28.09.2016

Средба на министерот Оливер Спасовски со амбасадорот на Италија Карло Ромео

 Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска одржа работна средба со амбасадорот на Италијанската Република Н.Е Карло Ромео. Министерот Спасовски на почетокот од состанокот му упати честитки на амбасадорот Ромео за назначувањето, со желба во периодот на неговиот мандат да се продлабочи соработката помеѓу двете држави и се заблагодари на поддршката од Италијанската Република во напорите за надминување на политичката криза во Република Македонија. 
Амбасадорот Ромео ја нагласи добрата соработка со Република Македонија и изрази подготвеност таа  и натаму да се развива со ист интензитет. Тој рече дека Италија како држава пријател ќе продолжи да ја поддржува Република Македонија во интегративните процеси во ЕУ и НАТО како и во справувањето со предизвикот за организирање на фер и демократски избори и во креирањето на новите реформи во државата бидејќи граѓаните го очекуваат тоа. Амбасадорот се осврна и на мигрантската криза и изрази подготвеност за помош за успешно справување со овој проблем.
Министерот Спасовски се заблагодари на поддршката и потенцира дека мигрантската криза е еден од најголемите предизвици со кои се соочи Република Македонија, а во справувањето со него големо значење имаше поддршката од земјите од Европската унија. Министерот Спасовски рече дека во Република Македонија мора да се одржат фер и демократски избори и дека МВР во целост ќе придонесе за тоа да се случи.