Secure Information Exchange Network Application

SIENA - СИГУРНА РАЗМЕНА НА ИНФОРМАЦИИ

SIENA ( Secure Information Exchange Network Application ) е апликација на ЕВРОПОЛ односно алатка за сигурна размена на информации која ја олеснува размената на оперативни и стратешки информации поврзани со криминалот помеѓу земјите членки на ЕВРОПОЛ, ЕВРОПОЛ и третите партнери на ЕВРОПОЛ а воедно со истата се подржува и размената на информации во согласност со Шведската иницијатива, за оние земји кои ја применуваат. Тоа е систем кој овозможува брза, сигурна и лесна трансмисија на информации и нивно процесуирање, ажурирање во согласност со мандатот  и правилата на ЕВРОПОЛ.

Оваа апликација е во примена во ЕВРОПОЛ од 01.07.2009 година и е постојано надоградувана со цел да ги задоволи правилата на заштита на лични податоци и безбедност на класифицирани информации, како и да обезбеди усогласеност со сите други правни барања. Во почетокот таа е дизајнирана за олеснување на комуникацијата помеѓу Одделенијата на ЕВРОПОЛ и Бироата за врски само на земјите членки на ЕУ и ЕВРОПОЛ. Денес истата се користи и од земји кои не се членки на ЕУ, но со кои ЕВРОПОЛ има склучено Оперативни и Стратешки договори за соработка.

Со потпишувањето на Меморандумот за разбирање за воспоставување на комуникациска врска помеѓу Република Македонија и  ЕВРОПОЛ и Билатералниот договор за поврзување на компјутерски  мрежи, кои се во сила од 01.05.2012 година,  се создаде законска основа за поврзување и на МВР на РМ со комуникациската алатка на ЕВРОПОЛ за размена на информации – SIENA .

Со воспоставување на SIENA комуникациската врска на 24.10.2013 помеѓу ЕВРОПОЛ и Националната контакт точка на ЕВРОПОЛ во Република Македонија, и по спроведена обука и добиени сертификати за користење на апликацијата од страна на корисниците, овозможена е директна размена на информации на Република Македонија  со сите земји членки на ЕУ и третите партнери за соработка со ЕВРОПОЛ, како и со различни оддели во ЕВРОПОЛ.

Заради усовршување на одредени услуги на оваа апликација, во 2014 година  Европол реализираше проект за акредитација на телекомуникациската мрежа за размена на информации и подигање на степенот на доверливост при размена на информации преку  апликацијата, кој се спроведе во Европол, како и во сите трети земји и меѓународни субјекти кои со Европол соработуваат врз основа на оперативни договори за соработка.

Проектот, во кој беа вклучени технички лица од Секторот за информатичка технологија, во МВР на РМ се изведуваше во две фази: инсталирање на нов сигурносен кабинет (Rack) во Секторот за меѓународна полициска соработка и промена на постоечкиот локален VPN провајдер. Во врска со извршените промени започната е постапка за склучување на нов Билатерален договор за поврзување на компјутерски мрежи  помеѓу Република Македонија и Европол.