Извадок на дел од дневни настани 09.04.2019

Секторот за внатрешни работи Скопје, до надлежното Основно јавно обвинителство-Скопје, поднесе кривична пријава против Ф.Л.(26) од село Грчец, скопско, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“, казниво по член 396 од Кривичниот законик. На 07.04.2019 околу 23.40 часот на булевар „Партизански одреди“, при преглед на патничко возило „Мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, управувано од пријавениот, полициски службеници пронашле и одзеле пиштол со една рамка со пет куршуми калибар 9мм, што ги поседувал без дозвола. Ф.Л. бил лишен од слобода.

 
Во текот на изминатиот ден (08.04.2019) на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје преземени се мерки и активности и констатирано е дека 13 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената. Од сообраќај се исклучени 35 возачи од кои: 34 возачи затоа што управувале возила без да се стекнат со право за управување на моторно возило и еден возач затоа што бил возач-почетник. Исто така, исклучени од сообраќај се и 27 возила бидејќи биле нерегистрирани. Санкционирани се четири возачи поради поминување на крстосница на црвено светло, двајца возачи поради недавање првенство на минување на пешаци, пет возачи поради неправилно престројување, четири возачи поради неправилно престигнување, тројца возачи на мотоцикли поради неносење заштитен шлем, 48 возачи поради неносење сигурносен појас за време на управување на моторно возило и 38 возачи поради користење на мобилен телефон при управување на возило. Во однос на пешаците санкциониран е еден пешак поради поминување коловоз вон пешачки премин. Во текот на изминатиот ден издадени се 110 мандатни платни налози и 69 возила се подигнати со специјално возило "пајак". Изминатиот ден се случиле осум сообраќајни незгоди во кои осум лица се здобиле со телесни повреди.

 
На 08.04.2019 година Полициската станица за безбедност на сообраќајот Тетово спроведе акциска контрола за откривање на непрописно паркирани возила и за откривање на лица кои управуваат возила без положен возачки испит. Притоа, биле откриени 17 погрешно паркирани возила. Покрај тоа, биле откриени и осум возачи без валидна дозвола за управување возила, еден со важечка забрана и двајца возачи-почетници кои не се придржувале на законските ограничувања.

 
На 08.04.2019 полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Битола извршиле контрола за брзина, управување без возачка дозвола, нерегистрирани возила, непочитување првенство, исправност на возилата, сигурносен појас. Притоа, контролирани се вкупно 370 возила и возачи и било констатирано дека осум возачи ја надминале дозволената брзина, 12 возачи управувале возило без возачка дозвола, нерегистрирани биле осум возила, три возачи не користеле сигурносен појас, а три возачи зборувале на мобилен телефон при управување на возилото.

 
На 08.04.2019 во 17.05 часот во Полициската станица Центар, С.Ц.А.(51) од Скопје пријавила дека истиот ден околу 11.00 часот на улица „Кеј 13-ти Ноември“ била касната од куче скитник на десната нога.

 
На 08.04.2019 во 17.50 часот во Полициската станица Центар, З.Т.(35) од Скопје пријавил дека на Плоштад „Македонија“ бил каснат од куче скитник во пределот на десната нога.

 Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против П.С.(30) од Кичево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“. На 08.04.2019 околу 08.00 часот во спортска обложувалница на улица „11-ти Септември“ во Кичево пријавениот со закана со нож одзел пари.
 
На 08.04.2019 година во 11.10 часот во Полициската станица Кочани, од Општата болница Кочани било пријавено дека околу 09.00 часот кај нив со повреди бил донесен Д.Ц.(59) од Кочани. Според пријавеното, тој се здобил со повреди при изведување на градежни работи на зграда во Кочани. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа на Полициската станица Кочани и трудов инспектор и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 
СВР Штип поднесе кривична пријава против Е.Б.(28) и Д.Ф.(40), двајцата од Кочани, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“ и „овозможување на употреба на наркотични дроги“. На 12.12.2018 на патот Неготино – Штип, во патничко возило управувано од второпријавенот, првопријавениот им овозможил на Д.Ф. и уште едно лице, да конзумираат марихуана. Во близина на Кочани, при преглед на наведеното возило, полициски службеници пронашле и одзеле кеса со 236 грама марихуана.

 
СВР Тетово поднесе кривична пријава против О.А.(25) од село Неготино, гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори’’. На 13.09.2017 година во Тетово полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што пронашле и одзеле хероин.

 
На 08.04.2019 околу 10.00 часот во Полициската станица Гостивар, Б.Х.(22) од Гостивар пријавила дека на улица „Мајор Чеде Филиповски“ била касната од куче скитник на левата нога.

 
На 08.04.2019 околу 18.00 чaсот во СВР Велес, С.Н.(55) од Велес прјавил дека во училишниот двор на ССОУ „Коле Неделковски“ во Велес бил каснат од куче скитник.  

 
На 08.04.2019 во 15.40 часот во СВР Скопје, С.Т.(43) и Б.С.(52), двајцата од Скопје, пријавиле дека истиот ден околу 14.30 часот на улица „Тодор Александров“ нивните малолетни синови на возраст од 14 и 15 години биле физички нападнати од И.Р.(35) од Скопје. Сочинет записник за констатиран прекршок по член 12 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир. 

 
На 08.04.2019 во 16.00 часот во Полициската станица Карпош, А.А.(20) од Скопје пријавил дека истиот ден околу 03.00 часот на улица „Разловечко Востание“ бил каснат од куче скитник во пределот на десната рака.

 
СВР Куманово поднесе кривична пријава против Ј.Б.(56) од Кратово поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „узурпација на недвижности“ и „поднесување лажни докази“ и против Г.Б.(29) од Кратово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „узурпација на недвижности“. Во Кратово, на улица „Вера Јоциќ“, на парцела од 51 метар квадратен, сопственост на РС Македонија, пријавените противправно изградиле станбена куќа со деловен простор. Притоа, пријавените на парцела од 17 метри квадратни, сопственост Ц.В., А.В. и О.В., сите од Кратово, протиправно изградиле пристапни скали до наведениот објект. По ова, во Општина Кратово, во прилог на барањето за легализација на наведениот објект, првопријавениот доставил лажна изјава дека истиот бил изграден во 2010 година.

 
На 08.04.2019 во 14.30 часот во Полициската станица Аеродром, Е.Т.(32) од Скопје пријавила дека на 07.04.2019 околу 04.00 часот во ноќен клуб на улица „Анастас Митрев“ била физички нападната од С.К. Се работи на расчистување на случајот. 

 
На 08.04.2019 во 23.05 часот во СВР Скопје било пријавено дека на улица „Беласица“ настанал пожар во напуштен објект во кој привремено живеел Е.А.(24) од Штип со семејството. Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита пожарот бил локализиран, а повредени лица нема. Увид на местото на настанот ќе се врши во текот на денот.