Извадок на дел од дневните настани 18.04.2016

На 17.04.2016 година во 04.00 часот во Скопје, во кафе бар лоциран пред ТЦ Буњаковец, настанала расправија и физичка пресметка помеѓу Г.К. (41), Г.К. (39) и Д.Т. (37), сите од Скопје, од една страна и неколку други непознати лица, од друга страна. Притоа, Г.К. (41) бил прободен со остар предмет во пределот на главата и се здобил со тешка телесна повреда-убодна рана со пробивање на черепот, констатирана во болницата „Систина“ каде што е задржан на понатамошно лекување. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 17.04.2016 година во 13.00 часот во ПС-Бит Пазар, Н.Ш. (33) од Скопје пријавил дека од 09.01. до 16.04.2016 година непознат сторител извршил кражба во неговиот дом. Сторителот влегол во незаклучена помошна просторија и му одзел пиштол калибар 9мм, кој го поседувал со дозвола. СВР Скопје превзема мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.  

На 17.04.2016 година во периодот од 16.00 до 17.45 часот во Скопје, на арената „Филип Втори Македонски“, на фудбалскиот натпревар помеѓу ФК„Вардар“-Скопје и ФК„Шкендија“-Тетово, дел од навивачката група на ФК „Вардар“ се обиделе физички да се пресметаат со лица од раководството на ФК „Шкендија“, кои биле сместени во ВИП-ложата на јужната трибина, од каде го следеле натпреварот заедно со раководството од ФК „Вардар“. По превземени мерки од страна  на полициските службеници навивачите биле потиснати, а раководството на ФК „Шкендија“ било префрлено на безбедна позиција на арената „Филип Втори“. Истите не се пожалиле на никакви повреди од настанот. При интервенцијата на повреда во пределот на коленото се пожалил еден полициски службеник кој бил префрлен во ГОБ 8-ми Септември, за укажување на лекарска помош. Истиот ден во 20.50 часот од ПС - Тетово во МВР  било пријавено дека во КЦ-Тетово за преглед се пријавиле три лица кои биле повредени на натпреварот. Се работи за И.Р. (46), генерален директор на  ФК-Шкендија, кај кого биле констатирани повреди во вид на оток во задниот дел на главата, А.К. (54) од с.Мала Речица, тетовско, кај кого не биле констатирани видливи повреди  и Ф.А. (44) од с.Порој, тетовско, кај кого биле констатирани повреди во вид на црвенило во пределот на десната надлактица. По укажаната лекарска помош, за која доставиле медицински извештај, истите биле пуштени на домашно лекување. Се превземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 17.04.2016 година во 20.50 часот телефонски во ЕИК било пријавено дека во атар на с.Црвена Вода, скопско, настанал шумски пожар. Пожарот е локализиран и се работи за утврдување на причините за настанување на пожарот.

На 18.04.2016 година во 05.50 часот во ПС-Тетово било пријавено дека во Тетово непознати лица ги искршиле стаклата и фрлале јајца по фасадата на народната канцеларија на Претседателот на Р.Македонија. Се превземаат мерки за пронаоѓање на сторителите.

На 17.04.2016 година во 16.15 часот на локалниот пат с.Сирково – Кавадарци, В.М.(40) со трактор излетал од патот и се превртел. Притоа, В.М. се здобил со тешки телесни повреди и се наоѓа во животна опасност. Истиот е пренесен во Ургентен центар-Скопје.  

На 17.04.2016 година во 11.45 часот во близина на македонско-албанската граница, полициски службеници при ПС за ГП и ГН – Блато, при вршење на патролна служба, откриле едно лице албански државјанин кое на илегален начин ја преминало државната граница. Лицето не поседувало никаков документ за идентификација и од неговиот усмен исказ станува збор за Н.С. (28) од Р.Албанија. Во 12.00 часот лицето е приведено во ПС за ГП и ГН – Блато, а во 13.30 часот е предаден на ИСР при ОПКМСР-Дебар за понатамошна постапка. 

СВР Битола поднесе кривича пријава против Б.М. (55) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „убиство“. Пријавениот на 16.04.2016 година околу 05.50 часот во својот дом на ул. „Анесто Нанески“ поради нарушени семејни односи, а по кратка расправија, го претепал  својот татко Трајко М. (82). Од страна на лекар од брза помош била констатирана смрт. Судија на претходна постапка на пријавениот му е одреди мерка притвор во траење од 30 дена. 

СВР Охрид поднесе кривична пријава против А.Н. (35) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“. На 31.03.2016 година, пријавениот физички го нападнал В.С. (30) од Охрид нанесувајќи му телесна повреда во пределот на главата и насилно одземајќи му го мобилниот телефон. Додека пријавениот бил паркиран на ул. „Булевар Туристичка“ во Охрид до него застанал оштетениот таксист В.С. ,кој побарал да му врати 1.200 денари кои претходно му ги позајмил. По ова, пријавениот излегол од возилото и физички го нападнал оштетениот.

СВР Куманово поднесе кривична пријава против Љ.Г. (22) од Радовиш поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење на работи на безбедноста“. На 07.04.2016 година, на автопатот Куманово-ГП Табановце полициски службеници забележале три патнички возила од кои излегувале мигранти. На местото на настанот биле затекнати седум мигранти, а при обид да се легитимира возачот на патничкото возило „Мазда“, истиот го стартувал возилото, по што удрил во полицискиот службеник со браникот во десната нога и го прегазил по стапалото нанесувајќи му телесна повреда.  

РЦ за ГР Исток поднесе кривична пријава против Е.А. (28) од Радовиш поради постоење основи ан сомнение за сторено кривично дело „криумчарење мигранти“. На 09.03.2016 година во 02.30 часот на локалниот пат Струмица-Радовиш полициски службеници се обиделе да сопрат патничко возило „Опел Синтра“ управувано од пријавениот, но истиот не застанал на дадениот знак. Откако се оддалечил го оставил возилото и се дал во бегство, а од извршениот преглед на возилото пронајдени се 17 мигранти. По преземени мерки пријавениот е пронајден и од страна на судија на претходна постапка му е одредена мерка притвор во траење од осум дена.

Одделот за внатрешна контрола криминалистички истраги и професионални стандарди поднесе кривична пријава против В.Ѓ. (48), полицаец во ПС ОН Виница, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“. Пријавениот при констатиран прекршок на товарно возило управувано од возачот С.М. изготвил записник за сторен прекршок и барање за поведување на прекршочна постапка во која внел невистинити податоци. Пријавениот на местото за сопственик на возилото  не го внел ДТ „Негрита“ ДООЕЛ Берово и одговорното лице на тоа правно лице, туку го внел правното лице ДООЕЛ „Малеш Транс“ Берово и лицето Д.К. од Берово во својство на одговорно лице. На овој начин пријавениот од прекршочна одговорност го ослободил правното лице „Нергита“ ДООЕЛ и одговорното лице во истото, а му нанел штета на „Малеш Транс“ од Берово изрекувајќи им глоба.