Извадок на дел од дневни настани 15.04.2019

 На 12.04.2019 година од 11.00 до 17.00 часот на територијата на СВР Велес извршена е акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната, при што, се изречени казни на 44 возачи, од кои пет во Велес, 21 во Кавадарци и 18 во Неготино.   

На 12.04.2019 година во периодот од 11:00 до 17:00 часот на подрачјето на СВР Струмица е спроведена акциска контрола на брзината на управување на возилата од страна на возачите. Во акцијата се констатирани 32 прекршоци, за кои се издадени триесет и два мандатни платни налози.

 

На 14.05.2019 година во 15.45 часот на улица „Војводинска“ во Прилеп, патничко возило „Пежо“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од С.Ѓ.(50) од Прилеп, удрило во шестгодишно дете од Прилеп. Детето се здобило со тешки телесни повреди и му била укажана помош во Градската болница Прилеп. Увид на местото на настанот извршила екипа од Полициската станица Прилеп. 

 

На 13.04.2019 година околу 21.45 часот на Граничниот премин „Блаце“, на паркинг во комбе „Мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, управувано од И.С.(49) од с.Глумово, скопско, било пронајдено женско лице без документи за идентификација. Во разговор со полициски службеници таа изјавила дека се вика Н.С.(18) од Косово. Лицето било предадено на полициски службеници од Одделот за прекуграничен криминал и миграции при Регионалниот центар за гранични работи Север за понатамошна постапка. 

 

На 14.04.2019 година во 13.15 часот на Граничниот премин „Ќафасан“, при контрола на лицето З. Ц.(46) од Република Албанија, било утврдено дека се наоѓа на стоп листата по барање од СМПС - Интерпол Скопје. Лицето било приведено и предадено на полициски службеници од Полициската станица Струга за понатамошна постапка.               

                                         

На 14.04.2019 година во 02.30 часот во Полициската станица Драчево, А.С.(23) од Скопје пријавил дека на 13.04.2019 година околу 22.50 часот на улица „Иван Хаџиниколов“ бил каснат од куче скитник во пределот на десната надколеница.

 

На 14.04.2019 година во 15.30 часот во Полициската станица Кисела Вода, П.К.(34) од Скопје пријавил дека истиот ден околу 14.30 часот на булевар „Борис Трајковски“ бил каснат од куче скитник во пределот на левата потколеница.

           

Во текот на изминатите денови (12, 13 и 14.04.2019 година) на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје преземени се мерки и активности и констатирано е дека 64 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената. Од сообраќај се исклучени 77 возачи од кои: 71 возач затоа што управувале возила без да се стекнат со право за управување на моторно возило и пет возачи затоа што биле возачи-почетници. Исто така, исклучени од сообраќај се и 52 возила бидејќи 50 биле нерегистрирани и две возила поради претовар. Санкционирани се 13 возачи поради поминување на крстосница на црвено светло, пет возачи поради недавање првенство на минување на пешаци, тројца возачи поради неправилно престројување, двајца поради неправилно престигнување, девет возачи на мотоцикли поради неносење заштитен шлем, 16 возачи поради неносење сигурносен појас за време на управување на моторно возило и 37 возачи поради користење на мобилен телефон при управување на возило. Во однос на пешаците санкционирани се четири пешаци поради поминување коловоз вон пешачки премин. Во текот на изминатите денови издадени се 201 мандатен платен налог и 145 возила се подигнати со специјално возило "пајак".

СВР Куманово поднесе кривична пријава против С.М.(23) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 08.03.2019 година во Куманово полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што пронашле и одзеле кокаин.

 

СВР Охрид поднесе кривична пријава против В.Х.(36) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела ,,неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“ и ,,овозможување на употреба наркотични дроги“. На 29.07.2018 година во Охрид полициски службеници извршиле преглед на патничко возило, управувано од пријавениот, во кое како совозач било лицето П.Ш. од Штип. При прегледот бил пронајден и одземен кокаин. По преземени мерки, било утврдено дека пријавениот претходната вечер му овозможил на П.Ш. да конзумира кокаин.

 

Полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Битола викендот (12,13,14) април извршиле контрола за брзина, управување без возачка дозвола, нерегистрирани возила, непочитување првенство, исправност на возилата, сигурносен појас. Притоа, било констатирано дека 87 возачи ја пречекориле дозволената брзина, 23 возачи управувале возило без возачка дозвола, нерегистрирани биле 14 возила, 11 возачи зборувале на мобилен телефон при управување на возилото и 12 возачи не користеле сигурносен појас.

 

На 12.04.2019 година во периодот од 11.00 до 17.00 часот СВР Штип спроведе акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од дозволената. При контролата било констатирано дека 23 возачи управувале со брзина поголема од дозволената надвор од населено место, додека 39 во населено место. Санкционирани се и 18 останати прекршоци..

 

На 14.04.2019 година во 18.10 часот во СВР-Скопје било пријавено дека на фудбалскиот стадион на ФК Волково во с.Волково, по завршување на фудбалскиот натпревар помеѓу ФК Волково 1964 и ФК Братство од Коњари, лицата Е.Ќ.(51), И.Ќ.(48), Ќ.Ф.(33), А.Ќ.(20) и Б.А.(30), сите од с.Коњари, скопско, фудбалери на ФК Братство, го нарушиле јавниот ред и мир. Според пријавеното, А.Ќ. и Б.А. физички го нападнале Д.В.(26) од с.Волково, скопско, фудбалер на ФК Волково 1964, а останатите лица агресивно се однесувале кон полициските службеници. Лицата биле приведени во Полициската станица Ѓорче Петров и по документирање на случајот против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци..

 

На 14.04.2019 година во 12.00 часот во Полициската станица Центар, Т.С.(19) од Република Србија, со живеалиште во Скопје, пријавила дека истиот ден околу 03.30 часот пред ноќен клуб на улица „Димитрие Чуповски“ била физички нападната од неколку женски лица. Се работи на целосно расчистување на случајот.

 

На 14.04.2019 година во 08.15 часот во СВР Скопје, М.П.(31) од Скопје пријавил дека истиот ден околу 07.00 часот на улица „Хаџи Јован Шишков“,бил физички нападнат од две лица. Се работи на целосно расчистување на случајот.

 

На 14.04.2019 година во 15.00 часот во СВР Скопје, од Итна медицинска помош било пријавено дека на булеварот „Кочо Рацин“ бил пронајден починат Т.К.(60) од Битола. Според пријавеното, тој починал додека се движел пеш, му се слошило и паднал. Била констатирана смрт без траги на насилство. По наредба на Јавен обвинител, телото било дадено на обдукција.

 

На 13.04.2019 година во Полициска станица Струмица, Т.А.(19) од село Старо Балдовци пријавила дека истиот ден во 14:50 часот пред училиштето во селото нејзиното малолетно дете било каснато од куче сопственост на В.Б. од истото село, во пределот на десната рака. Полициската станица Струмица презема мерки за расчистување на случајот.

 

На 15.04.2019 година во Полициската станица Кичево, З.К.(24) од Кичево пријавил дека околу 05.00 часот на булеварот „Ослободување“ во Кичево бил каснат од куче скитник. 

 

СВР Охрид, до надлежното јавно обвинителство, поднесе кривична пријава против К.Ч.72) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,бесправно градење”. Тој, во текот на првото тримесечје од 2019 година , на улица „Охридска бригада“ во Охрид, спротивно на Законот за градење, без одобрение за градба, изградил индивидуална куќа. Нелегалната градба била констатирана и од овластен општински градежен инспектор кој донел Решение за отстранување на градбата.

 

Полициската станица Кичево поднесе кривична пријава против Ш.И.(30) од кичевското село Туин поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „пустошење на шума“,Тој, во периодот од август до октомври 2018 година, кај месноста „Башоски ливади“ извршил бесправна сеча на 400 дабови стебла односно на 184 метри просторни огревно дрво, сопственост на И.М.,М.М, Ќ.М, и Џ.М., сите од истото село. 

 

На 15.04.2019 година околу 03,15 часот во СВР Скопје било пријавено дека во пекара на ул.„Московска“ две лица извршиле кражба. Според пријавеното, додека едното лице разгледувало што да купи, другото одзело пари од касата. СВР Скопје презема мерки за расчистување на случајот.

 

На 14.04.2019 година во 22.55 часот било пријавено дека К.М.(19) од Скопје во дворот на ОУ„26-ти Јули“ во населба .Шуто Оризари-Скопје бил физички нападнат од две лица, кои му нанеле и убодна рана со остар предмет. СВР Скопје презема мерки за расчистување на случајот.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Прилеп поднесе кривична пријава против М.О.(34) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материјали“. На 28.12.2018 година во Прилеп, на плоштадот „Методија Андониов Ченто“, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што пронашле и одзеле пиротехнички средства.

 

На 15.04.2019 година во СВР Скопје, Ј. С.(35) од Скопје пријавил дека околу 03.00 часот на ул.„Кеј 13-ти Ноември“ во Скопје непознат сторител физички го нападнал и му одзел мобилен телефон. Се работи на расчистување на случајот.