Извадок на дел од дневните настани 06.12.2018

На 05.12.2018 година во 21,50 часот било пријавено дека на магистралниот пат Струмица — село Ново Село, поточно на влезот во село Босилово, патничко моторно возило “Опел Корса“ со скопски регистерски ознаки управувано од М.Р.(37) од село Еднокуќево, струмичко излетало надвор од патот и се превртело. Во незгодата на местото на настанот починал М.Р. Извршен е увид на местото на настанот.

 

На 05/06.12.2018 година од 23,00 до 04,00 часот полициски службеници на Секторот за внатрешни работи Тетово, спровеле акциска контрола во угостителски објект во село Жеровјане, тетовското сопственост на Х.А.(29) од Боговиње. При контролата, во објектот биле затекнати пет странски и шест македонски државјанки. Петте женски лица од Република Србија на возраст од 21 до 29 години приведени се во Полициската станица Тетово и по кусото задржување, предадени се во Отсекот за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија за натамошна постапка.

 

Во текот на изминатиот ден (05.11.) на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје се случиле вкупно 10 сообраќајни незгоди од кои седум сообраќaјни незгоди со телесни повреди и три со материјална штета. Во сообраќајните незгоди осум лица се здобиле со телесни повреди. Од преземените мерки и активности констатирано е дека четворица возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената. Од сообраќај се исклучени четири возачи бидејќи управувале возила пред да се стекнат со право за управување на моторно возило. Исто така исклучени од сообраќај се и седум возила бидејќи шест биле нерегистрирани и едно со претовар. Санкционирани се двајца возачи кои поминале на крстосница на црвено светло, двајца неправилно се престроиле, тројца поради непоседување на зимска опрема и 13 поради користење телефон за време на управување на возилото. Во текот на изминатиот ден издадени се 74 мандатни платни налози и 75 возила се подигнати со специјално возило "пајак".

 

На 05.12.2018 година на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Тетово констатирани се над 60 сообраќајни прекршоци (Тетово -30 и Гостивар — 31). 19 прекршоци се однесуваат на непрописно паркирање, 12 се пречекорувања на максимално дозволената брзина, пет возачи почетници не се придржувале на законските ограничувања, двајца управувале без возачка дозвола и тн.Откриените сообраќајни прекршоци санкционирани се со 16 прекршочни  и 45 мандатни платни налози.

 

На поширокото тетовско подрачје, во текот на ноември годинава контролирани биле 5.384 возила. Во спроведените контроли од полициски службеници на Секторот за внатрешни работи Тетово  санкционирани се 2.201 сообраќајни прекршоци. Поради констатирани прекршоци во овој период од сообраќај се исклучени 135 возила (21 технички неисправни, 110 со истечена регистрација, а преостанатите поради различни видови други недостатоци).                       Исклучени, исто така, се и 240 возачи (130 без положен возачки испит, 78 почетници, 28 кои управувале под дејство на алкохол и тн). Откриените прекршоци заокружени се со 581 прекршочен и 1.178 мандатни платни налози, со 87 времено одземени возачки и 52 сообраќајни дозволи, додека 418 возачи впишале негативни бодови.        

 

 

Секторот за внатрешни работи Тетово поднесе кривична пријава против Д.П.(20) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. На 10.09.2018 година околу 23,30 часот, на автопатот Скопје - Тетово, на наплатната рампа во село Желино, од страна на полициски службеници при извршен преглед на патничко моторно возило ,,Форд“ , управувано од пријавениот, пронајдени и одземени се 305 грама марихуана.

 

На 05.12.2018 година во 13,00 часот во Скопје, на улица „Благоја Стефковски“, П.Ј.(39) од село Стајковци, кој управувал возило  под дејство на алкохол, го омаловажил и агресивно се однесувал кон полицискиот службеник кој преземал  мерки  во областа на сообраќајот. По преземени мерки П.Ј, е приведен во Полициска станица за понатамошна постапка.

           

Секторот за внатрешни работи Тетово поднесе кривична пријава против А.Е.(42) од Тетово, за сторено кривично дело „тешка кражба”. На 22/23.07.2018 година во времето од 19,00 до 01,30 часот  во куќа во село Слатино, тетовско, сопственост на С.Љ.(50) пријавениот со употреба на физичка сила и метален предмет влегол  внатре и одзел златен накит и парични срества, причинувајќи материјална штета од 180.000 денари.

 

Секторот за внатрешни работи Скопје поднесе кривична пријава против И.С.(37) од село Елово, скопско поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“.  На 02.09.2018 година околу 17,20 часот во село Сопиште, скопско при преземање на мерки за контрола и преглед на патничко моторно возило „Даеву Есперо“, натоварено со огревни дрва, а управувано од пријавениот, тој физички го нападнал полицискиот службеник.

 

На 05.12.2018 година во 19,55 часот во Скопје, во маркет на булевар „Илинден“  две непознати лица со закана извршиле разбојништво, при што одзеле парични средства од дневниот промет. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицата и целосно расчистување на настанот.