Проекти и кампањи

11 јули 2015

Промовирана кампањата “Driving through Macedonia”

 

Министерството за внатрешни работи во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата  и останатите партнери денес на граничниот премин Табановце ја промовираше кампањата “Driving through Macedonia” која е составен дел акцијата насловена како “Летна кампања 2015”, и има за цел да ги информира странските возачи кои претстојуваат или минуваат низ Република Македонија за специфичните сообраќајни правила и прописи во Република Македонија, за условите на патиштата и условите во сообраќајот во Република Македонија, како и да испрати пораки со совети за нивно внимателно и одговорно однесување во сообраќајот. 
На настанот присуствуваа Министерот за внатрешни работи м-р Митко Чавков  и Претседателот на РСБСП м-р Стојче Стаменковски  кои делеа флаери со информативна содржина на странците кои влегуваат во земјава. 
“Флаерите се на англиски јазик. Имаат скица на Република Македонија, скица на патишта, за прилагодување на брзината на возење според условите на патиштата. Сметаме дека и оваа кампања ќе даде соодветен придонес во безбедносните состојби на патиштата. Ние бележиме некои успеси. Само за илустрација, во првата половина од 2015 година имаме значително намалување на сообраќајните несреќи со смртни последици. Мислам дека имаме оваа година 60 случаеви со смртни последици, за разлика од лани кога имаше 71 случај“- кажа Чаков. 
Министерот потенцира дека и понатаму ќе работат на подобрување на безбедноста во сообраќајот, посебно на коридорот 8 и 10, кои имаат поголема фреквенција на патници, а флаери ќе бидат поделени на сите гранични премини. 
“Целта на кампањата е подобрување на безбедноста на странските туристи кои транзитираат во Република Македонија и подигнување на нивната свест за учество во сообраќајот. Во оваа прилика сакам уште еднаш да упатам апел до странските туристи, но и до домашните возачи внимателно да се однесуваат во сообраќајот, да ги почитуваат правилата и прописите и одговорно да управуваат со своето моторно возило“- вели Стојче Стаменковски, претседател на РСБСП. 
Индикаторите за безбедноста на сообраќајот на патиштата укажуваат на фактот дека во летниот период, за време на годишните одмори , во услови на зголемена сообраќајна фреквенција и високи температури , се зголемува ризикот за влошување на безбедноста на сообраќајот на патиштата. Ваквите состојби ја поттикнуваат потребата за преземање на една широка и сеопфатна акција за подобрување на безбедност на сообраќајот на патиштата во овој период од годината со што во рамките на акцијата „ ЛЕТНА КАМПАЊА 2014 “ освен кампањата “Driving through Macedonia” ќе се реализираат повеќе активности од страна на повеќе државни органи и институции, како и организации и здруженија на граѓани, кои се насочени кон сите учесници во сообраќајот.