Извадок на дел од дневни настани 08.02.2019

 

Триесет и шестгодишниот тетовец Љ. С,  вчеравечер ( 7 февруари ) околу 19 часот и 30 минути, во Полициското одделение Попова Шапка пријавил дека 29-годишниот М. Љ. и 45-годишниот Ш. Ф, исто така, од Тетово, се оддалечиле од групата со која заедно скијале на потегот од Лисец кон Долно Палчиште, по што заталкале и веќе не биле достапни на нивните мобилни телефони. Веднаш e организирана потрага по двете лица, во која учествуваа повеќе полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Тетово, а во содејство со Горскоспасителна служба, се упатиле кон посочените места и ноќеска ( 8 февруари ) околу 2 часот и 30 минути лицата се пронајдени, а потоа  пренесени до Долно Палчиште, од каде со полициско возило, биле пренесени до нивните домови.

На 07.02.2019 година во 22,00 часот  на регионалниот пат село Банско - ,,Свидовичка раскрсница“, запрено е и контролирано патничко моторно возило „БМВ“ со струмички регистарски ознаки управувано од  А.С.(23) од село Банско, струмичко. При преглед во возилото пронајдена е марихуана, семки од марихуана и метална дробилка. Лицето е лишено од слобода во СВР Струмица. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Во текот на изминатиот ден (07.02.2019 година) на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје се случиле вкупно осум сообраќајни незгоди од кои две сообраќaјни незгоди со телесни повреди и шест со материјална штета. Во сообраќајните незгоди три лица се здобиле со телесни повреди. Од преземените мерки и активности констатирано е дека 43 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената. Од сообраќај се исклучени 11 возачи од кои: тројца возачи затоа што управувале возило под дејство на алкохол и осум возачи управувале возила без да се стекнат со право за управување на моторно возило. Исто така исклучени од сообраќај се и шест возила бидејќи биле нерегистрирани. Санкциониран е еден возач поради недавање првенство на минување на пешаци, еден поради неправилно престројување, тројца возачи поради неправилно престигнување, двајца поради непоседување пропишана зимска опрема, 17 поради неносење сигурносен појас за време на управување на моторно возило и 16 возачи поради користење на мобилен телефон при управување на возило. Во текот на изминатиот ден издадени се 117 мандатни платни налози и 88 возила се подигнати со специјално возило "пајак". 


 

На 07.02.2019 година, полициски службеници во Секторот за внатрешни работи Битола извршиле сообраќајна контрола при што биле контролирани 371 возачи и возила. При контролата, констатирано е дека 32 возачи го управувале возилото со поголема брзина од дозволената, девет возачи управувале без возачка дозвола, кај двајца возачи е  откриено присуство на алкохол и истите се исклучени од сообраќај. Исто така едно возило било технички неисправно и е испратено на технички преглед. За неправилно паркирање издадени се петнаесет мандатни налози, а писмено опоменати се 12 возачи. На 65 возачи  изготвени им се мандатни платни налози и ќе се соочат со соодветни глоби, а исто така изготвени се и 26 прекршочни налози. Исто така при контролата откриени се и други 29 видови прекршоци.     

На 07.02.2019 година, во Тетово спроведена е акциска контрола за возила со неатестирани фолии, при што биле откриени 15 возила со неатестирани фолии, кои се упатени на технички преглед. Глобата за овој вид прекршок, согласно член 360 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, изнесува 300 евра во денарска противвредност.

Полициската станица од општа надлежност Демир Хисар поднесе кривична пријава против  Г.К.(47) од Демир Хисар за сторено  кривично дело “злоупотреба на службената положба и овластување“. На 08.02.2016 година пријавениот, како директор на основното училиште “Гоце Делчев“ во Демир Хисар, спротивно на одлуката на Владата на РМ од 29.07.2013 година, склучил договор со фирма од Прилеп, за патролно обезбедување на основното училиште “Гоце Делчев“ во Демир Хисар, со што нанел штета од 43.436 денари на Буџетот на училиштето. 
               
Полициската станица од општа надлежност Виница поднесе  кривична пријава против Г.А.(52) од Виница за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.  На 27.09.2017 и 12.10.2017 година пријавениот, како манипулант во ПШС “Плачковица” – Виница, издал три  испратници за превоз на дабово огревно дрво од парцела сопственост на лице  од Кочани,  без претходна согласност од истиот. 

Секторот за внатрешни работи Штип поднесе кривична пријава против З.А.(58) од Кочани и АМД „ЛОПЕН“ - Кочани, за сторено кривично дело „даночно затајување” . Во периодот од 01.01.2015 до 31.10.2018 година  првопријавениот, како управител на второпријавеното правно лице, наведувал лажни податоци за приходите на второпријавеното правно лице, со што се стекнал со противправна имотна корист од 2.160.635 денари на штета на Буџетот на РМ. 

На 07.02.2019 година во 23,10 часот во ПС Радовиш, Р.Б.(29) од Радовиш пријавил дека истиот ден околу 22,50 часот во казино во Радовиш Д.П. од Радовиш скршил апарат за игри на среќа. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Полициската станица од општа надлежност Кичево поднесе кривична пријава против В.А.(27) од село Србица, кичевско за сторено кривично дело  „недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 08.09.2018 година околу 01,05 часот во близина на село Србица, кичевско, од страна на полициски службеници, при преглед на патничко моторно возило “Сузуки Витара”, управувано од пријавениот бил пронајден и одземен пиштол  марка „тип 54“ калибар 7.62х25 мм. 

На 07.02.2019 година во 21,30 часот во СВР Скопје С.П.(40) од Скопје пријавил дека истиот ден околу 21,05 часот на улица “Народен Фронт“ во автобус на ЈСП број 33 физички бил нападнат од возачот. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 07.02.2019 година во 21,30 часот во Скопје, на булевар „Крсте Мисирков“,  Џ.И.(49) и И.Ш.(37), двајцата од Скопје агресивно се однесувале кон полициските службеници, кои преземале службени дејствија. Лицата се приведени во полициска станица за натамошна постапка. 

На 07.02.2019 година околу 11,00 часот од страна на полициски службеници била пронајдена Т.Д.(21) која на 06.02.2019 година беше пријавена за исчезната во Полициското одделение Петровец.
На 07.02.2019 година во Полициската станица Аеродром Т.Ј.(42) пријавил дека истиот ден околу 18,30 часот во село Долно Лисиче, скопско, неговиот малолетен син, кој бил заедно со уште двајца другари, физички бил нападнат од Т.Н., татко на нивна другарка. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 07.02.2019 година во 13,30 часот СВР Скопје Е.М.(50) од Скопје пријавила дека на улица “Цветан Димов“ нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од неколку малолетни лица. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

Полициската станица од општа надлежност Кичево поднесе кривична пријава против Ш.Ј.(57) и  Ш.Ј.(25), двајцата од село Зајас, кичевско за сторено кривично дело  „насилство”. На 04.02.2019 година околу 11,20 часот во Кичево на раскрсницата помеѓу  булевар „Ослободување“ и улица „Рудничка“, по претходна вербална расправија, пријавените физички ги нападнале Ф.А.(32) и Н.Б.(41), двајцата од Кичево, при што употребиле метални предмети.

Полициската станица од општа надлежност Кичево  поднесе кривична пријава против З.А.(69) од Кичево за сторено кривично дело  „измама при добивање кредит или друга погодност“,  ДШТТ „Сури Шпед” ДООЕЛ Охрид и Р.Џ.(48) од Охрид, за сторено кривично дело  „фалсификување на исправа“.  На 28.06.2016 година третопријавениот, како управител на второпријавеното правно лице, изработил лажен договор за купопродажба на патничко возило, помеѓу трето лице како продавач и првопријавениот како купувач, по што во име првопријавениот, истиот го употребил во постапка идентификација на патничко возило, во Бирото за метeoрологија при Министерството  за Економија-Скопје, со цел да ја искористи погодноста по член 24 од  Законот за возила.
На 08.02.2019 година околу 02,15 часот било пријавено дека во Скопје на улица „Франклин Рузвелт“ било  опожарено возило „Пежо 208“, сопственост на М.К.(33) од Скопје. Од огнот било зафатено и возило „Форд Фиеста“, сопственост на Б.Ѓ.(63) од Скопје. Извршен е увид. 

Дваесет и седумгодишниот тетовец М. А, вчера ( 7 февруари ) пријавил дека околу 8:30 часот на улица „Ленин“, во близина на камениот мост во Тетово, бил каснатод куче скитник во пределот на левата нога.