Извадок на дел од дневни настани 16.04.2019

 Во текот на изминатиот ден (15.04.2019) на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје преземени се мерки и активности и констатирано е дека 17 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената. Од сообраќај се исклучени 25 возачи од кои 23 возачи затоа што управувале возила без да се стекнат со право за управување на моторно возило и двајца возачи затоа што биле возачи-почетници. Исто така, исклучени од сообраќај се и 16 возила бидејќи биле нерегистрирани. Санкционирани се 10 возачи поради поминување на крстосница на црвено светло, тројца возачи поради недавање првенство на минување на пешаци, 17 возачи поради неправилно престројување, осум возачи поради неносење сигурносен појас за време на управување на моторно возило и 23 возачи поради користење на мобилен телефон при управување на возило. Во текот на изминатиот ден издадени се 108 мандатни платни налози и 69 возила се подигнати со специјално возило "пајак". Изминатиот ден се случиле девет сообраќајни незгоди во кои едно лице се здобило со телесни повреди.

 
На 15.04.2019 година во 20.40 часот во с.Обрашани, прилепско, патничко возило „Голф“ со битолски регистарски ознаки, управувано од С.Б.(51) од с.Пашино Рувци, прилепско, удрило во пешакот П.Ш.(53) од с.Обрашани. Со тешки телесни повреди се здобил П.Ш. и му била укажана помош во болницата во Прилеп. Увид на местото извршила екипа од Полициската станица Прилеп.

 
На 15.04.2019 година околу 23.00 часот на булевар „Гоце Делчев“ во Гостивар, патничко возило „Цитроен“ со гостиварски регистарски ознаки, управувано од Г.Р.(49) од Гостивар, удрило во пешакот З.А.(66) од с.Трново, гостиварско. З.А. се здобила со тешки телесни повреди и и била укажана помош во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Увид на местото извршила екипа од Полициската станица Гостивар.

 

 
Во периодот од 23.00 часот на 15.04 до 00.05 часот на 16.04.2019 година полициски службеници извршиле акциска контрола во угостителски објект покрај регионалниот пат Тетово-Јажинце, во с.Теарце. При контролата била затекната една државјанка на Косово која нелегално работела во објектот. Таа била приведена во СВР Тетово за понатамошна постапка. 

 
На 15.04.2019 година во 13.55 часот во Полициска станица Струмица бил приведен Ѓ.А.(35) од Струмица за кого била распишана потерница по Наредба на Основен суд Струмица. Во 14.45 часот лицето било предадено на Основен суд Струмица.

 
На 15.04.2019 година во 12.00 часот на Граничен премин „Аеродром Скопје“, при пасошка контрола и проверка било констатирано дека лицето Д.Н.(31) од Свети Николе се наоѓа на Стоп листа со мерка „А“(апси) по барање од СМПС-Одделение за потраги Свети Николе. Тој бил лишен од слобода и во 14.30 часот бил предаден на полициски службеници од СВР Скопје за спровод до Казнено-поправната установа Штип.

                                          
На 15.04.2019 година во 10.00 часот во Полициската станица Центар, С.В.(67) од Скопје пријавил дека на улица „Лазар Личеновски“ бил каснат од куче скитник во пределот на левата надколеница.

 
На 15.04.2019 година во 13.50 часот во Полициската станица Центар, М.К.(60) од Скопје пријавила дека на 14.04.2019 година околу 21.20 часот на булеварот „Кузман Јосифоски-Питу“ била касната од куче скитник во пределот на левата потколеница.

 На 15.04.2019 година во периодот од 19.00 до 21.05 часот, врз основа на судска наредба, полициски службеници извршиле претрес во домот на Д.Ч.(20) на ул.„Кленоец“ во Скопје. При претресот, во неговата соба биле пронајдени и одземени повеќе различни пакувања со марихуана, семки од марихуана и еден куршум калибар 7,62мм. Во собата на неговиот брат И.Ч. биле пронајдени и одземени неколку пакувања со марихуана и воздушен пиштол калибар 14,5 мм, додека во кујната била пронајдена и одземена дигитална вага со остатоци од марихуана. Д.Ч. и И.Ч. биле приведени и задржани во Полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
 
На 15.04.2019 на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Тетово спроведена е акциска контрола во која биле откриени 71 прекршоци (ТЕ-51 и ГВ-20). Најголем број прекршоци на тетовското подрачје (17) се однесувале на непрописно паркирање, осум лица ги управувале возилата без возачка дозвола, пет возила имале истечена регистрација, три возила биле технички неисправни и друго. Од прекршоците во Гостивар осум се однесуваат на неприлагодена брзина според условите на патот, односно пребрзо возење, три возила биле непрописно паркирани итн.

 
Полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Битола на 15.04.2019 година извршиле контрола за брзина, управување без возачка дозвола, нерегистрирани возила, непочитување првенство, исправност на возилата, сигурносен појас. Притоа, контролирани се 433 возачи, од кои 13 возачи ја надминале дозволената брзина, шест возачи управувале возило без возачка дозвола, нерегистрирани биле четири возила, четири возачи зборувале на мобилен телефон при управување на возилото и еден возач не користел сигурносен појас.

 
На 15.04.2019 година околу 16.25 часот во Тетово, полициски службеници го лишиле од слобода Ш.Ш.(43) од село Нераште, тетовското, поради сомнение за сторени три разбојништва во текот на минатата недела во исто толку продавници во Тетово. Ш.Ш. бил задржан во Полициската станица Тетово и со соодветен поднесок денеска ќе биде изведен пред судија во претходна постапка на Основниот суд Тетово. 

 
На 15.04.2019 година околу 15.00 часот во СВР Тетово било пријавено дека на место викано „мост на Вардишта“, атар на с.Вешала, тетовско, била пронајдена стара корозирана неексплодирана граната за ракетен фрлач РПГ 65мм. Гранатата била подигната од пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување. Увид на местото извршила увидна екипа на СВР Тетово.

 
На 15.04.2019 година во 18.10 часот во Полициската станица Виница било пријавено дека во Општата болница Кочани со повреди бил донесен Ј.Х.(25) од Виница. Според пријавеното, Р.С.(45) од Виница, управувајќи вилушкар во фабрика во Виница, со палета го удрил Ј.Х. и му нанел повреди. Увид извршила екипа од Полициската станица Виница и трудов инспектор. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 
На 15.04.2019 година во 16.30 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, Е.М.(24) од Скопје пријавила дека на 14.04.2019 година околу 13.00 часот на кејот на реката Вардар била касната од куче скитник во пределот на левата нога. 

 
Регионалниот центар за гранични работи Југ поднесе кривична пријава против С.А.(22) од село Петралица, кривопаланечко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „криумчарење на мигранти“. На 13.04.2019 година околу 22.00 часот на автопатот Неготино-Градско, кај археолошкиот локалитет „Стоби“, при преглед на патничко возило „Волво“, управувано од пријавениот, полициски службеници пронашле 11 мигранти, од кои шест биле од Авганистан, тројца од Сирија и по еден од Ирак и Пакистан.  

 
СВР Битола поднесе кривична пријава против Б.З.(22) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 19.10.2017 во Битола, полициски службеници се обиделе да извршат преглед над пријавениот, по што тој се дал во бегство, при што фрлил пакување со марихуана.

 
СВР Охрид поднесе кривична пријава против С.Р.(42) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела ,,неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“ и ,,овозможување на употреба наркотични дроги“. На 26/27.07.2018 година во Охрид полициски службеници извршиле преглед над Д.П. и Г.Д., двајцата од Охрид. Притоа, Д.П. фрлил кеса со кокаин, а по преземени мерки било утврдено дека тој претходно купил кокаин и марихуана од пријавениот, кој им овозможил да конзумираат кокаин и марихуана.