Извадок на дел од дневни настани 12.11.2018



На 11.11.2018 година  околу  11,45 часот во Секторот за внатрешни работи Скопје било пријавено дека на патеката за тркање на потегот од Панорама до Средно Водно, додека траела трката на автомобили, С.Т.(36) од Скопје управувајќи патничко моторно возило „Југо“ со скопски регистерски таблици изгубил контрола и удрил најпрвин во ѕид, а потоа во две лица Ј.Н.(39) и  А.М. (38), двајцата од Скопје. Со возило на Итна медицинска помош лицата биле пренесени во комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош и од страна на лекар кај А.М. биле констатирани тешки телесни повреди, а кај Ј.Н. констатирани биле телесни повреди. Од страна на увидна екипа од СВР-Скопје извршен бил увид и се работи на целосно расчистување на случајот.

На 10.11.2018 година во 20,30 часот било пријавено дека во атарот на с.Норово избувнал шумски пожар во кој горело стрниште, нискостеблеста дабова и борова шума. Од страна на екипа на Територијална противпожарна единица Крушево и екипа на ЈП„Липа“- Крушево било интервенирано и пожарот бил локализиран, но на некои места се уште бил активен. Се превземаат мерки за целосно гаснење на пожарот.

На 11.11.2018 година во 11,10 часот на Граничниот премин Долно Блаце на влез во Р.Македонија бил лишен од слобода Р.С.(40) од Косово врз основа на барање на СМПС-Интерпол од Норвешка. Потоа тој бил предаден на полициски службеници од Полициската станица Чаир за понатамошна постапка.

На 11.11.2018 година во 15,05 часот на Граничниот премин “Свети Наум“ при излез од Р.Македонија при проверка на патничко моторно возило „Цитроен“ со албански национални ознаки управувано од Ф.О.(36) од Р.Албанија тој приложил грчка возачка дозвола. Од страна на полициски службеници било констатирано дека е фалсификувана. Лицето било приведено и предадено на полициски службеници од СВР-Охрид за понатамошна постапка.

На 12.11.2018 година во 03.00 часот на Граничниот премин „Меѓународен Аеродром Скопје“ на излез од Р.Македонија при извршена пасошка контрола на патната исправа на М.К.Х. (25) од Бугарија констатирано било дека истата е фалсификувана, а лицето за себе кажало дека се вика И.Т. (23) од Турција. Лицето било приведено за понатамошна постапка.
 
Во текот на изминатите денови (09, 10 и 11.11.), на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје се случиле 31 сообраќајна незгода од кои три со тешки телесни повреди, 11 со телесни повреди и 17 со материјална штета. При сообраќајните незгоди три лица се здобиле со тешки телесни повреди и 17 со лесни телесни повреди. Потоа 138 возачи се санкционирани бидејќи се движеле со поголема брзина од дозволената. Исто така исклучени се и 95 возачи бидејќи  40 го управувале возилото под дејство на алкохол, 43 возачи управувале возило пред да се стекнат со право на управување на моторно возило и 12 биле возачи почетници. Од сообраќај се исклучени 32 возила бидејќи 31 возило било нерегистрирано и едно технички неисправно. Исто така санкционирани се и пет возачи кои поминале на црвено светло, тројца не дале првенство на минување на пешаци, тројца неправилно се престроиле, двајца неправилно престигнувале и еден не дал првенство на минување на возила. Во текот на изминатите денови издадени се 189 мандатни платни налози, додека исто така 119 возила се подигнати со "Пајак".

На 11.11.2018 година околу 15,45 часот на регионалнот пат Тетово-Скопје, пред влезот во село Ново Село, полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Тетово запреле патничко возило „Опел астра“ без регистерски таблици, управувано од С.Ф.(62) од село Бојане-скопско, во кое превезувал огревни дрва без потребните документи. Возилото и дрвата биле одземени и предадени на Шумската полиција за понатамошна постапка, додека С.Ф. бил лишен од слобода. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Ресен поднесе кривична пријава против М.Б.(45), С.К.(43), Е.Б.(34) и Л.К. (37), сите од Ресен поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “оштетување или повластување на доверители“.На 11.01.2017 година прво и второпријавениот, како управители на правно лице од с.Царев Двор, спротивно на решението на Основен суд Ресен за забрана за оттуѓување на три товарни возила во сопственост на правното лице, извршиле продажба на наведените товарни возила, на кои трето и четвртопријавениот извршиле промена на регистарските таблички.

 

Секторот за внатрешни работи Тетово поднесе кривична пријава против М.И.(24) од село Слатино-Теарце поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “фалсификување на исправа“. На 08.04.2018 година околу 13,30 часот во село Брезно, oд страна на полициски службеници при преглед над патничко возило “Фолксфаген Голф“, сопственост на Д.К., а управувано од пријавениот, било утврдено дека бројот на носечката конструкција не е оргинален, односно идентитетот на наведеното возило бил променет. По извршената проверка било констатирано дека со употреба на механичка алатка бил отстранет пределот на фабричкиот идентификационен број на носечката конструкција и врз така подготвената површина дополнително со употреба на механичко средство за нанесување, бил втиснат сегашниот број на носечката конструкција.

 
 

На 11.11.2018 година во 22,00 часот во Полициската станица Центар, Б.А.(21) од село Сарај-скопско, пријавил дека истиот ден околу 20,00 часот пред угостителски објект на улицата „Аминта Трети“ бил физички нападнат од две лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.