Извадок на дел од дневни настани 12.08.2019

 
Во текот на изминатите денови (09, 10 и 11.08.2019) на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје превземени се мерки и активности и констатирано е дека 121 возач управувале возила со брзина поголема од дозволената. Од сообраќај се исклучени 78 возачи од кои: осум возачи затоа што управувале возило под дејство на алкохол и 70 возачи затоа што управувале возила без да се стекнат со право за управување на моторно возило. Исто така, исклучени од сообраќај биле 63 возила од кои едно возило бидејки било технички неисправно и 62 возила бидејќи биле нерегистрирани. Санкционирани се 13 возачи поради поминување на крстосница на црвено светло, девет возачи поради недавање првенство на минување на пешаци,еден возач поради неправилно престројување, осум возачи поради неправилно престигнување,еден возач поради недавање првенство на минување на возила во зона на крстосница, тројца возачи поради неносење сигурносен појас за време на управување на моторно возило и 15 возачи поради користење на мобилен телефон при управување на возило. Во однос на пешаците санкционирани се двајца пешаци. Во текот на изминатите денови издадени се 278 мандатни платни налози.
 
На 9.8.2019 на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Тетово спроведена е акциска контрола за престигнување, при што се утврдени прекршоци од 28 возачи (ТЕ-13 и ГВ-15), кои непрописно престигнувале, за што се соодветно санкционирани.
 
На 11.08.2019 во 08,30 часот било пријавено дека на магистралниот пат Градско-Прилеп, кај с.Дебриште, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко моторно возило „Голф“ со битолски регистарски ознаки, управувано од Р.Д.(34), од с. Острец- битолско и патничко моторно возило „Ланд ровер“ со велешки регистарски ознаки, управувано од О.Г.(30) од Велес. Во незгодата починал сопатникот од возилото “Голф“ Б.Д.(36). Со тешки телесни повреди се здобил возачот Р.Д., додека возачот О.Г. и тројца сопатници од двете возила се здобиле со телесни повреди. Увид извршиле јавен обвинител и увидна екипа од СВР-Велес.
 
На 11.08.2019 во 23,00 часот во СВР Скопје било пријавено дека на крстосницата од улицата “Војвода Васил Чакаларов“ и улицата “Козле-6“ патничко моторно возило “Пежо 106“ со скопски регистарски ознаки управувано од Ѓ.З.(61) од Скопје удрило во И.Д.(18) од Скопје. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобила И.Д., која била пренесена во Комплекс клиники “Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош. Увид на местото на настанот извршиле увидна екипа од СВР Скопје.
 
На 11.08.2019 во 18.40 часот било пријавено дека на улицата „Страшо Пинџур“ во с. Ваташа, кавадаречко, патничко моторно возило „Форд фокус“ со кавадаречки регистарски ознаки, управувано од Л.Ѓ.(31) од Кавадарци, удрило во велосипед управуван од Ј.А.(66) од Кавадарци. Ј.А. се здобил со тешки телесни повреди и бил пренесен во болницата во Кавадарци. Извршен бил увид од увидна екипа од Полициската станица Кавадарци.
 
На 11.08.2019 во 19,30 часот во ПС Аеродром биле приведени Ѓ.М.(22), К.Х.(35), Б.А.(65), Ф.С.(19), Д.Т. (33) и А.М. (22) сите од Скопје поради физичка пресметка по завршување на фудбалски натпревар на булеварот „АСНОМ“, во близина на стадионот „Петар Милошевски“. При пресметката со повреди се здобиле неколку лица, а А.М. се здобил со повреда од остар предмет на левата рака.
 Се превземаат мерки за расчистување на случајот.
 
  
Секторот за внатрешни работи Тетово расчисти две тешки кражби, исто толку обиди за тешки кражби, една кражба и еден обид за кражба и поднесе кривична пријава против 19-годишниот Џ.Б од Теарце.Џ.Б. се сомничи дека во периодот од април до јуни оваа година провалил во куќа и верски објект во Тетово, а се обидел да провали во верски објект и во куќа, исто така, во Тетово и во тетовско Теарце. Осомничениот Џ.Б. одземал парични средства и банкарска картичка, како и други предмети.
 
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гевгелија поднесе  кривичнa пријавa против М.А.(21) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“. На 08.07.2018 во 00,30 часот во Дојран, од полициски службеници, кај пријавениот, бил пронајден и одземен амфетамин.
 
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гевгелија поднесе  кривичнa пријавa против В.Н.(29) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“. На 07.07.2018 година во 22,00 часот во Дојран, од полициски службеници, кај А.Д. била  пронајдена и одземена марихуана, која претходно ја набавила од пријавениот. По ова, бил извршен преглед над пријавениот, при што била пронајдена и одземена марихуана.
 
СВР Велес поднесе кривична пријава против Т.И.(45) од Велес поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“. На 05.03.2018 година во Велес  на улица „Љубен Весов“, од полициски службеници, кај П.И. биле пронајдени и одземени амфетамини, кои ги набавил од пријавениот. По изврешен претрес во домот на пријавениот, биле пронајдени и одземени марихуана, амфетамин, мешавина на марихуана и тутун, мешавина од парацетамол и кофеин  и мешавина од бензокаин и фенацетин.
 
СВР Велес поднесе кривична пријава против А.С.(30) од Велес поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“. На 05.04.2018 година во Велес, од полициски слулжбеници, при претрес во патничко моторно возило марка„Голф“, сопственост на пријавениот, бил пронајден и одземен хероин.
 
На 10/11.08.2019 во времето од 23:00 до 05:00 часот на подрачјето на СВР Струмица е спроведена акциска контрола со цел откривање на возачи кои управуваат возила под дејство на алкохол. Кај 22 возачи е констатирано дека се под дејство на алкохол и истите се соодветно санкционирани.
 
На 11.08.2019 година во 20,30 часот во Куманово на улицата “Октомвриска Револуција“ по претходна пријава, во кафе бар, Е.А.(22) од Куманово физички нападнал полициски службеник. Е.А. е приведен во полициска станица за натамошна постапка.
 
На 12.08.2019 во 08,45 часот воо СВР Скопје било пријавено дека на булеварот „АВНОЈ“ пред канцеларија на ланец казина, две лица, од кои едниот имал пиштол, физички го нападнале и извршиле разбојништво над М.Ц.(57), вработен во казино, и му одзеле пари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
 
На 11.08.2019 во 21,00 часот во СВР Скопје И.К.(35) пријавила дека во с.Виниче нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од Б.Ѓ.(71). Сочинет записник за констатиран прекршок по чл. 12 од ЗППЈРМ.
 
На 10.08.2019 во 18,25 часот во СВР Скопје било пријавено дека на улицата „1439“, во дворот од куќата Д.Б.(44) со пиштол усмртил куче „Ротвајлер“, сопственост на неговиот сосед Ѓ.Н. (55), кое, според пријавеното, претходно, го нападнало. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
 
На 11.08.2019 во 23,15 часот во СВР Скопје А.И.(61) пријавил дека истиот ден околу 23,00 часот на улицата “Самоилова“ бил физички нападнат од Е.С., Ф.С. и уште едно женско лице. Се работи на расчистување на случајот.
 
На 11.08.2019 година во 17,40 часот во СВР Скопје С.Н.(23) пријавил дека на улицата “Исмаил Кадаре“ бил физички нападнат од О.А. и И.А. Се работи на расчистување на случајот.
 
На 12.08.2019 во 04,50 часот во СВР Скопје било пријавено дека во бензинска пумпа на ул. „Ѓорче.Петров“ едно лице со закана извршило разбојништво и одзело пари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
 
СВР Куманово поднесе кривична пријава против Љ.А.(59) и С.А.(20), двајцата од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 30.07.2019 година околу 14,00 часот во Куманово на улица „Димитрије Туцовиќ“, пред угостителски објект, по претходна вербална расправија, пријавените заедно со уште едно непознато лице, физички го нападнале Е.В.(24) од  Куманово,  при што со тврд предмет му нанеле повреди.