Извадок на дел од дневни настани 04.12.2018

На 03.12.2018 година во 17.37 часот на булевар „Кузман Јосифовски Питу“, патничко возило „Фолксваген поло“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Б.П.(38) од Скопје, удрило во пешакот М.С.(30) од Скопје. М.С. се здобил со тешки телесни повреди и со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Ургентен центар при комплекс клиники „Мајка Тереза“. Увид на местото извршила екипа од СВР Скопје. 

 

На 03.12.2018 година во 13.20 часот во Полициската станица Центар, М.С.(28) од Велес пријавила дека истиот ден околу 10.00 часот на улица „Димитрие Чуповски“ била касната од куче скитник за левата нога. 

 

Во текот на изминатиот ден (03.12.2018 година) на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје се случиле вкупно осум сообраќајни незгоди од кои една сообраќајна незгода со тешки телесни повреди, пет сообраќaјни незгоди со телесни повреди и две со материјална штета. Во сообраќајните незгоди едно лице се здобило со тешки телесни повреди и шест лица се здобиле со телесни повреди. Од преземените мерки и активности констатирано е дека 28 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената. Од сообраќај се исклучени пет возачи затоа што управувале возила без да се стекнат со право за управување на моторно возило. Исто така исклучени од сообраќај се и четири возила бидејќи биле нерегистрирани. Санкциониран е еден возач поради неправилно престројување, двајца поради неправилно престигнување и тројца возачи поради непоседување на зимска опрема. Во текот на изминатиот ден издадени се 86 мандатни платни налози и 47 возила се подигнати со специјално возило "пајак".

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Д.Ѓ.(19) од село Леуново, општина Маврово и Ростуше, поради постоење основи на сомнение за сторени пет кривични дела ,,тешка кражба”. Во периодот од октомври 2018 до декември 2018 година на подрачје на неколку населби во Гостивар пријавениот извршил пет тешки кражби во викенд-куќи. Со употреба на сила и погоден предмет тој влегувал внатре и одзел два пиштоли-експонати, воздушна пушка „Црвена застава”, разновиден алат, компјутери, алхохолни и прехрамбени производи и на тој начин се стекнал со противправна имотна корист од околу 76.500.денари. Од страна на судија на претходна постапка на пријавениот му е одредена мерка притвор во траење од осум дена.

На 03.12.2018 година околу 22.35 часот во село Боговиње, тетовско, бил приведен Р.Н.(20) од Република Албанија, кој непријавено престојувал во Република Македонија. Тој бил пронајден во патничко возило „Рено клио“ со тетовски регистарски ознаки, во кое бил и В.З.(23) од Тетово, а го управувал Ш.И.(26) од Тетово. Р.Н. бил приведен и предаден во Отсекот за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија Тетово за натамошна постапка.  

На 03.12.2018 година во 10.30 часот во Полициската станица Кисела Вода, З.С.(72) од село Ракотинци, скопско, пријавил дека на 01.12.2018 година во периодот од 12.00 до 13.00 часот бил измамен од две непознати лица за сума од 11.400 денари. Според пријавата, лицата му се доближиле на улица „Христо Татарчев“. Едното лице се претставило дека е од Македонија, а другото од Норвешка. Лицето што се претставило дека е од Македонија му кажало дека имале сообраќајна незгода и дека треба да му даде пари на странецот. Му побарало пари за да му покаже на странецот затоа што тој не ги разликувал македонските пари, а како гаранција му оставил часовник со жолта боја кој наводно чинел 70.000 денари. Откако пријавителот му ги дал парите, лицата си заминале и му рекле да ги причека. Откако поминал еден час пријавителот сфатил дека бил измамен. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Радовиш поднесе кривична пријава против Д.К.(62) и Т.Ј.(77), двајцата од Радовиш, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „лихварство“ и „изнуда“. Во текот на 2017 и 2018 година, првопријавениот му дал заем од 500 евра на С.П. од село Ораовица и на неговата невенчана сопруга Н.П.. После тоа, тие покрај основиот долг, во повеќе наврати, му исплатиле  дополнителен износ од 21.000 денари. Исто така, второпријавениот му дал заем од 50.000 денари на С.П., а тој за седум дена, покрај основниот долг, му исплатил дополнителен износ од 5.000 денари. После тоа, на 03.06.2018 околу 18.00 часот во домот на С.П. во село Ораовица, пријавените го принудиле да потпише изјава за долг од дополнителни 975 евра. Потоа, двајцата континуирано му барале исплата на наведената сума, со месечна камата од 10 % .

На 03.12.2018 година околу 20.00 часот во тобако на булевар „Видое Смилевски-Бато“ во Скопје непознат сторител извршил разбојништво и со закана од вработената одзел пари. СВР Скопје презема мерки за расчистување на случајот.  

СВР Скопје поднесе две кривични пријави против В.М.(21) и З.Т.(38), двајцата од Скопј,е поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“ и против С.Ч.(25) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. На 30.11.2018 година полициски службеници извршиле претреси во домовите на пријавените и биле пронајдени пиротехнички средства, боеви куршуми, гасен пиштол и 28 куршуми за гасен пиштол. Кај третопријавениот била пронајдена и одземена кеса со марихуана.  

На 03.12.2018 година во 08.40 часот во СВР Скопје, Ж.П.И.(47) од Скопје пријавил дека во периодот од 21.00 часот на 02.12.2018 до 07.30 на 03.12.2018 година од паркинг простор на улица „Братфордска“ му било одземено неговото возило „Мазда“ со скопски регистерски ознаки. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.