Извадок на дел од дневни настани 07.11.2018

На 06.11.2018 година околу 17.40 часот на регионалниот пат Куманово – Свети Николе, патничко возило „Опел корса“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од Д.А.(47) од Куманово, удрило во велосипедистот  Т.С.(70) од село Стањевци, светиниколско. Т.С.  починал на местото на настанот, а смрт била констатирана од лекар од Јавната здравствена установа Свети Николе. Увид на местото извршиле Јавен обвинител и увидна екипа од Полициската станица Свети Николе.

На 06.11.2018 годинa во 14.00 часот во Скопје на крстосницата од улица „Белградска“, улица „Тодор Александров“ и булевар „Мајка Тереза“, патничко возило „Опел Корса“ со скопски регистарски ознаки, управувано од С.А.(58) од Скопје, удрило во пешаците Р.К.(48) од село Стајковци, скопско и М.Б.(54) од Скопје.  Од ударот Р.К. се здобила со тешки телесни повреди, додека М.Б. се здобила со телесни повреди. Двете биле пренесени во Ургентен центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде им била укажана лекарска помош. Увид на местото извршила екипа од СВР Скопје.

На 06.11.2018 година во 15.00 часот на Граничен премин „Аеродром Скопје“, при пасошка контрола, било констатирано дека З.П.(37) од Скопје се наоѓа на листата  со мерка „Апси”. Во 16.30 часот тој бил предаден на полициски службеници од Полициската станица Аеродром за спровод до Казнено-поправната  установа Идризово.

Во текот на изминатиoт ден (06.11.), на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје се случиле седум сообраќајни незгоди од кои една со тешки телесни повреди, пет со телесни повреди и една со материјална штета. При сообраќајните незгоди едно лице се здобило со тешки телесни повреди и осум со лесни телесни повреди. 11 возачи се санкционирани бидејќи се движеле со поголема брзина од дозволената. Исто така исклучени се и 13 возачи бидејќи го управувале возилото пред да се стекнат со право за управување на моторно возило. 19 возила се исклучени од сообраќај бидејќи биле нерегистрирани. Санкционирани се и пет возачи кои поминале крстосница на црвено светло и еден кој не дал првенство на минување на пешаци. Во текот на изминатиот ден издадени се 76 мандатни платни налози,  додека исто така 71 возила се подигнати со "Пајак".

Во периодот од 23.55 часот на 06.11.2018 до 01.30 часот на 07.11.2018 година полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Куманово во содејство со Државниот пазарен инспекторат и Управата за јавни приходи извршиле контрола во угостителски објект во село Слупчане, општина Липково. При контролата, во објектот биле затекнати девет танчерки/пејачки од кои шест странски државјанки ( три од Република Албанија и три од Косово), кои не биле пријавени и не поседувале дозволи за работа. Тие биле предадени на инспектор за странци и реадмисија за понатамошна постапка. Од Државниот  пазарен инспекторат било констатирано дека угостителскиот објект врши дејност без да биде регистриран во соодветен регистар и на сопственикот му била изречена глоба и мерка забрана за вршење на дејност од еден месец. Од инспектор од УЈП бил констатиран прекршок по закон за регистрирање на готовински плаќања за што му била изречена глоба во висина од 500 евра и мерка затворање на објектот во траење од еден месец.

Секторот за внатрешни работи Куманово поднесе кривична пријава против С.К.(47) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, казниво по член 353 став 1 од Кривичниот законик на Република Македонија. На 31.05.2018 година околу 22.00 часот на Граничен премин „Табановце“, пријавениот, како цариник во царинска испостава „Табановце”, извршил преглед над лицето А.С.(61) од Република Србија, кој пешки ја поминувал границата помеѓу Република Македонија и Република Србија. Притоа, пријавениот му одзел два паричници (во едниот имало само српски динари, а во другиот само швајцарски франци) и без присуство на А.С. или друг цариник извршил проверка на паричниците во службена просторија и од едниот одзел 1.000 швајцарски франци. После тоа, С.К., без присуство на друг цариник, во службената просторија извршил преглед на А.С.. Откако не утврдил неправилности, без изготвен записник, го ослободил А.С. да ја напушти Република Македонија.  Кога пристигнал во Република Србија А.С. забележал дека му фалат 1.000 швајцарски франци. Повторно се вратил на Граничниот премин Табановце и го известил пријавениот дека му фалат пари. Но, С.К. не го пријавил настанот, туку му наредил на А.С. да ја напушти Република Македонија.  На 20.06.2018 година А.С. го пријавил настанот во СВР Куманово. По преземени мерки и по консултација со Јавен обвинител против С.К. била изготвена кривична пријава.    

Секторот за внатрешни работи Скопје поднесе кривична пријава против А.Ш.(18) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени две кривични дела „тешка кражба“ и четири кривични дела „тешка кражба во обид“, со што се стекнал со противправна имотна корист од околу 120.000 денари. Во периодот од 17.30 часот на 05.04.2018 до 06.30 часот на 06.04.2018 година во Скопје, во просториите на две правни лица пријавениот извршил тешки кражби. Со употреба на сила тој влегол во двете простории и одзел компјутери и разновиден алат. Исто така, пријавениот извршил тешка кражба во обид во магацин на уште една фирма, додека останатите три тешки кражби во обид ги сторил во две товарни и едно патничко возило.

На 06.11.2018 година во 16.05 часот во Полициската станица Штип, Д.М.(41) од Штип пријавил дека неговиот татко К.Г.(67)  на 05.11.2018 година околу 20.00 часот излегол од нивниот дом и до пријавување не се вратил дома. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.
        
Секторот за внатрешни работи Скопје поднесе кривична прија против Д.Б.(32) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „кражба“. На 29.10.2018 година во периодот од 19.30 до 19.45 часот во кафе бар на улица „Кеј Димитар Влахов” во Скопје, при згодна прилика, пријавениот одзел фото апарат „Никон”, по што истиот го продал во заложна куќа и се стекнал со противправна имотна корист од околу 300.000 денари.

Секторот за внатрешни работи Скопје поднесе кривична пријава против Б.Л.(22) од Скопје и И.Н. од село Грчец поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“. На 11.05.2018 година околу 22.45 часот во Скопје, на крстосницата помеѓу улица „Московска” и улица „Софиска”, од патничко моторно возило „Ауди А6”, управувано од првопријавениот, и второпријавениот како совозач, првопријавениот од пиштол испукал четири куршуми кон патничко возило „Мерцедес C-500”. За време на настанот нема повредени лица.  
   
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против М.В.(63) од село Велешта, струшко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување на општа опасност“. На 16.10.2018 година во 15.10 часот во село Велешта, струшко, пријавениот со палење на сува трева предизвикал пожар, кој потоа се проширил и ја зафатил плевната, сопственост на С.Ш.(61) од село Велешта. Во пожарот била опожарена кровната конструкција, бали со сено, дел од земјоделска механизација и друго, со што била причинета материјална штета од 400.000 денари.

На 06.11.2018 година во 12.20 часот на булeвар „Гоце Делчев“ во Скопје, кај Основен суд Скопје 1, при преземање на службени дејствија во врска со сторен сообраќаен прекршок, С.Е. (38) од Скопје омаловажувал и агресивно се однесувал кон полициски службеници. Се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.