Дневни билтени

Извадок од дневните настани 27.04.2017

На 26.04.2017 година во 19.30 часот во ПС Штип, полициски службеник во ПС Штип пријавил дека истиот ден околу 16.00 часот, додека бил на извршување на службени задачи на влезната врата од градскиот стадион во Штип заедно со уште еден полициски службеник и двајца вработени од агенција за обезбедување, бил физички нападнат од лицето Д.М. (26) од Штип. Истиот сакал да влезе на стадионото без купен билет. Откако лицата од обезбедување не му дозволиле да влезе, веднаш почнал  на висок тон да им упатува навредливи зборови и пцовки,  а во еден момент се обидел и физички да нападне еден од нив. На ваквото однесување реагирал полицискиот службеник кој му наредил да престане со таквото однесување и да се оддалечи од местото. Д.М. не ги послушал наредбите и физички го нападнал полицискиот службеник, удирајки го со тупаница во пределот на лицето. Напаѓачот бил совладан и приведен во ПС Штип со помош на друг полициски службеник. Од страна на лекар во Медицински центар Штип кај пријавителот се констатирани телесни повреди. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 26.04.2017 година во 16.00 часот во ЕИК Скопје, припадникот на Единицата „Алфа“ пријавил дека на бул. „Гоце Делчев“, при обид да легитимираат лице кое било со велосипед, истиот се дал во бегство  и откако започнале да го бркаат со велосипедот удрил во едно овластено службено лице, од што и двајцата се здобиле со повреди и биле пренесени во Ургентен Центар „Мајка Тереза“. Се работи за лицето С.М. (50) од Скопје, кој се здобил со тешка телесна повреда. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 26.04.2017 година во 09.00 часот во ПС Струга било пријавено дека во с.Вишни, покрај црквата „Св.Атанасиј“, при изведување градежни работи, била пронајдена неексплодирана рачна бомба од Втората Светска војна. Од стручно лице од Дирекцијата за заштита и спасување, пронајдената експлозивна направа е подигната за понатамошна постапка.

На 24.04.2017 година во 17.30 часот во СВР Штип, М.Н. (31) од Штип пријавил дека неговиот татко Л.Н. (63) од с.Лакавица, штипско, откако заминал во Холандија со цел да довезе ТМВ-комбиња за фирма од Штип, на 19.04.2017 година, враќајќи се по автопатот во Р.Германија, во непосредна близина на градот Визбург, се изгубил. Во моментот управувал ТМВ „Цитроен Џампи“ со цол табли. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 26.04.2017 година од 17.00 до 21.00 часот во Скопје, Охрид, Куманово, Прилеп, Штип, Кичево, Кавадарци, Неготино, Битола, Струмица, Гевгелија, Велес, Берово, Делчево, Пробиштип, Македонски Брод, Крива Паланка, Виница, Радовиш и с.Конче во организација на граѓанската иницијатива „За Заедничка Македонија“ се одржале протестни маршеви. Граѓаните кои се собрале се движеле низ улиците во наведените градови. За време на собирите немало нарушувања на Јавниот ред и мир.      

СВР Куманово поднесе кривична пријава против З.У. (48) од Скопје, Нотар на подрачје на Основен суд Куманово, Крива Паланка и Кратово, со седиште во Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“. Пријавената ја злоупотребила службената положба со пречекорување на границите на службеното овластување на тој начин што овозможила издадено Решение од нејзина страна да стане првасилно и извршно, без притоа да биде известен Т.С. од Куманово, со што го пропуштил правото да вложи приговор.

СВР  Куманово поднесе кривична пријава против Ј.И. (55) од Куманово, вработена во Основен суд Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“. На 22.09.2015 година пријавената, вработена на приемен шалтер во приемното одделение на Основен Суд Куманово, на предлог за повторување на постапката, доставен од Б.М., на првиот примерок ставила приемен печат од 22.09.2015 година без потпис, а на останатите два ставила приемен штембил од 23.09.2015 година, ги потпишала, но не ги заверила. Пријавената на овој начин придонела предлогот од страна на Судија да биде отфрлен како ненавремен, со што Б.М. бил оштетен за 40.000 евра или 2.460.000 денари за работен спор кој се водел од 2006 година.

СВР Штип поднесе  кривична пријава против Д.Џ. (52) од Штип, претседател на Општински  Фудбалски  Сојуз Штип, поради постоење основи на сомнение за сторени две кривични дела   „злоупотреба на службена положба и овластување“ по чл. 353 ст.4 б.б. ст.1 и „злоупотреба на службена положба и овластување“ по чл. 353 ст.4 в.в. ст.2  и ст.1 , а в.в. чл. 45 од Кривичниот законик на Република Македонија и против Ј.П. (53) од Штип, секретар на Општински  Фудбалски Сојуз Штип,  поради постоење основи на сомнение  за сторени две кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ по  чл. 353 ст.1, а в.в. чл. 45 од КЗ на РМ. Претседателот на Општински Фудбалски Сојуз(ОФС) Штип Д.Џ.  незаконски  подигнал 70.000 денари од сметката на  ОФС Штип, без претходна Одлука од Управен одбор, за намена и користење  на  парите и по основ на премии во готово исплатил  34.500 денари на 23 фудбалери,  25.000 денари ги вратил на сметката, а 10.500 денари противправно ги присвоил, со што на ОФС Штип причинил материјална штета од  45.000 денари. После тоа, Д.Џ., со намера  да го  покрие незаконското  подигање на парични средства, ја фалсификувал Одлука од Управен Одбор на ОФС Штип, односно доставил Одлука со печат кој  не  е во сила  Исто така,  Д.Џ. во  периодот од 30.07.2016 година до 21.02.2017 година во повеќе  наврати  присвојувал парични средства и покрај  Одлуката од 30.07.2016 година на Управен Одбор за намена и користење на парите од  Третата  фудбалска  лига Исток, противправно ги задржувал во име и за сметка на ОФС Штип, а незаконски  потрошил сума во износ од 202.929 денари, на штета  на Третата  фудбалска  лига Исток.  Во периодот од  01.01 2016 до 31.12.2016 година секретарот на ОФС Штип, Ј.П.,  додека ја извршувал функцијата, ги пречекорил границите на своите овластувања на тој начин што, иако не бил овластен да располага со паричните средства, во три наврати од сметката на ОФС Штип и во два наврати од сметката на Третата  фудбалска лига Исток незаконски подигнал 24.400 денари и истите  ги употребил  за лични потреби, со што причинил штета  на наведените  фудбалски субјекти.  Покрај ова, Ј.П. во два  наврати употребил стари печати со измината важност  со намера да регистрира двајца фудбалери од МФК „Мал Ајакс“ со што  на незаконит начин им овомзожил право на настап во Општинската  Фудлбалска Лига Штип.

ПС Кичево поднесе кривична пријава против А.А. (33) од с.Србјани, кичевско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем. Во периодот од 20.04.2016 година до 22.08.2016 година пријавената во повеќе наврати противправно одземала платежна картичка од З.А., со која живеат во иста куќа во заедница, и неовластено ја користела, при што од банкомат, експозитура и од други ПОС терминали  направила трансфер на денари со што се стекнала со противправна имотна корист од 50.062 денари. Потоа, во периодот од 17.11..2016 година до 19.01.2017 година, пријавената повторно противправно ја одзела платежната картичка од З.А. и во девет наврати неовластено  извршила трансфер на 48.500 денари. Со извршување на ова кривично дело пријавената се стекнала со противправна имотна корист од 98.562 денари.

СВР  Охрид поднесе кривична пријава против Л.М. (46) и М.Б. (45), двајцата од Република Италија, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,изработка и употреба на лажна платежна картичка”. Пријавените, преку адвокат–полномошник, отвориле две фирми во с.Лабуништа, струшко, а на име на фирмите отвориле банкарски сметки во Охридска Банка-експозитура Струга и поднеле барање за инсталација на ПОС терминали на име на фирмите. По отворање на банкарските сметки и добивање на ПОС терминалите, било поднесено дополнително барање до банката со потпис и печат од фирмите за дополнителна функционалност на ПОС терминалите, односно истите да поседуваат можност за извршување обична трансакција без физичко присуство на платежна картица. Откако ги добиле ПОС терминалите со наведената функционалност, истите внеле рачно на ПОС терминалите претходно прибавени броеви од платежни картички со туѓи податоци, при што се стекнале со противправна имотна корист од 1.852.393 денари, а на штета на АД ,,Охридска Банка”.

ПС Свети Николе поднесе кривична пријава против Б.М. (53) од Велес поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување пари“. На 08.04.2017  година околу 10.00  часот, на Градски пазар во Свети Николе, пријавениот додека продавал земјоделски производи, при враќање на кусур за купен производ на лице од Свети Николе, му дал лажна банкнота во апоени од 500 денари, која претходно ја примил како вистинска при продавање на земјоделски производи на пазар. Истиот ден во 10.30 часот со примената банкнота од 500 денари лицето платило во маркет во Свети Николе, каде што вработениот забележал дека банкнотата е сомнителна и пријавил во ПС Свети Николе.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Н.И. (28) од Битола и  А.К. (28) од Ресен поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсорси”. На 31.07.2016 година околу 02.50 часот, во близина на плажа каде што се одржувал музички настан, извршен бил преглед на А.К., при што кај истиот се пронајдени и одземени 0,37 грама мешавина од тутун и марихуана, 0,72 грама марихуана, 1,5 таблета екстаза. А.К. марихуаната ја набавил од Н.И. за 500 денари.

НК КР Крива Паланка  поднесе  кривична пријава против Љ.Д. (18) од Крива Паланка поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори”. Од страна на полициски службеници извршен е преглед на Љ.Д., при што биле пронајдени и одземени 6,42 грама марихуана и кутија од цигари во која е пронајден отпушок од цигара-најверојатно џоинт, кои претходно ги набавил од Скопје.
 
ПС Гевгелија поднесе кривична пријава против А.Ш. (37) од Гевгелија поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. 25.09.2016 година на плоштадот во Гевгелија пријавениот нудел на продажба марихуана на лице, без притоа да знае дека се работи за полициски службеник. По преземени мерки извршен е преглед над пријавениот, како и претрес во неговиот дом, при што се пронајдени и одземени 10,42 грама марихуана и пет стебла од растението „канабис сатива“.

ПС ОН Неготино поднесе кривична пријава против А.Д. (23) од Неготино поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги,психотропни супстанции и прекурсори“. На 13.01.2017 година во Неготино, на ул. „Мирче Ацев“, извршен бил претрес во домот на пријавениот, при што се пронајдени и одземени 28,26 грама марихуана.

СВР Струмица поднесе кривична пријава против Н.Ѓ. (23) од с.Бориево, струмичко, поради постоење основи на сомнение за сторено  кривично дело  „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. На 04.12.2016 година од страна на полициски службеници извршен е личен преглед над пријавениот при што кај истиот е пронајдена и одземена 0,89 грама марихуана.

СВР Струмица поднесе кривична пријава против З.И. (55) од Струмица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. На 19.09.2016 извршен бил претрес на дом и помошни простории во домот на пријавениот при што се пронајдени и одземени две стебла, две гранки, 0,40 грама семки од растението канабис сатива и  1,30 грама марихуана.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Б.Р. (46) од село Палатица, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“. Пријавениот во семејната куќа во село Палатица неовластено поседувал пиштол марка„Парабелум“ калибар 9мм, сопственост на неговиот починат татко, кој го поседувал без дозвола. На 04.04.2017 година во дворот на основното училиште во село Палатица малолетниот син на пријавениот со пиштолот упатил истрел кон малолетно лице. Предметното огнено оружје е одземено од синот на пријавениот со потврда за привремено одземени предмети.

ПС Кичево поднесе кривична  пријава против С.К. (32)  од Кичево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 10.02.2017 година во 23.30 часот, во близина на с.Кладник, кичевско, при контрола од страна на полициски службеници од ПС Кичево во координација со ловочуварската служба од ловно друштво „ЕЛЕН„ Кичево, запрено е патничко возило,  а при контролата било утврдено дека пријавениот недозволено држел пушка марка „Црвена Застава“ калибар 16 мм и два ловни патрони 16 мм, сопственост на неговиот татко. Од извршеното вештачење на пронајдените предмети констатирано е дека истите се во исправна состојба со кои може да се изврши испалување.

НК КР Крива Паланка поднесе кривична пријава против М.Р. (54) од с.Псача поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност”. На 30.03.2017 година пријавениот предизвикал  пожар од кој биле зафатени и опожарени помoшна просторија и магацински простор, сопственост на Д.Т. од Скопје со што е причинета материјална  штета од 100.000 денари.

СВР Велес поднесе кривична пријава против лицето В.Т. (34) од Велес поради постоење основи на сомнение  за сторено кривично дело „злоупотреба на безвизен режим со државите членки на Европската унија и на Шенгенски договор“ . На 23.05.2015 година пријавениот за 5.000 денари ги превезол  до Аеродром  „Македонија“ во Солун, Република Грција, Џ.С. и неговото семејство од каде заминале за Република Германија, заради стекнување или остварување на социјални и економски права. Во Франкфурт биле пречекани од пријател на таткото на сопругата на Џ.С., кој ги однел во Карлсруе во Германија каде побарале економски азил заедно со семејството, а во наредните денови Џ.С. го упатиле на операција. По извршената операција  Џ.С. го вратиле во сместувалишето за азиланти во Карлсруе каде останале година и девет месеци по што на 22.02.2017 година се депортирани во Република Македонија.

СВР  Тетово поднесе кривична пријава против  Ѓ.Ц. (31) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело  „насилство“. На 25.03.2017 година околу 03.00 часот во кафе бар без фирма, лоциран во с.Теново, Ѓ.Ц., поради меѓусебни недоразбирања со Д.П. (36) од с.Теново, го нападнал истиот со стаклено шише, нанесувајќи му повреди во пределот на главата.

Во врска со настан случен на 21.04.2017 година  во населба Шуто Оризари, кога беа нападнати полициски службеници од СВР Скопје кои постапувале по наредба за претрес на дом и други простории во домот на З.И. (известено во билтен од 24.04.2017), СВР Скопје поднесе кривична пријава против  М.С. (38), еден 14-годишник, З.И. (38), С.К. (21) и еден 16-годишник, сите од Скопје, поради постоење основи на сомнение дека прво и второпријавениот сториле кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“, а додека останатите три пријавени лица сториле кривично дело „спречување службено лице во вршење службено дејствие“. За сторените кривични дела од страна на Судија на претходна постапка на М.С., З.И. и С.К. изречена им е мерка притвор во траење од осум денови.