Извадок на дел од дневните настани за 24.09.2015

 На 24.09.2015 година околу 03,30 часот во Прилеп на ул.„Шар Планина“ поточно во дворот од куќата сопственост на С.П. непознат сторител истурил запалива течност врз неговото ПМВ„Цитроен Ксара“ со прилепски регистерски ознаки по што истото целосно било опожарено. Од страна на ТППЕ Прилеп пожарот е изгаснат, а покрај возилото опожарена е и вратата од гаражата и дел од фасадата. Од страна на увидна екипа од ПС Прилеп излезено е на местото на настанот, извршен е увид и се работи на целосно расчистување на случајот.

Поради постоење основи на сомнение за сторени шест кривични дела „тешка кражба“ и едно кривично дело „одземање моторно возило“, ПС Струга поднесе кривична пријава против Џ.И.(21) од Гостивар, лице кое се барало со потерница за издржување казна затвор.Пријавениот, кривичните дела ги сторил во текот на август и септември оваа година во Струга. Тој со употреба на погоден алат и прибор, насилно отворал прозори од куќи и деловни објекти низ Струга. На тој начин но и со кршење на стаклата од влезните врати, успеал да влезе во внатрешноста на една куќа, аптека и магацин за играчки од каде одзел пари, златен накит, мобилни телефони и други вредни предмети. Во згодна прилика, Џ.И. извршил две кражби на плажа во Струга и една во кафе бар во центарот на градот. Притоа, успеал незабележано да одземе паричници, стекнувајќи се со значителна против-правна имотна корист.Оперирајќи низ Струга, Џ.И. на паркинг забележал моторно возило кое не било заклучено а клучевите биле оставени во внатрешноста на автомобилот, влегол во возилото, го стартувал и го користел за свои потреби.Истиот е спроведен во казнено поправната установа Затвор -Охрид.

СВР-Скопје постапувајќи по судска наредба го лиши од слобода Бојан Д.(32) од Скопје кој се барал за издржување на затворска казна во траење од осум месеци за сторено кривично дело „насилство“.Истиот е спроведен во КПУ„Идризово“.

СВР-Скопје постапувајќи по судска наредба го лиши од слобода Арменд Ф. (31) од Скопје кој се барал за издржување на затворска казна во траење од една година и шест месеци за сторено кривично дело „тешки дела против општата сигурност“. Истиот е спроведен во КПУ„Скопје“.