Министерот Спасовски на Конференција за промоција на проектот „Јакнење на почитувањето на човековите права при полициското постапување“

 

 

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска присуствуваше на Конференцијата за промоција на проектот „Јакнење на почитувањето на човековите права при полициското постапување“, што се реализира во рамки на Хоризонталната програма за Западен Балкан и Турција. Овој проект претставува продолжение на претходно релизираните активности во рамки на проектот „Поддршка за воспоставување на надворешен независен механизам за надзор на работата на полицијата”, имплементиран од страна на Советот на Европа со финансиска поддршка од Кралството Холандија, кој во април оваа година заврши со донесување на заклучоци за избор на двостепен модел „Обвинителство плус”, односно воспоставување на специјализирано одделение во рамките на Јавното обвинителство и основање на ново тело за граѓанска ревизија со можност истото да има второстепена функција.

Во своето обраќање Министерот Спасовски потенцира дека една од главните цели на полицијата во демократското општество е да ги штити и почитува човековите слободи и права на поединецот.

„При  преземањето на активности во рамките на своите овластувања, полициските службеници мора стриктно да го почитуваат правото на живот и хумано да постапуваат со секое лице, без разлика дали лицето бара заштита од полицијата или пак е лице кое го крши законот и е сторител на некое кривично дело. Во своето постапување полициските службеници имаат обврска да ги почитуваат критериумите на законитост, сразмерност и недискриминација, а секој полициски службеник треба да подлежи на индивидуална одговорност за своите постапки во текот на вршењето на полициските задачи“, рече министерот Спасовски.

Тој потенцира дека полицијата мора да биде блиска до граѓаните, да одговара на нивните потреби и проблеми, од маалата и населените места, преку специјалните единици до единиците за справување со организиран криминал.

„Во демократските општества критиките упатени до полицијата во однос на злоупотреби на овластувањата и прекршување на човековите права во полициска постапка се проверуваат од тела кои спроведуваат внатрешен и надворешен надзор и контрола на работата на полицијата. Но, лично се заложувам за целосна професионализација на полицијата, за полиција на висина на задачата, што ја сфаќа својата сериозна улога во општеството и сакам да кажам дека сум задоволен дека постојат совесни луѓе вработени во Министерството, кои го поддржуваат овој начин на работа, што изминатите години не беше пракса.  Ако нема свесност за одговорната улога кај секого поединечно дека само со професионален пристап во работата можеме да бидеме од корист на граѓаните и државата, ниту еден контролен механизам нема да биде доволен. Затоа заедно со професионалците во Министерството за внатрешни работи се определивме кон совладување на сите наследени проблеми во функционирањето на МВР, што се одрази дури и до структурите на внатрешната контрола. Не се дозволиви злоупотреби на Министерството и на вработените во кој и да е сектор во полицијата, за разни други цели, спротивни на интересите на граѓаните. Полицијата мора да ги почитува човековите права и ќе ги почитува. Полицијата така мора да функционира! За граѓаните- рече Спасовски.