Извадок на дел од дневни настани 14.05.2019

 На 13.05.2019 годинa во 16.00 часот на регионалниот пат Скопје-Тетово, патничко возило „Ровер“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од А.К.(39) од Тетово, удрило во карпест брег покрај патот. А.К. се здобил со тешки телесни повреди и бил пренесен болницата во Тетово, каде му била укажана лекарска помош и бил задржан на лекување.  Увид извршила екипа од СВР Скопје.

 
На 13.05.2019 година во 12.00 часот на регионалниот пат с.Јажинце-Тетово, во с.Беловиште, Б.Ј.(45) од с.Рогачево, управувајќи патничко возило „Пежо“ со тетовски регистарски ознаки, изгубил контрола и излетал од патот. Б.Ј. се здобил со тешки телесни повреди и со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Клиничкиот центар Тетово, но поради сериозноста на повредите бил препратен во Градската општа болница „8-ми Септември“ во Скопје. Увид извршила екипа на СВР Тетово.

 
СВР Куманово, до Основното јавно обвинителство Куманово, поднесе кривична пријава против М.Р. (31) од Полска, со привремено живеалиште во Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело - “неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 10.05.2019 година полициски службеници извршиле претрес во домот каде живеела пријавената, при што пронашле и одзеле марихуна, мешавина од тутун и марихуана и повеќе предмети со остатоци од марихуана.

 
На 13.05.2019 година во 23.10 часот во Полициската станица Гостивар бил приведен Џ.Џ.(24) од Република Турција, кој непријавено престојувал во земјава и непоседувал документи за идентификација. Тој бил задржан за натамошна постапка.

 
На 13.05.2019 година во 12.50 часот во Полициската станица Аеродром, Љ.М.(49) од Скопје пријавил дека на 12.05.2019 година во 20.00 часот на ул.„Партение Зографски“ бил каснат од куче скитник во пределот на десната потколеница.

 
Во текот на изминатиот ден (13.05.) на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје се случиле 12 сообраќајни незгоди во кои седум лица се здобиле со лесни телесни повреди. Од преземени мерки и активности од сообраќај биле исклучени 13 возачи затоа што управувале возила без да се стекнат со право за управување на моторно возило. Покрај ова, седумина возачи се санкционирани минување на крстосница на црвено светло, седумина поради недавање првенство на минување на пешаци, четворица возачи се казнети поради неправилно престројување, еден возач поради неправилно престигнување. Исто така, санкционирани се тројца возачи на мотоцикли поради неносење заштитен шлем, петмина - поради неносење сигурносен појас за време на управување на моторно возило и 18 возачи поради користење на мобилен телефон при управување на возило. Напоредно со овие мерки од сообраќај биле исклучени 31 возило од кои пак 18 биле нерегистрирани а на 13 им била истечена важност на сообраќајна дозвола. Во однос на пешаците санкционирани се тројца пешаци поради поминување коловоз вон пешачки премин и двајца - поради поминување коловоз на црвено светло. Во текот на изминатиот ден издадени се 70 мандатни платни налози а 52 возила се подигнати со специјално возило „пајак".  

  На 13.05.2019 година во 11.10 часот во Полициската станица Ресен, Н.С.(61) од Ресен пријавил дека на 12.05.2019 година околу 23.00 часот тој и М.Т., двајцата вработени како лиценцирани рибочувари, на местото викано „Пиргон“, физички биле нападнати од страна на лицата С.Н. и Г.Н двајцата од Ресен. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
 

На 13.05.2019 година околу 13.30 часот било пријавено дека во село Росоман бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Д.С.(24) од Скопје и М.Н.(39) од Градско. Според пријавата, во еден момент М.Н. со шипка почнал да удира по патничкото возило „Сеат Леон“, сопственост на Д.С., во кое биле и И.Д.(23) и П.И.(23), двајцата од Скопје. Притоа Д.С. со пиштол му се заканил на М.Н. По преземени мерки, двајцата биле приведени во Полициската станица Кавадарци за понатамошна постапка. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.    

 
На 13.05.2019 година во 15.12 часот во СВР Скопје од Ургентен центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“ било пријавено дека кај нив бил донесен повреден 13-годишен ученик од основното училиште „Петар Здравковски Пенко“ во Чаир. По преземени мерки било утврдено дека во спортската сала во училиштето ученикот бил физички нападнат од повеќе ученици од истото училиште. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 
На 10.05.2019 година во 09.00 часот во СВР Битола, педесет и две годишен битолчанец пријавил дека наводно во текот на 2018 година се до март 2019 година, во повеќе наврати, неговата поранешна сопруга извршила обљуба и други полови дејствија врз нивниот малолетен син. За настанот бил известен Јавен обвинител и се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

 
На 14.05.2019 година во 05.10 часот во Полициската станица Штип било пријавено дека на паркингот на ул.„Борис Крајгер“ во Штип имало опожарено возило. Полициски сслужбеници излегле на местото и било утврдено дека пожарот настанал во патничко возило „Пасат“ со бугарски регистарски ознаки, сопственост на Ѓ.К.(25) од Штип. Пожарот бил изгаснат и бил извршен увид. Се разботи на расчистување на случајот.

 
Надворешната канцеларија за криминалитички работи Крива Паланка, до Основното јавно обвинителство Крива Паланка, поднесе кривична пријава против М.М. (69) од Крива Паланка и С.Р.(62) од Крива Паланка поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ како и против П.В.(68) од Крива Паланка и неговата приватна фирма поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“. Во периодот од 2011 до 2016 година, М.М. – директор на СОУ „Ѓорче Петров“ од Крива Паланка, без да обезбеди одобрение за градба, согласност и потребна техничка документација од општина Крива Паланка, склучил повеќе договори за изведување на градежни работи во СОУ„Ѓорче Петров“ со избраниот најповолен понудувач, приватната фирма, сопственост на пријавениот П.В. Управителот П.В., како изведувач склучил договори за вршење на стручен надзор со С.Р. - управител на приватна фирма за  проектирање и инженеринг. На тој начин М.М. на П.В., на неговата фирма и на С.Р. им овозможил да се стекнат со противправна имотна корист на штета на Буџетот на Република Северна Македонија во вкупен износ од 10.372.580 денари.

 
Надворешната канцеларија за криминалитички работи Кочани поднесе кривична пријава против Р.Џ.(21), Б.Р.(23) и Ш.А.(20), сите од Кочани, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“. На 11.05.2019 година околу 06.00 часот во Градскиот трговски центар во Koчани пријавените со употреба на физичка сила од оштетениот З.Л.(48) од село Спанчево, кочанско, одзеле пари, клучеви од патничко возило и лични документи.  

 
СВР Куманово поднесе кривична пријава против Д.Ц.(35) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 07.11.2018 година во Куманово полициски службеници извршиле преглед над В.Т. од Куманово, при што пронашле и одзеле хероин и марихуана што претходно ги набавил од пријавениот.  

 
СВР Охрид поднесе кривична пријава против Б.А.(22) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 16.11.2018 година во Охрид, ученик во ОЕМУЦ на друг ученик му дал да конзумира рачно изработена цигара, која претходно ја набавил од пријавениот. По ова, двајцата се вратиле на настава, по што на ученикот што ја конзумирал дрогата му се слошило и била побарана лекарска помош.

 
Надворешната канцеларија за криминалитички работи Кичево поднесе кривична пријава против Д.А.(23) од село Визбегово, скопско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „недозволено изработување држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 09.05.2019 година околу 14.40 на магистралниот пат Кичево-Гостивар полициски службеници при преглед на патничко возило „Сеат Ибица“, управувано од А.И.(19) од Скопје, во кое како сопатник бил Д.А. пронашле 100 куршуми калибар 38 мм, 200 куршуми калибар 7,65 мм, 150 куршуми калибар 7,62 мм и 162 куршуми калибар 9 мм.

 
СВР Битола поднесе кривична пријава против лицата M.М.(43) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина“, против Д.М.(40) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина“ и „злоупотреба на службената положба и овластување“ и против приватна фирма поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина“. На 09.10.2018 година второпријавениот, како член на одборот на директори на третопријавеното правно лице му издал потврда со невистинита содржина дека првопријавената претходно била вработена како лаборант во правното лице. По ова, М.М. потврдата ја приложила во документацијата која ја доставила до Биотехничкиот факултет во Битола, а по објавен конкурс за вработување како лаборант. На овој начин таа се стекнала со противправна имотна корист од 140.000 денари.