Извадок од дневните настани 02.02.2017

На 01.02.2017 година во 22.00 часот во ПС ОН Центар, двајца малолетници (на петнаесет и шеснаесет годишна возраст) од Скопје пријавиле дека истиот ден околу 19.25 часот на паркинг простор на бул.„К.Ј-Питу“ без повод и причина биле физички нападнати од група од околу 10 непознати малолетни лица. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за целосно расчистување на случајот.

 

На 02.02.2017 година околу 02.45 часот на ул. „Рајко Жинзифов“ во Прилеп, од засега неутврдени причини, опожарено било паркирано ПМВ „Опел Вектра“ со прилепски регистарски ознаки, сопственост на Ж.Д (33) од с.Кривогаштани, кој во тој момент бил на работа. Од страна на територијалната противпожарна единица Прилеп пожарот е изгаснат. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа на ПС Прилеп. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

 

На 01.02.2017 година во 05.25 часот на ГП „Долно Блаце“, при пасошка контрола, било констатирано дека лицето В.А.В. (42) од Скопје евидира со мерка „Апси“. Во 06.30 часот, со Потврда за предавање на лице, истиот е предаден на полициски службеници од ПС Гази Баба за понатамошна постапка.

 

СВР Битола поднесе кривична пријава против Б.Д. (45) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “измама“. На 26.11.2016 година пријавениот го довел во заблуда оштетениот П.М. од Битола дека ќе изведува градежни работи во с.Црновец за што му требало неговото монтажно скеле. Се договориле дека ќе му исплаќа по 400 денари за секој поминат ден што ќе го користи. За наведениот договор му оставил и капар, но скелето наместо во с.Црновец го транспортирал во Прилеп, каде што го продал во стовариште. На овој начин пријавениот се стекнал со противправна имотна корист од околу 50.000 денари.

 

НК КР Кочани поднесе кривична пријава против Ф.Џ. (34) од Кочани поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,насилство“. Пријавениот на 18.12.2016 година околу 04.00 часот вербално и физички ја нападнал Х.Д. (30) и нејзиниот сопруг Ф.Д. (35), двајцата од Кочани, во нивниот дом, удирајки ги со рака во пределот на лицето и главата. Со тоа кај истите предизвикал чувство на загрозеност и страв.

 

ПС ОН Берово поднесе кривична пријава против С.А. (33) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. Во текот на месец Јули 2016 година пријавениот на лицето Х.А. (23) од Берово, по претходен договор, му продал рачно изработена цигара-џоинт исполнета со марихуана за цена од 500 денари. Исто така, по одреден период истите повторно се сретнале на плоштадот во центарот на Пехчево каде за 1.000 денари пријавениот му продал на Х.А. наркотична дрога-марихуана.   

 

ПС ОН Берово поднесе кривична пријава против Е.А. (21) од Делчево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „овозможување на употреба на наркотични дроги“. На 27.08.2016 година на градскиот плоштад во Берово, за време на одржување на концерт, полициски службеници го забележале пријавениот како на лицето Н.Р. (21) од Берово му дал на уживање рачно изработена цигара – џоинт.  

 

СВР Скопје поднесе кривична пријава против Д.И. (24) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „запуштање и малтретирање на малолетно лице“. Пријавената на 05.09.2016 година во периодот од 10.00 до 10.45 часот во својот дом без надзор и грижа ја оставила својата петгодишна ќерка. Откако излегла пријавената девојчето станало од креветот и отишло на терасата каде што поставило столче до оградата и се поткачило за да види дали ќе помине нејзината мајка. Кога се поткачила на столчето изгубила рамнотежа, се превртела и паднала од седмиот кат на земјена подлога веднаш до зградата, при што се здобила со тешки телесни повреди.

 

СВР Скопје поднесе две кривични пријави против С.Ч. (43) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторени две кривични дела “лажно претставување” и “напад на службено лице при вршење работи од безбедноста”. Пријавениот на 14.10.2016 година околу 22.20 часот на ул.„Јужен Булевар“, управувајќи ПМВ „Опел корса“, сопрел тројца полициски службеници кои биле на извршувале службени задачи. Пријавениот дошол до нивното службено возило и почнал да им се обраќа со висок тон. Откако полициските службеници побарале да се легитимира, пријавениот се качил во возилото и побегнал. Околу 22.45 часот истиот ден, по преземени мерки од страна на полициските службеници, наведеното возило „Опел корса“ било забележано на паркинг на ул. „Огњен Прица“, а по кратко време го забележале пријавениот кој со пиштол им се заканил. Еден од полициските службеници се легитимирал и по неколкуминутното убедување со пријавениот го убедил да го спушти пиштолот, кој му бил одземен веднаш.

 

СВР Битола поднесе кривична пријава против С.Б. (56) од Битола, раководител на Секторот за финансии во општина Битола, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “злоупотреба на службената положба и овластување“. Пријавениот во текот на 2012 и 2013 година како раководител, а потоа во 2014 година како секретар на општина Битола, ја злоупотребил службената положба и овластување на начин што не ја извршил и не ја спровел Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за користење на спортски објекти на подрачјето на општина Битола, иако бил должен не го известил закупецот за измените во висината на надоместокот за закуп. На тој начин овозможил закупецот, за периодот од 01.12.2012 година до 01.11.2016 година, да се стекне со имотна корист од подзакуп на спортски објекти, а на штета на буџетот на општина Битола во износ од 7.300 евра годишно, односно 29.200 евра(околу 1.800.000 денари) за сите четири години.