05 октомври 2018

Изменет сообраќаен режим во Скопје за време на викендот

Поради одржувањето на најавени манифестации во главниот град, во деновите од викендов, Одделенето за безбедност на сообраќајот на патиштата при СВР Скопје ќе воведе посебен сообраќаен режим како во насока на непречено одвивање на манифестациите така и со цел да се избегнат сообраќајните гужви и застои.
Така, утре и задутре (06/07.10) во времето од 07,00 до 17,30 часот, во организација на АКК Примо АВЈ – Скопје, ќе се одржи меѓународен кружен натпревар во автомобилизам „Скопје 2018“. Натпреварувачката траса ќе биде од потегот на крстосницата на булеварот „Крсте Петков-Мисирков“ со булеварот „Гоце Делчев“, право до крстосницата на булеварот „Гоце Делчев“ и улицата „Беласица“ до надвозникот на железничката пруга на исток (кај Железничката станица), северно продолжува до кружниот тек (кај хотел Континентал), јужно до крстосницата на улицата „Владимир Комаров“ и улицата „Беласица“ во Скопје. Притоа, сообраќајната полиција покрај затворањето за сообраќај на делниците предвидени во тркачката траса ќе превземе мерки за посебен режим на сообраќајот и на сообраќајните во близина на трасата.
Потоа, задутре (07.10.) во организација на Сојузот на спортови на Скопје, во времето од 07,30 до 11,00 часот, ќе се одржи улична трка на 10 километри насловена како „Скопје трча 10К 2018“. Трасата на трката е од булеварот „Илинден“ на потегот од крстосницата со улицата „Наум Наумовски Борче“ до крстосницата со улицата „Љубљанска“ во Скопје, при што за сообраќај ќе биде затворен булеварот „Илинден“ на потегот од крстосницата со булеварот „Климент Охридски“ до крстосницата со улицата „Никола Парапунов“. И во овој случај покрај затворената делница за сообраќај посебно ќе биде регулиран режимот на сообраќај на сообраќајниците во непосредна близина на трасата.
И исто така задутре, во организација на здружението “Борка – За секој нов ден“, во времето од 10,00 до 15,00 часот во рамки на кампањата за борба против рак на дојка, насловена како „Напред розово 2018 – чекори против ракот на дојка“, ќе се одржи марш со траса на движење од објектот “Школка“ во Градскиот парк во правец кон Зоолошка градина, покрај ТК Југ, десно по патеката покрај Зоолошката градина се до паркингот пред Градско собрание каде се врти десно. Потоа маршот ќе се движи право по булеварот „Илинден“ покрај бараките на Градско Собрание се до Фонтана и се врти десно покрај чешмата во правец на Школка, каде и ќе се одвива централниот настан. Од тие причини сообраќајните полицајци ќе превземат мерки за посебен режим на сообраќајот околу делницата предвидена со маршот.
Наедно, во оваа прилика, МВР апелира  до граѓаните  да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници  по сообраќајниците каде што ќе се одвиваат настаните.