07 април 2017

Учество на Министерот Д-р Нухиу на Салзбуршкиот Форум во Сараево

 Делегација од министерството за внатрешни работи на Република Македонија  предводена од министерот Д-р Агим Нухиу денес учествува на Конференцијата на министри за внатрешни и надворешни работи во рамки на Салцбуршкиот Форум на тема : Предизвици поставени од екстремизмот и тероризмот “ОБЛИКУВАЊЕ НА НАШАТА ЗАЕДНИЧКА ИДНИНА”, Заеднички вредности и основни права , што се одржува во Парламентот во Сараево, Босна и Херцеговина.

На конференцијата во своето  обраќање на оваа тема министерот Д-р Нухиу меѓудругото рече: ,,Екстремизмот претставува феномен насочен кон воспоставените вредности на едно демократско општество, кој во дадени услови може да содржи елементи на насилен криминалитет. Заканата од насилниот екстремизам е комплексна, тој е во можност да ги дестабилизира државите и да предизвика насилство. Во услови на глобализација на светот, поврзаноста на екстремизмот со тероризмот, верскиот радикализам и национализмот претставува сериозна закана која ги надминува националните рамки и поприма меѓународна димензија.  Македонија во континуитет е изложена на асиметрични закани кои произлегуваат од зачестеното манифестирање на етничка нетрпеливост, верска нетолеранција и екстремизам, кои создаваат погодно тло за радикализација која може да доведе до тероризам. Република Македонија во 2015 година се соочи со неконтролиран прилив и транзит на огромен број бегалци и мигранти кои се упатуваа кон земјите на ЕУ. Мигрантската криза продолжи и во 2016 година, но со значително помал интезитет, пред се како резултат на затворањето на „Балканската рута“, како и спроведувањето на договорот помеѓу ЕУ и Турција. Сепак, имајќи го предвид бројот на бегалци/мигранти кои престојуваат на територијата на Турција и Грција, постои реален ризик од повторно создавање на бегалски бран во 2017 година. Тргнувајќи од искуствата со мигрантската криза од 2015 година, при реализација на вакво сценарио, Република Македонија би била една од најпогодените држави на т.н „Балканска рута“. Ефикасната превенција и сузбивање на појавните облици на овие феномени подразбира координирана регионална соработка и постојана надградба на нормативните и институционални капацитети, како и градење на заедничка безбедносна стратегија за справување со предизвиците.  ,,