Извадок на дел од дневни настани 12.05.2019


На ден 11.05.2019 година, околу 18,30 час во близина на манастирот “Свети Атанасие“, во атарот на село Локвени, додека Н.З. (31) од село Локвени управувал трактор марка “Фиат“ со кој се движел по ридот во близина на патот од с. Локвени кон манастирот “Свети Атанасие“, во еден момент од засега непознати причини тракторот се превртел, при што Н.З. бил потиснат под возилото. Во близина на местото се нашле лицата Б.Е. и Н.З коишто го извадиле повредениот и се упатиле кон Градската болница во Прилеп,  но во близина на село Врбјани, повредениот им подлегнал на повредите. Смртта е констатирана од доктор од ИМП-Прилеп. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од ПСОН Прилеп, и се работи на целосно расчистување на случајот.
 
 
На 11.05.2019 година, во 10,30 часот во Куманово, на ул.“3-та Македонска Ударна Бригада“, додека Б.А. (31) од Куманово , вработен во приватна фирма, работел на објект во еден момент од засега непознати причини се лизнал и паднал од први кат на објектот при што се здобил со тешки телесни повреди.Истиот бил пренесен во Општата болница Куманово, од каде, заради тежината на повредите бил префрлен во Ургентен центар во Скопје.
 

На 11.05.2019 година околу 17,30 часот во Единицата за известување и команда Скопје од  Ургентен центар Скопје пријавено е дека кај нив била донесена повреден В.М. (25) од Скопје која имала убодна рана од остар предмет во пределот на абдоменот. Според нејзин исказ по претходна расправија со сопругот во нивниот дом, таа се самоповредила со нож во пределот на абдоменот.Со возило на Итна медицинска помош е пренесена во Ургентен центар, каде и се констатирани тешки телесни повреди и е задржана на понатамошно лекување.Се работи на целосно расчистување на случајот.


На 12.05.2019 година во 03,08 часот во ЕИК-Скопје, Д.В. пријавила дека на ул.„Теодосиј Синаитски“ во Скопје било опожарено паркирано патничко моторно возило “Мерцедес“ со скопски регистарски ознаки , сопственост на Осигурителна компанија .Од страна на екипа на БППЗ-Скопје пожарот е локализиран. Увид ќе се врши во текот на денот.

 На 12.05.2019 година во 02,30 часот во Полициската станица Чаир, С.К. (33) од Скопје пријавил дека на 11.05.2019 година околу 21,30 часот на ул.„Б.Буна“, неговото малолетно дете Е.С. (13) било полово малтретирано од детето Ј.С. Според наводите на пријавителот, нападот престанал кога на местото на настанот се појавил братот на нападнатото дете, по што малолетникот Ј.С. побегнал.Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето и расчистување на случајот.


На 11.05.2019 година во 22,00 часот во Полициската станица Крушево, Б.Ј. (47) од Крушево  шумски полицаец во ШПС-Крушево, пријавил кривично дело - “загрозување на сигурноста“. Според пријавата, истиот ден околу 17,50 часот пријавителот бил излезен на терен во атар на с.Локвени, каде се случувала кражба на огревни дрва. Откако со службеното возило се упатил кон манастирот „Св.Атанасие“, забележал трактор кој бил во движење, а на тракторот биле две лица, Исто така движејќи се по патот, наишол на патничко возило “Застава 101“ без регистарски таблички, до кое имало околу половина кубик нежигосани дабови огревни дрва. Во истиот момент позади него пристигнал тракторот со двете лица, кои почнале да му упатуваат закани и навреди, по што се симнале од тракторот, земале по едно од исечените дрва кои биле покрај возилото и почнале да му се закануваат дека ќе го нападнат. Притоа едно од лицата го удrило со дрво по градите. Пријавителот бил принуден да се повлече по што заминал кон с.Локвени. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.


На 11.05.2019 година во 23,15 час лицето С.П. (48) од Скопје пријавил дека истиот ден околу 23,00 час на ул. “Методија Андонов Ченто“  физички бил нападнат од страна на три непознати  машки лица. Тие го удриле повеќе пати во пределот на главата и лицето при што му се нанесени видливи повреди. Според кажување на пријавителот до физичкиот напад дошло поради меѓусебно нетрпение по претходна расправија околу сообраќајна незгода.Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 


На ден 11.05.2019 година, во 21,50 часот вработен во Територијалната против пожарна единица од Кочани пријавил дека на ул. “Стево Теодосиевски“ во Кочани од пожар било зафатено патничко моторно возило “Цитроен Пикасо“ со скопски регистарски ознаки сопственост на лицето Т.Л (53) од Скопје . Пожарот избувнал во пределот под уредот за управување и ја зафатил електричната инсталација , по што возилото само се придвижило наназад и удрило во соседната зграда. Пожарот бил изгаснат од страна на ТППЕ-Кочани.По овластување на Јавен обвинител извршен е увид налице место. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 


На 12.05 2019 година во 09,45 час.во Полициската станица во Кичево, лицето Д.М. (71) од Кичево пријавила дека истито ден околу 09,00 часот кај влезот од старите православни гробишта на ул. “Рудничка“ во Кичево била нападната од куче скитник, при што и нанесена повреда на левата нога, по што се упатила во МЦ-Кичево каде и била дадена медицинска помош и здобиената повреда и е санирана. 


На 12.05.2019 година М.А. од село Дабиле пријавил во полициска станица во Струмица дека во 03,00 часот додека вршел обезбедување во угостителски објект во Струмица  забележал непознато машко лице видно под дејство на алкохол кое почнало да крши чаши на подот и недолично да се однесува внатре во објектот вознемирувајќи ги присутните гости, при што  од страна на обезбедувањето бил отстранет од објектот. Од страна на полициски службеници утврдено е дека пријавениот е бугарски државјанин К.Б. (39), кој е приведен и задржан  во Полициската станица во Струмица, и против него ќе биде поднесена соодветна пријава .