16 март 2017

Средба на министерот д-р Агим Нухиу со делегација од германскиот Бундестаг

  Министерот за внатрешни работи д-р Агим Нухиу денеска се сретна со претставници на Комисијата за избори, имунитет и деловничко уредување од германскиот Бундестаг, кои беа придружувани од Н.Е. Кристине Алтхаузер, Амбасадор на Сојузна Република Германија во Република Македонија.  

На средбата двете страни ја потенцираа успешната и плодна соработка помеѓу двете земји. Според министерот Нухиу, долгогодишната соработка е полна со доверба и се протега на многу области. Министерот Нухиу, воедно, изрази и благодарност за поддршката која ја добиваме од СР Германија, како од аспект на материјално-техничка опрема, така и од аспект на организирање на разни обуки и усовршување во различни области од полициското работење. Претставниците на Бундестагот истакнаа дека соработката и партнерството со Република Македонија ќе бидат продлабочени и интензивирани и во иднина, со цел евро-атлантска интеграција на земјата.

Министерот за внатрешни работи на средбата се осврна и на актуелната ситуација во Република Македонија, при што истакна дека МВР има капацитети и е максимално посветена во одржување на јавниот ред и мир и безбедноста и сигурноста  на сите граѓани.