Дневни билтени

Извадок од дневни настани 27.06.2018

 На 26.06.2018 година околу 12.30 часот на регионалниот во близина на крстосницата с. Црничани - Богданци, А.С.(29) од Скопје управувајќи товарно моторно возило „Фиат Добло Карго“ со скопски регистарски ознаки изгубил контрола над возилото, коешто излегло надвор од коловозната лента и се превртело. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил А.С., кој по укажаната лекарска помош во Медицински центар Гевгелија е пренесен во Комплекс клиники "Мајка Тереза" Скопје на понатамошно лекување, додека сопатникот Д.П.(33) од Скопје, се здобил со телесни повреди. Извршен е увид на местото на настанот.

 

На 26.06.2018 година во 14.00 часот на патот Прилеп – Градско во атарот на с. Камен Дол, Н.С.(23) од село Кучевиште, скопско, управувајќи товарно моторно возико „Ивеко“ со скопски регистарски ознаки изгубил контрола над возилото кое излетало надвор од патот. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил Н.С., а со телесни повреди се здобил сопатникот С.Т.(21) од Скопје. Извршен е увид на местото на настанот.

 

На 26.06.2018 година во 11,00 часот на булеварот “Александар Македонски“ во Скопје се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко моторно возило “Фолксваген Голф“ со скопски регистерски таблици управувано од А.А.(24) од Скопје и патничко моторно возило “Хјундаи Акцент“ со скопски регистерски таблици управувано од А.Т.(21) од Скопје. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобила сопатничката од патничкото моторно возило “Фолксваген Голф“ Н.А.(39) од Скопје која со возило на Итна медицинска помош била пренесена во Градската општа болница “Свети Наум Охридски“. Се работи на целосно расчистување на случајот.

 

На 26.06.2018 година во 20,00 часот во Скопје на улицата “23-ти Октомври“ се случила сообраќајна незгода во која В.О. (26) од Скопје управувајќи мопед “Сим“ со скопски регистерски таблици изгубил контрола над мопедот и паднал на коловозот. Од незгодата В.О. се задобил со повреди и со возило на Итна медицинска помош бил пренесени во Градската општа болница “Свети Наум Охридски“ каде од страна на лекар му биле констатирани тешки телесни повреди. Бил извршен увид на местото на настанот и се работи на целосно расчистување на случајот.

 

Во текот на вчерашниот ден (26.06) на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје се случиле вкупно девет сообраќајни незгоди од кои две со тешки телесни повреди, две со лесни телесни повреди и пет со материјална штета. Во сообраќајните незгоди две лица се здобиле со тешки телесни повреди, а четири лица со лесни телесни повреди. Од преземените мерки и активности констатирано е дека 59 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената. Од сообраќај се исклучени 23 возачи од кои: шестмина поради тоа што управувале моторно возило под дејство на алкохол, 12 возачи управувале возила без да се стекнат со право за управување на моторно возило и петмина затоа што биле возачи-почетници. Покрај ова, санкционирани се и девет возачи поради неправилно престројување, по еден возач - поради поминување на крстосница на црвено светло, неправилно престигнување, и недавање првенство на минување во зона на крстосница, додека пак четворица возачи се санкционирани поради неносење заштитен шлем (кацига). Исто така, исклучени од сообраќај биле 11 возила од кои две поради техничка неисправност и девет бидејќи биле нерегистрирани. Истовремено, санкционирани се и 17 пешаци затоа што поминале коловоз надвор од пешачки премин, а 13 пешаци затоа што поминале коловоз на црвено светло. Во текот на изминатиот ден издадени се 100 мандатни платни налози, додека 65 возила се подигнати со специјално возило "пајак".

 

На  25.06.2018 година во 18,00 часот во Полициска станица Кичево, Ј.П.(66) од Кичево пријавил дека во период од пред две недели, во село Прострање, кичевско, непознат сторител извршил тешка кражба во црквата  „Света Петка“, при што откако влегол во црквата, со подесен предмет делувал на катанецот од металната  каса и одзел околу 1.500 денари. Исто така, во период од 23 до 25.06.2018 година во село Прострање, непознат сторител го пронашол клучот од влезната врата во црквата „Св. Никола“, по што влегол внатре и  откако не пронашол ништо, заминал. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и целосно расчистување на настаните.

 

Во периодот од 23.30 часот на 26.06.2018 до 03.00 часот на 27.06.2018 година полициски службеници од СВР Тетово и од Отсекот за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија Тетово спровеле акциска контрола во угостителски објект во село Добридол, гостиварско, сопственост на Б.Р.(25) од истото село. Притоа, во објектот биле затекнати седум женски лица (танчерки) а од нив четири биле странски и три државјанки на Република Македонија.Четирите странски државјанки (три од Република Косово и една од Република Словенија), на возраст од 20 до 32 години, поради злоупотреба на туристичкиот престој, односно престојување спротивно на целта, биле приведени и задржани во Полициската станица Тетово за понатамошна постапка. Во исто време била спроведена акциска контрола  и во угостителски објект  во село Чегране, гостиварско, во кој биле затекнати осум женски лица, сите македонски државјанки.

 

На 26.06.2018 година во 15,00 часот во Полициската станица Бит Пазар Н.К.(22) пријавил дека во периодот од 23 до 26.06.2018 година на булевар “Македонско Косовска Бригада“ на паркинг од страна на непознат сторител било одземено товарно моторно возило “Опел Мовано“ со скопски регистерски таблици, при што сторителот се стекнал со противправна имотна корист од околу 420.000 денари. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

 

На 26.06.2018 година во 11,10 часот во Секторот за внатрешни работи Скопје А.П.(61) и Ќ.С.(29) пријавиле дека биле физички нападнати од страна на М.Х.(61) од Скопје. Физичкиот напад бил извршен додека двајцата пријавители извршувале градежни работи на булевар “Крсте Мисирков“ каде дошол М.Х. и со возило сакал да помине на местото каде што се извршувале работите и бидејќи не сакал да чека да се ослободи патот, физички ги нападнал. Извршен бил разговор со пријавениот и бил земен записник по член 12 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир.

 

На 26.06.2018 година во Полициската станица Бит Пазар С.М.(33) пријавила дека истиот ден околу 15,30 часот на улицата “376“ од страна на три малолетни машки лица и едно женско лице физички бил нападнат нејзиниот 13 годишен син при што му биле нанесени видливи повреди.  Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

 

На 26.06.2018 година во 17,30 часот во Секторот за внатрешни работи Скопје В.С.(71) пријавила дека истиот ден околу 15,00 часот на улица “Алексо Демниевски“ од страна на непознато лице и била извршена измама за износ од 8.000 денари. Сторителот измамата ја извршил на тој начин што додека пријавителката седела во нејзината куќа дошло лицето нудејќи и за продажба три кубни метри огревни дрва за цена од 8.000 денари. В.С. му  ги дала парите, а тој и кажал дека за кратко време ќе и ги донесе дрвата во дворот по што си заминал и не се вратил. Се работи на целосно расчистување на случајот.

 

На 26.06.2018 година во 15,40 часот во Полициската станица Центар М.Ј.(31) пријавил дека истиот ден околу 08,30 часот додека се движел со велосипед на улица “Македонија“ бил нападнат од кучиња-скитници и едно од нив го каснало во пределот на десната подколеница.

 

Секторот за внатрешни работи Штип поднесе кривична пријава против М.Д.(35) од Штип за сторено кривично дело - “разбојништво“. На 06.06.2018 година околу 16,30 часот, во село Стар Караорман, штипско, во домот на С.С.(56), пријавениот, под дејство на алкохол, физички го нападнал С.С., при што му нанел телесни повреди и му одзел 8.000 денари. Истиот ден, околу 17,50 часот во угостителскиот објект во село Стар Караорман оштетениот побарал од пријавениот да му ги врати парите, по М.Д. повторно физички го нападнал нанесувајќи му телесни повреди, констатирани во Клиничка болница Штип.

Надворешната канцеларија за криминалистички истраги Виница поднесе кривична пријава против Д.Р. (31) жител на виничко село поради основано сомнение за сторено кривично дело “силување во обид“. Настанот се случил на 18.06.2018 година кога пријавениот се обидел да силувал 16 годишно девојче кое ги напасувало овците во атар на селото.

Секторот за внатрешни работи Штип поднесе кривична пријава против И.Ц.(44) од Штип за сторено кривично дело “измама“. Во периодот од април до јуни минатата година, во Штип во домот на Ц.К., пријавениот во повеќе наврати, барајќи парични средства за лекување на ќерката на Ц.К., од истата зел вкупно 348.500 денари.

Секторот за внатрешни работи Охрид поднесе кривична пријава против М.И.(19) од Охрид, за сторено кривично дело “неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. На 27.12.2017 година во Охрид од страна на полициски службеници, при преглед над пријавениот, а истот така и при претрес во неговиот дом пронајдени и одземени се 353,8 грама марихуана.

 

Секторот за внатрешни работи Охрид поднесе кривична пријава против О.Л.(49) од  Струга за сторено кривично дело “злоупотреба на службена положба и овластување во обид.  Пријавената, како шеф на комерција и претседател на Комисијата за јавни набавки во ЈЗУ Општа болница-Охрид, објавила тендер за јавна набавка на услуги за сервисирање на  медицинска опрема во износ од 6.000.000 денари, и покрај тоа што во годишниот план за јавна набавка за 2017 година за таа намена била предвидена сума од 3.000.000 денари. По ова, комисијата за дисциплински постапки предложила прекинување на тендерската постапка, при што пријавената, пред одржување на седница на комисијата, од нејзинот приватен компјутер, без потребната согласност од управниот одбор, ја стопирала-поништила тендерската постапка. Со ова пријавената се обидела, на ЈЗУ Општа болница-Охрид, да и нанесе материјална штета од 3.000.000 денари.