Извадок на дел од дневни настани 09.02.2019

 На 09.02.2019 година во 02,30 часот било пријавено дека во Берово на раскрсницата од улицата „Пионерска“ и улицата „Карпош“ патничко моторно возило “БМВ X5“ со бугарски национални ознаки, управувано од М.К.(31) од Берово, удрило во метална ограда од двор. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобила 17 годишна сопатничка, која со возило на Итна медицинска помош-Берово била пренесена во Клиничката болница во Штип, а потоа во Комплексот клиники “Мајка Тереза“ во Скопје. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од Полициската станица Берово и се работи на целосно расчистување на случајот.

На 08.02.2019 година околу 21,45 часот од страна на полициски службеници извршена била контрола во угостителски објект во с.Добридол-гостиварско сопственост на В.Џ.(57), при што била пронајдена опрема за организирање игри на среќа “Кено“ за која сопственикот не поседувал документи, односно приредувал игри без лиценца. Пронајдената опрема била фотодокументирана и одземана за понатамошна постапка. По целосното расчистување и документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

На 09.02.2019 година во Гостивар од страна на полициски службеници биле лишени од слобода лицата В.А.(45) од с.Неготино-гостиварско и Ј.Т.(38) од Гостивар бидејќи при личен преглед кај нив бил пронајден хероин. Лицата биле приведени во Полициската станица Гостивар за понатамошна постапка. По целосното расчистување и документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.


Секторот за внатрешни работи Скопје поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство – Скопје против Г.Ѓ.(27), поради постоење на основи на сомнение дека сторил кривичното дело „Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ предвидено и казниво по член 215 од Кривичниот законик на РМ. Имено, на 06.02.2019 година, врз основа на судска наредба извршен е претрес во домот каде што престојува пријавениот, при што пронајдени се марихуана, амфетамини, хашиш-масло и други предмети. Лицето е лишено од слобода и задржано во Полициската станица Гази Баба за понатамошна постапка.


На 08.02.2019 година во 12,45 часот на Граничниот премин “Меѓународен Аеродром-Скопје“ од Стокхлом-Шведска допатувала A.B.P.E.(47) од Глоговац-Косово, а со место на живеење во Шведска. По извршената пасошка контрола и проверка дозволен и бил влез во Р.Македонија, но во 13,15 часот од страна на вработен во безбедност на ТАВ, било пријавено дека таа сака да пријави настан на полициските службеници. Од страна на A.В.Р.Е. било пријавено дека додека и била вршена контрола врз нејзиниот багаж од двајца царински службеници и биле земени 3.000 евра. Со пријавителката извршиле разговор и лица од Секторот за професионална одговорност на Царинската управа. Се работи на расчистување на случајот.



На 08.02.2019 година во 11,30 часот во Полициската станица Аеродром М.Ј.(30) од Скопје пријавил дека на 06.02.2019 година околу 00,05 часот на булеварот “Кузман Јосифовски-Питу“ во билјард клуб физички го нападнале неколку лица. Се работи на целосно расчистување на случајот.



На 08.02.2019 година во 12,00 часот К.И.(48) од Скопје, пријавила дека истиот ден околу 09,40 часот на големиот одмор во ходникот на основно училиште на улицата “Лука Геров“ нејзиниот 14 годишен син бил физички нападнат од друг ученик. Се работи на целосно расчистување на случајот.



На 08.02.2019 година во 18,00 часот во Полициската станица Прилеп С.М.(42) од Прилеп пријавил дека истиот ден околу 14,00 часот отишол во домот на Џ.О. со цел да се договорат околу нерасчистени должничко доверителски односи, а присутни биле и неговата сопруга и брат, по што настанала вербална расправија и во еден момент Џ.О. со тврд предмет го удрил пријавителот во пределот на левото рамо, а потоа и неговиот брат физички го нападнал. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.



На 08.02.2019 година во 11,00 во Полициското одделение Жеровјане С.З.(53) од с.Челопек пријавил дека на 07.02.2019 година околу 09,30 часот неговиот 10 годишен син додека бил на час по математика од страна на наставничката Х.З. од с.Челопек бил удрен со дрвен предмет по рацете. На  детето му е укажана лекарска пмош во амбулантата во с.Челопек. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот. 


На 08.02.2019 година во 00,30 часот било пријавено дека на 07.02.2019 година околу 22,20 часот во Полициската станица Гевгелија дошол Ѓ.Т.(29) од с.Моин и агресивно се однесувал кон полициски службеник. Ѓ.Т. е приведен и по документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок


На 08.02.2019 година во 12.00 часот во ПС Кочани Љ.Л.(31) од Кочани  вработена во Јавна општинска установа детска градинка на ул.„9 Мај“ во  Кочани пријавила дека истиот ден околу 08.30 часот, додека била на работа О.Ц.(33) од Кочани упатувал сериозни закани по нејзиниот и животот на останатите вработени и физички ги нападнал. Полициски службеници веднаш излегле на местото на настанот. Во ПС Кочани веднаш е повикан О.Ц. и по документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава. 



На 08.02.2019 година во 22,55 часот во СВР-Скопје, Ф.Б.(26) пријавил дека на улицата „Браќа Галеви“ додека бил во неговиот дом со неговата девојка Р.М. и уште тројца негови пријатели, лицето Н.С. од Скопје и уште три лица физички ги нападнале барајќи од Р.М. да врати пари што ги должела. Во еден момент Н.С. со нож на расклопување го удрил Ф.Б. во пределот на левата нога. Се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.


На 08.02.2019 година во 23,20 часот во Полициската станица Штип Д.Г.(32) од Штип пријавил дека на улицата “Брегалничка“ во угостителски објект физички бил нападнат од страна на Т.С.(43) од с.Градец-Виница. Се работи на целосно расчистување на случајот. 


На 08.02.2019 година околу 16,20 часот на улицата „Никола Карев“ З.Б. (44) од Скопје физички нападнал полициски службеник што извршувал работни задачи. Лицето е приведено во полициска станица и по документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.