Извадок на дел од дневни настани 11.03.2019

 

Во текот на изминатите денови (08, 09 и 10.03.2019 година) на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје преземени се мерки и активности и констатирано е дека 82 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената. Од сообраќај се исклучени 73 возачи од кои: 25 возачи затоа што управувале возила под дејство на алкохол, 39 возачи управувале возила без да се стекнат со право за управување на моторно возило и девет возачи затоа што биле возачи-почетници. Исто така, исклучени од сообраќај се и 40 возила бидејќи 37 биле нерегистрирани и три возила биле технички неисправни. Санкционирани се седум возачи поради поминување на крстосница на црвено светло, осум возачи поради недавање првенство на минување на пешаци, еден возач поради неправилно престигнување, 19 возачи поради неносење сигурносен појас за време на управување на моторно возило и 22 возачи поради користење на мобилен телефон при управување на возило. Во текот на изминатите денови издадени се 253 мандатни платни налози и 157 возила се подигнати со специјално возило "пајак". Изминатите денови се случиле 23 сообраќајни незгоди во кои едно лице се здобило со тешки телесни повреди, а 19 лица поминале со телесни повреди.

 
Полициски службеници во Секторот за внатрешни работи Битола викендот на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Битола извршиле контроли врз возачите и возилата и тоа за зимска опрема, управување без возачка, нерегистрирани возила, непочитување првенство, исправност на возилата , товарни возила, појас, светло и алкохол, во сите полициски станици. Контролирани се вкупно 906 возила и возачи, а кај 15 возачи откриено е присуство на алкохол и истите се исклучени од сообраќај. При контролита, констатирано е дека 32 возачи го управувале возилото со поголема брзина од дозволената, 16 возачи управувале без возачка дозвола или со измината важност. Кај едно возило е утврдена техничка неисправност ,а на 8 возила утврдено е дека се нерегистрирани или се со измината важност на сообраќајните дозволи. 6 возачи зборувале на мобилен телефон додека управувале возило,а 1 возач извршил неправилно престигнување .Исто така при контролата откриени се и други 35 видови останати прекршоци.    

 
 
На 10.03.2019 околу 14.30 часот на ул. „11-ти Октомври“во Прилеп, А.С.(44) од Прилеп, управувајќи мопед, изгубил контрола и паднал на коловозот. Од падот А.С. се здобил со тешки телесни повреди, по што бил пренесен во болницата во Прилеп, каде му била укажана лекарска помош. Увид извршила екипа од Полициската станица Прилеп.

 
На 10.03.2019 во 12.00 часот на Граничен премин „Ќафасан“, при пасошка контрола, било констатирано дека лицето Б.С.(33) од Скопје се наоѓа на стоп листата со активна мерка за приведување и спроведување до Казнено-поправната установа Затвор Скопје“, по барање на СМПС Скопје. Б.С. бил лишен од слобода и предаден на полициски службеници од Полициската станица Струга за понатамошна постапка. 

 
На 10.03.2019 околу 14.20 часот во СВР Штип било пријавено дека на место викано „Амушкови чешми“, атар на Пехчево, настанал пожар пред викендицата во која престојувала К.М. од Пехчево. Според пријавеното, таа запалила сува трева и смет, а поради временските услови пожарот се проширил и ја зафатил викендицата, а зафатил и поголема површина со борова шума. Притоа, К.М. се здобила со повреда на левата рака и и била укажана лекарска помош. Пожарот бил локализиран од екипа на Територијалната против пожарна единица Берово, екипа од Шумско стопанство „Равна река“, екипа од Дирекцијата за заштита и спасување и други лица кои се затекнале на местото. Извршен бил увид на местото.  

 
На 10.03.2019 во 17.00 часот во СВР Штип било пријавено дека настанал пожар во село Град, делчевско, на место викано „Чука“. Од пожарот била зафатена нива од околу 10 декари со сува трева и 1 декар насад со модри сливи. Од страна на месното население и Територијалната противпожарна единица Делчево пожарот бил целосно изгаснат.  

 
На 10.03.2019 околу 16.00 часот во СВР Тетово било пријавено дека на локалниот пат Тетово-село Гермо настанал пожар, кој се проширил во дворното место на И.С.(37) и ја зафатил шталата и друг објект. Според пријавеното, пожарот го забележал И.З.(68) од Тетово, кој се обидел да го изгасне при што се здобил со повреди. Пожарот бил изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Тетово. Извршен бил увид.   

 Полициската станица Кичево поднесе кривична пријава против Н.Р.(27) од Кичево и Л.А.(28) од село Грешница поради постоење основи на сомнение за сторени девет кривични дела „тешка кражба“. Во периодот од декември минатата до февруари оваа година, пријавените со употреба на сила и погодни предмети влегувале во куќи и станови и одземале пари и други вредни предмети со што, се стекнале со протиправна имотна корист од 100.000 денари.
 
На 10.03.2019 околу 10.40 часот на регионалниот пат Скопје – ХЕЦ „Козјак“ се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „Опел корса“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ј.(70) од Скопје и непознато возило управувано од непознато лице, кое по незгодата го напуштило местото на настанот. По судирот, возилото „Опел корса“ удрило во бетонска ограда и притоа со тешки телесни повреди се здобила Д.Ј., која со возило на Итна медицинска помош била пренесена во Градската општа болница „Свети Наум Охридски“ каде и била укажана лекарска помош. Извршен бил увид на местото и се работи на расчистување на случајот.

 
Ноќта на 09/ 10.03.2019 полициски службеници на Секторот за внатрешни работи Тетово спровеле акциска контрола во 11 угостителски објекти (ТЕ-6 и ГВ-5), лоцирани во централните подрачја на Тетово и Гостивар, за откривање на угостителите кои овозможуваат престој на малолетници по 24 часот и послужување со алкохолни пијалоци. Притоа, во објект на улица „Илинденска“ биле затекнати три женски малолетни лица кои конзумирале алкохол, додека во три гостиварски објекти на улица „Живко Брајковски“ и „Беличица“ биле затекнати 14 малолетници кои престојувале по 24 часот, а четири од нив конзумирале и алкохол. По целосно документирање на случаите, против сопствениците на угостителските објекти ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

 
На 10.03.2019 во 00.30 часот во Полициската станица Струмица, поради сомнение за сторени кривични дела „недозволено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супастанци и прекурсори“ и „ввозможување употреба на наркотични дроги“, од слобода биле лишени Д.М.(22) од Охрид, Б.М.(22) од Охрид, М.К.(22) од Кавадарци и Д.А.(23) од Кавадарци, кај кои при преглед биле пронајдени и одземени амфетамини и други предмети со остатоци од амфетамин. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

 
На 09.03.2019 во 00.10 часот во Полициската станица Струмица од слобода биле лишени Ц.Т.(27) и А.Т.(25), двајцата од Струмица. При преглед на А.Т. полициски службеници пронашле и одзеле пиштол „Застава М – 57“ калибар 7,62 милиметри и еден куршум калибар 7,62 х25 милиметри, а при преглед на Ц.Т. биле пронајдени и одземени две рамки за пиштол марка „Застава М – 57“ калибар 7,62 милиметри и 13- куршуми калибар 7,62 х25 милиметри. По целосно документирање на случајот против лицата ќе биде поднесена соодветна пријава

 
На 10.03.2019 околу 13.50 часот во СВР Скопје било пријавено дека на автобуска постојка на булевар „Партизански oдреди“, при излегување од автобус на ЈСП, М.Џ.(32) од Скопје, обидувајќи се да избегне контрола на билет, го турнал В.С.(43) од Скопје, контролор во ЈСП, кој се здобил со тешка телесна повреда, На В.С. му била укажана лекарска помош во Градска општа болница „8-ми Септември“. М.Џ. бил повикан во Полициската станица Карпош и со него бил извршен разговор. Се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.  

 
На 10.03.2019 околу 18.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека во село Кучевиште, по претходна вербална расправија, З.В.(56) физички го нападнал неговиот сосед Б.М.(67), при што со тврд предмет му нанел повреди. Б.М. бил пренесен во комплексот клиники „Мајка Тереза“ каде му била укажана помош, а З.В. бил лишен од слобода во Полициската станица Чаир. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

 
На 11.03.2019 во 00.20 часот во СВР Скопје, А.Р.(37) од село Љуботен, скопско, пријавил дека на 10.03.2019 околу 23.00 часот во село Љуботен физички бил нападнат од лицата Б.М. и Б.К.. Се работи на целосно расчистување на случајот.

 
На 10.03.2019 во 20.00 часот во СВР Скопје, Т.С.(34) пријавила дека истиот ден околу 13.00 часот на улица „Јуриј Гагарин“, во парк на детско игралиште, нејзината малолетна ќерка била физички нападната од женско лице. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

 
СВР Битола поднесе кривична пријава против А.Ј.(54) од Битола поради постоење оснвои на сомнение за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со огнено оружје или распрскувачки материи“. На 08.03.2019 во Битола полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што пронашле и одзеле два пиштоли, од кои едниот „ЦЗ“ калибар 6, 35 милиметри, а другиот непозната марка со калибар 6,35 милиметри, две рамки и осум куршуми. Судија на претходна постапка на А.Ј. му одредени мерка притвор во траење од 30 дена.