На 14.10.2018 година во 12.52 часот на улица „1-ви Мај“ во Битола се случила сообраќајна незгода во која А.В.(30) од Битола, управувајќи мотоцикл „Јијинг“ со битолски регистарски ознаки, удрил во пешакот М.И.(73) од Битола. Од ударот М.И. се здобил со тешки телесни повреди, по што бил пренесен во Клиничката болница Битола. Увид на местото извршила екипа од СВР Битола.
На 14.10.2018 година околу 14.00 часот на улица ,,Стамен Манов“ во Кочани, Б.Р.(34) од Кочани, управувајќи патничко возило ,,Фолксваген Туарег“ со скопски регистарски таблици, удрил во 14-годишно момче. Од ударот момчето се здобило со тешки телесни повреди, по што било пренесено во Клиничката болница во Штип. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од Полициската станица.
На 14.10.2018 година околу 22.35 часот на улица „Љуботенска“ во село Мала Речица, тетовско, А.К.(53) село Мала Речица со пиштол пукал во неговата сопруга Х.К.(52), по што таа починала. Подоцна, А.К. пукал и во возило „Голф“ со тетовски регистарски ознаки, во кое бил сопственикот Р.Џ.(50), а кое било паркирано на улица „179“ во Мала Речица, но не го повредил. Потоа А.К. побегнал со своето возило. Увид на местото извршиле Јавен обвинител и увидна екипа на СВР Тетово. На двете места каде е пукано биле пронајдени и подигнати по две чаури калибар 7,62 мм. По Наредба на Јавен обвинител телото на починатата било предадено на обдукција. Се преземаат мерки за пронаоѓање на А.К. и за целосно расчистување на случајот.
На 14.10.2018 година во 22.15 часот во село Чифлик, делчевско, во маалата „Тафрачка“, настанал пожар во плевна сопственост на Б.С.(83) од село Чифлик, при што изгореле неколку грла добиток. Од екипа на Територијалната противпожара единица Делчево пожарот бил локализиран, а увид ќе се врши во текот на денот.
На 14.10.2018 година во 23.00 часот било пријавено дека над село Скудриње, општина Маврово Ростуше, на место викано „Големарен“, настанал пожар , при што горела борова шума, бука, смрека, со можност за проширување кон село Скурдиње, како и кон боровата шума во атар на село Косоврасти, дебарско. Се преземаат мерки за гаснење на пожарот.
На 15.10.2018 година во 02.55 часот во село Стамер, делчевско, настанал пожар во дворно место сопсвеност на Е.В.(74) од село Стамер, при што биле зафатени две гаражи и две помошни простории. Од екипи на Територијалната противпожарна единица Делчево во 04.20 часот пожарот бил локализиран, а увид ќе се врши во текот на денот.
На 14.10.2018 година во 20.00 часот на Граничен премин „Деве Баир“, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување на исправа“ од слобода бил лишен М.К.(45) од Република Турција, кој управувал товарно возило „Рено“ и приколка со турска национална ознака. Во 21.30 часот М.К. бил предаден на полициски службеници од Полициска станица Крива Паланка за понатамошна постапка.
Во текот на изминатите денови (12, 13 и 14.10.2018 година) на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје се случиле вкупно 29 сообраќајни незгоди од кои една сообраќајна незгода со загинати лица, две со тешки телесни повреди, 14 сообраќaјни незгоди со телесни повреди и 12 со материјална штета. Во сообраќајните незгоди едно лице го загубило животот, три лица се здобиле со тешки телесни повреди и 19 лица се здобиле со телесни повреди. Од преземените мерки и активности констатирано е дека 253 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената. Од сообраќај се исклучени 112 возачи од кои: 50 возачи затоа што управувале возила под дејство на алкохол, 52 возачи управувале возила без да се стекнат со право за управување на моторно возило и 10 возачи затоа што биле возачи-почетници. Исто така исклучени од сообраќај се и 57 возила бидејќи 56 биле нерегистрирани, а едно возило било технички неисправно. Санкционирани се 10 возачи поради поминување на крстосница на црвено светло, двајца возачи поради недавање првенство на минување на пешаци, двајца поради неправилно престројување, двајца возачи поради неправилно престигнување и еден возач поради неносење заштитен шлем (кацига). Во однос на пешаците санкционирани се двајца пешаци поради поминување на коловоз вон пешачки премин и 13 пешаци затоа што поминале коловоз на црвено светло. Во текот на изминатиот ден издадени се 156 мандатни платни налози и 104 возила се подигнати со специјално возило "пајак".
На 14.10.2018 година околу 23.30 часот на патот Кавадарци - Мушов Гроб се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „Рено лагуна“ со кавадаречки регистарски ознаки, управувано од О.Д.(18) од Кавадарци и патничко возило „Ауди А4“ со кавадаречки регистарски ознаки, управувано од В.М.(55) од Кавадарци. Во незгодата со повреди се здобиле возачот В.М. и дете-сопатник во возилото „Рено“. Тие биле пренесени во Општа болница Кавадарци. Увид на местото на настанот извршила екипа од Полициската станица Кавадарци.
Регионалниот центар за граинчни работи Југ поднесе кривична пријава против Д.Б.(35) од село Трубарево, скопско поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „криумчарење мигранти“. Од страна на судија на претходна постапка на Д.Б. му била одредена мерка притвор во траење од 30 дена. На 13.10.2018 година во 22.00 часот на клучката Миравци, полициски службеници пронашле 10 лица-мигранти од Ирак, Aвганистан, Пакистан и Иран во возило „Алфа Ромео“ со скопски регистарски ознаки, управувано од пријавениот. (настанот е објавен во извадок на дневни настани од 14.10)
На 13.10.2018 година во 22.50 часот во Полициската станица Кисела Вода, Љ.Р.(59) од Скопје пријавил дека истиот ден во 22.40 часот на булеварот „Борис Трајковски“ во автобус бр.41 на ЈСП физички бил нападнат од непознато лице. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
На 15.10.2018 година во 03.29 часот било пријавено дека пред угостителски објект во Скопје настанала тепачка помеѓу Е.К.(37) од Скопје и Ј.К.(32) од Скопје. После тоа, Е.К. со приватно возило била пренесена во Ургентен центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“, а Ј.К. била приведена во Полициската станица Аеродром за расчистување на случајот.
На 14.10.2018 година во 12.30 часот во Полициската станица Валандово било пријавено дека во атар на село Севендекли, дојранско, на место викано „Ѓољџик“, било пронајдено починато лице. Полициски службеници излегле на местото и било констатирано дека се работи за лицето Г.Д.(73) од с.Собри. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт без видливи траги на насилство. По наредба на Јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција.
На 14.10.2018 година околу 17.00 часот во Полициската станица Кичево било пријавено дека настанал пожар во поширокото подрачје помеѓу кичевските села Прострање и Белица. На местото на настанот излегле екипи на противпожарната бригада и полициската станица Кичево и констатирале дека пожарот се случил во шума на три делови во атарот на двете села. Вчеравечер бил изгаснат пожарот на дел од опожарениот шумски појас, а во тек се мерки за локализирање и целосно гаснење на пожарот и на останатите две локации.
На 14.10.2018 година во 10.20 часот во Полициската станица Аеродром, Г.К.(64) од Скопје пријавил дека во периодот од 16.30 часот на 13.10.2018 до 08.30 часот на 14.10.2018 година на булеварот „12-та Македонска Бригада“ непознат сторител одзел товарно возило „Мерцедес Вито 108“ со скопски регистарски ознаки. Сторителот ја отворил незаклучената врата, влегол и со клучевите кои биле во бравата го стартувал возилото. Се преземаат мерки за пронаоѓање на возилото и сторителот и за целосно расчистување на случајот.
На 14.10.2018 година околу 09.05 часот во спортска обложувалница во Гостивар непознат маскиран сторител извршил разбојништво. Сторителот со закана со пиштол од вработениот одзел торба во која имало околу 140.000 денари, по што побегнал. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.
На 14.10.2018 година во 15.50 часот во Полициската станица Центар, С.Ѓ.(75) од Скопје пријавил дека истиот ден околу 12.00 часот на плоштад „Македонија“ бил нападнат од кучиња-скитници, од кои едно од нив го каснало на левата потколеница.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Прилеп поднесе кривична пријава против К.И.(27) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“. На 18.09.2018 година во 01.45 часот во Полициската станица Прилеп, полициски службеник пријавил дека на 17.09.2018 година околу 22.50 часот на улица „Борка Талески“ во Прилеп, при преземање службени дејствија, бил физички нападнат од К.И..
СВР Куманово поднесе кривична пријава против С.С.(48), Л.П.(57), двајцата од Скопје, Н.Ф. од село Долно Свиларе, општина Сарај и Б.А.(35) од село Глумово, општина Сарај, поради постоење онови на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“. Во периодот од 04.04.2011 до 31.08.2012 година првопријавениот и второпријавената, како раководители во Агенцијата за управување со одземен имот на Република Македонија, третопријавениот, како помошник раководител во Агенцијата за управување со одземен имот на Р.М. и четвртопријавениот, како директор на Агенцијата за управување со одземен имот на Р.М., спротивно на Законот за управување конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка, не постапиле по судска пресуда за конфискација на движен и недвижен имот на Н.С. и Б.С., двајцата од Куманово, со што нанеле штета на Буџетот на Република Македонија.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Демир Хисар поднесе кривична пријава против Г.К.(47) од Демир Хисар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба”. Во периодот од 01.08.2016 до денот на поднесување на пријавата, пријавениот по напуштањето на позицијата директор на ЦОУ „Гоце Делчев” во Демир Хисар не ги вратил преносниот компјутер и таблет, кои биле во сопственост на наведеното училиште, со што се стекнал со противправна имотна корист од 40.342 денари.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против В.Б.(34) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „употреба на исправа со невистинита содржина” и „измама при добивање кредит или друга погодност“. На 17.10.2012 година пријавениот, во име на друго лице, во Бирото за метеорологија при Министерството за Економија-Скопје, со цел да ја искористи погодноста по член 24 од Законот за возила, поднел лажна сообраќајна дозвола од Швајцарија за моторно возило „Фолксваген“, како и уверение за повратник од странство издадено од МВР - Кичево на име на трето лице, кое го обезбедил на непознат начин.
СВР Штип поднесе кривична пријава против Х.Е.(28) од Штип поради постоење основи ан сомнение за сторено кривично дело „фалсификување на пари”. На 17.08.2018 година во менувачница во Штип пријавениот се обидел да размени фалсификувана банкнота од 50 евра.
СВР Куманово поднесе кривична пријава против Н.И.(28) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вршење јавен превоз без поседување лиценца”. На 29.07.2018 година во 18.20 часот во село Липково, вработени во ЈП „Македноски Шуми”, при контрола на товарно возило „Мерцедес“, сопственост и управувано од пријавениот, утврдиле дека вршел јавен превоз на дрвни сортименти без соодветна лиценца издадена од Министерството за транспорт и врски.
На 14.10.2018 година во 21.31 часот Б.А. пријавил дека во населба Шуто Оризари, неговиот 15-годишен син и уште двајца малолетници на возраст од 17 и 13 години физички биле нападнати од неколку лица. Сторителите со остар предмет му нанеле расекотина на синот на Б.А.. После тоа, пријавителот со своето возило ги однел нападнатите во градската општа болница „Свети Наум Охридски“ каде им била укажана лекарска помош. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
На 14.10.2018 година околу 08.40 часот во Секторот за внатрешни работи Скопје. К.Ц.(20) од село Кадино, скопско, пријавил дека истиот ден околу 02.00 часот во населбата Илинден, додека бил заедно со неговиот пријател А.Б.(21), бил пресретнат од Б.Ј.(18) и К.Т.(18), двајцата од населба Илинден кои физички го нападнале, по што во безсознание бил пренесен во Градската општа болница „Свети Наум Охридски“. Се преземаат мерки за расчистување на случајот
СВР Куманово поднесе кривична пријава против С.И.(49) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вршење јавен превоз без поседување лиценца”. На 29.07.2018 година околу 17.45 часот во атар на село Липково, во близина на браната “Глажња”, вработени во ЈП „Македноски Шуми”, при контрола на товарно возило „Мерцедес“, сопственост и управувано од пријавениот, било утврдено дека вршел јавен превоз на дрвни сортименти без соодветна лиценца издадена од Министерството за транспорт и врски.