28.09.2016

Средба на министерот Спасовски со амбaсадорот на Израел

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска одржа работна средба со амбасадорот на Израел Н.Е. Дан Орјан.

На почетокот од средбата, во свое име и во име на Министерството, министерот Спасовски изрази сочувство и длабоко жалење за смртта на поранешниот претседател Шимон Перес. Министерот Спасовски ја истакна улогата на поранешниот претседател како миротворец и голем заложник за мирот и стабилноста во светот.

Министерот Спасовски и амбасадорот Орјан на средбата ја потенцираа досегашната одлична соработка помеѓу двете земји и изразија уверување за нејзино продолжување и продлабочување.

Соговорниците разменија мислења за предизвиците со кои се соочуваат двете земји, при што особено беа потенцирани можните закани и опасности од тероризмот и мигрантската криза. Амбасадорот Орјан повтори дека Државата Израел ја изразува својата подготвеност да и помогне на Република Македонија при соочувањето со сите предизвици.

Министерот Спасовски и амбасадорот Орјан разговараа и за претстојните парламентарни избори и улогата на МВР во нивната подготовка и спроведување.  Министерот Спасовски потенцираше дека е неопходно изборите да бидат фер и демократски, а идната Влада да биде составена од чесни и некорумпирани политичари. Амбасадорот Орјан истакна дека Државата Израел ќе соработува со владата која ќе биде избрана на демократски и чесни избори.