околу 19.00 часот на автопатот Скопје – Велес, кај наплатна станица „Сопот“, при контрола на возило „Фиат Пунто“ со велешки регистарски ознаки, управувано од С.Б.(33) од Велес, полициски службеници  пронашле кесе со околу 1,1 кг. марихуана. По целосно документирање на случајот против С.Б. ќе биде поднесена соодветна пријава. 

 
СВР Скопје поднесе кривична пријава против  М.М.(49) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело - “неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 27.02.2018 година во Скопје полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што пронашле и одзеле опојна дрога - кокаин.

 
СВР Битола поднесе кривична пријава против А.Б.(28) од Битола а поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 09.07.2017 година во Казнено-поправната установа Затвор – Битола, при претрес на личните работи на пријавениот, била пронајдена и одземена опојна дрога - хероин.   

 
Во текот на изминатиот ден (14.05.) на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје се случиле шест сообраќајни незгоди во кои шест лица ги загубиле животите. Од преземените сообраќајни мерки констатирано е дека 15 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената. Наедно, четворица возачи се санкционирани поради поминување на крстосница на црвено светло, еден возач поради недавање првенство на минување на пешаци, шестмина поради неправилно престројување, а исто тоолку возачи заради неправилно престигнување. Тројца возачи се санкционирани поради неносење сигурносен појас за време на управување на моторно возило а 18 возачи поради користење на мобилен телефон при управување на возило. Покрај ова, од сообраќај се исклучени 28 возачи: 26 затоа што управувале возила без да се стекнат со право за управување на моторно возило, а двајца биле возачи почетници. Од сообраќај се исклучени и 15 возила бидејќи биле нерегистрирани. Во текот на изминатит ден издадени се 65 мандатни платни налози и 50 возила се подигнати со специјално возило „пајак".  

 
На 15.05.2019 година околу 01.00 часот полициски службеници од Полициска станица Гостивар, поради сомнение за непријавен престој и нелегална работа, ги привеле албанските државјани Г.Џ.(37), П.Х.(46), Б.М.(35) и А.Х.(40). Тиe се приведени и задржани во Полициската станица Гостивар по што ќе бидат предадени во Отсекот за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија.
 
На 15.05.2019 година околу 06.30 часот во Секторот за внатрешни работи Тетово било пријавено дека во месноста „Бањиче“ во Тетово имало паднато машко лице облеано во крв. По преземени мерки лицето е идентификувано и се работи за С.М.(25) од Тетово. Поради сериозноста на повредите тој бил префрлен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Увид извршила екипа од СВР Тетово. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 
На 15.05.2019 година околу 01.00 часот во Полициското одделение Пехчево било пријавено дека настанал пожар во фирмата „Нова Рефректор“. Со пожарот биле зафатени печка на нафта, комплетната инсталација во халата и инвентарот. Пожарот бил локализиран од екипа на Територијалната противпожарна единица Берово. Повредени лица нема. Увид бил извршен.

 
На 14.05.2019 година во 13.00 часот во СВР Тетово и во Полициското одделение Сарај, М.Н. - претседател на одбор на бранители, пријавил дека била откорната спомен плочата на загинатите бранители, која била поставена на автопатот Тетово-Скопје на место викано „Карпалак“. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 
На 14.05.2019 година околу 23.30 часот во Полициското одделение Галате, П.Х. од Република Албанија пријавил дека во куќа во која престојувале привремено во село Неготино настанала физичка пресметка помеѓу А.Х.(29) и Ф.П.(46), двајцата од Република Албанија. Според пријавеното, А.Х. го турнал Ф.П. кој паднал и се здобил со тешки телесни повреди. Тој бил пренесен во гостиварската општа болница „Ферид Мурад“, по што бил префрлен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Извршен бил увид на местото. А.Х. е приведен и задржан во Полициската станица Гостивар за натамошна постапка. Се работи на целосно расчистување на случајот.

 
На 14.05.2019 година во 01.15 часот во СВР Скопје, А.Е.(44) од Скопје, пријавил дека истиот ден околу 01.10 часот на бул.„Кузман јосифовски Питу“ неговиот 16-годишен син бил физички нападнат од четири непознати лица. Според пријавеното, неговиот син бил нападнат додека шетал со свој другар, кој успеал да побегне. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

 
На 14.05.2019 година во 11.45 часот во СВР Скопје, од граѓанин било пријавено дека на бул.„Македонско-косовска бригада“, во тревник пред куќите, имало бебе кое плачело. Од екипа на Итна медицинска помош бебето било однесено во Детската клиника и било во добра здравствена состојба. Идентитетот на бебето и мајката се уште е непознат. За настанот се запознаени социјални работници и се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

 
На 14.05.2019 година околу 17.30 часот во СВР Скопје, Ф.С.(17) од село Катланово пријавил дека во атар на село Катланово, кај „Катлановска Бања“, непознато лице се обидело да го нападне со секира. Според пријавеното, додека Ф.С. управувал мотоцикл, бил повикан од непознатото лице кое со секира замавнало кон него и со секирата удрило во задниот дел од мотоциклот. После тоа, исто така според пријавата, Ф.С избегал и за настанот го известил неговото семејство. Кога сите заедно повторно отишле на местото го збележале лицето со нож во раката, по што заминале. Се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.

 
На 13.05.2019 година во СВР Тетово било пријавено дека во куќата сопственост на С.Г.(72) во с.Брвеница, тетовско, непознат сторител извршил тешка кражба. Сторителот со употреба на сила влегол внатре и одзел пиштол „ЦЗ“ калибар 9мм. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.  

 
На 14.05.2019 година во 12.15 во Полициската станица Карпош, В.Р.(27) од Скопје пријавил дека на 13.05.2019 година околу 13.30 часот на ул.„Франклин Рузвелт“ во Скопје бил каснат од куче скитник во пределот на десната потколеница

 
СВР Охрид поднесе кривична пријава против С.Т.(52) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 04.05.2019 година во Охрид полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што пронашле и одзеле рачно изработени цигари со мешавина од марихуана и тутун, додека при претрес во неговиот дом била пронајдена и одземена марихуана. Од страна на судија од Основен суд Охрид, на пријавениот му е одредена мерка притвор во траење до 30 дена.   

 
СВР Битола поднесе кривична пријава против С.Ј.(26) и Б.Н.(21), двајцата од село Новаци и Ф.Р.(19) од село Рибарци поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“. На 27.05.2018 година околу 21.00 часот во село Рибарци пријавените со употреба на физичка сила одзеле пари и разновиден алат од Г.Р.(81) во нејзината куќа.   

 
СВР Битола поднесе кривична пријава против Т.С.(40) од село Добрушево, битолско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „спречување на избори и гласање“. На 21.04.2019 година околу 17.40 часот во село Добрушево, на избирачко место, пријавениот започнал вербална расправија со избирачкиот одбор и набљудувачите, при што ја турнал кутијата со избирачкиот материјал.  

 
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Берово поднесе кривична пријава против 16-годишник од беровско село поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „прикажување на порнографски материјал на малолетник“. Во текот на март 2019 година 15-годишно девојче на пријавениот, преку мобилен телефон, му испратило фотографии со експлицитна содржина, по што тој ги прикажал фотографиите на повеќе негови другари.