04 јули 2015

Полициски службеници „наплатувале“ за издавање потврди на сириски државјани

Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди поднесе кривична пријава против Т.Џ(41)-полициски службеник во НК за КР „Југ“ поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ предвидено и казниво по член 353 став 1 и Д.Н.(37) полициски службеник во НК за КР Гевгелија поради постоење основи на сомнени за сторено кривично дело „помагање“ по член 24 а во врска со кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

Имено, Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди, врз основа на претходно сознание за можна инволвираност на полициски службеници од РЦ за ГР „Југ“ и НК за КР Гевгелија во инкриминирани активности околу издавање потврди за искажана намера за поднесување на барање за признавање право на азил, презема активности за докажување и документирање на настанот.

Од извршените проверки од страна на СВКПС, констатирано е дека на 01.07.2015 година, по претходен договор со првопријавениот, второпријавениот обезбедил документи издадени од Р.Грција на сиријски државјани кои влегле во Р.Македонија и од истите побарал да платат по 15 евра по лице за да им посредува за издавање потврди за искажана намера за поднесување на барање за признавање право на азил.

По ова, второпријавениот документите издадени од Р.Грција ги дал на првопријавениот со цел истиот да изготви потврди за лицата наведени во документите. Откако ќе ги изготвел потврдите, истиот требало да ги предаде на второпријавениот кој за возврат од сириските државјани, ќе добиел по 15 евра од лице.

По преземени мерки од полициски службеници, пријавените биле спречени во натамошните активности и од првопријавениот, одземени се петнаесетте документи издадени од грчките власти за што е известен и консултиран Јавниот обвинител и врз основа на издадена наредба полициските службеници се задржани во ПС од ОН Гевгелија.

По доставената кривична пријава до ОЈО Гевгелија од страна на судија во претходна постапка на полициските службеници им е изготвено Решение со кое им е одредена мерка домашен притвор во времетраење од осум дена.