Извадок на дел од дневни настани 10.10.2018

На 09.10.2018 година во 19,15 часот било пријавено дека во Куманово на улицата „Народна револуција“ велосипед управуван од М.К.(18) од с.Биљановце-кумановско, удрил во пешакот Ј.Б.(68) од Куманово. Со тешки телесни повреди се здобила Ј.Б., која била пренесена во Ургентниот центар во Куманово. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР-Куманово и се работи на целосно расчистување на случајот.

На 09.10.2018 година околу 15,30 часот било пријавено дека на крстосницата од улицата „8-ми Септември“ со улицата „Архиепископ Михаил“ и улицата „Страшо Пинџур“ во Велес се случила сообраќајна незгода помеѓу мотоцикл „Тумопар“ со велешки регистарски ознаки, управуван од И.К.(47) од Велес и мотоцикл „Кимко“ со велешки регистарски ознаки, управуван од М.Ѓ.(22) од Велес. Во незгодата со повреди се здобил возачот на мотоциклот „Тумопар“. Со возило на Итна медицинска помош тој бил пренесен  во Општата болница – Велес. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Велес и се работи на целосно расчистување на случајот.

На 09.10.2018 година во 18,45 часот во Полициската станица Карпош Ј.Н.(63) пријавила дека истиот ден околу 15,00 часот од домот во непознат правец се оддалечил нејзиниот брат П.Н.(68). Се превземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 09.10.2018 година, Секторот за внатрешни работи Скопје - Единица за недозволена трговија – Одделение за недозволена трговија со дрога, со кривична пријава до надлежното Основно јавно обвинителство - Скопје го предаде лицето М. Р. (30), поради постоење на основи на сомнение дека сторила кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“ предвидено и казниво по член 215 од Кривичниот законик на РМ. На 08.10.2018 година на ул.Мите Богоевски во Скопје при извршен претрес кај М.Р. пронајдени и одземени се 39,7 мл хашиш-смола, 12 мл хашиш-масло, семки од канабис, околу 40 грама марихуана помешана со тутун, т.н. „тејзер“, односно тип на оружје кое спаѓа во групата на електрични парализатори, дигитални ваги, шприцеви и други предмети. За ова лице се водат и други кривични постапки за истото кривично дело.

Во текот на изминатиoт ден (09.10.) на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје се случиле 10 сообраќајни незгоди од кои три со телесни повреди и седум со материјална штета. При сообраќајните незгоди шест лица се здобиле со телесни повреди. Потоа 59 возачи се санкциониран бидејќи се движеле со поголема брзина од дозволената. Исто така исклучени се и 31 возач бидејќи 16 го управувале возилото пред да се стекнат со право за управување на моторно возило, осум го управувале возилото под дејство на алкохол и седум биле возачи почетници. Од сообраќај се исклучени 15 возила бидејќи 14 биле нерегистрирани и едно возило било технички неисправно. Санкционирани се и четири возачи кои поминале крстосница на црвено светло, еден не дал првенство на минување на пешаци, седум неправилно се престроиле, двајца поради неправилно престигнување и еден возач поради не користење на заштитен шлем. Во однос на пешаците санкционирани се 31 пешак кои поминале коловоз надвор од пешачки премин и четворица кои поминале коловоз на црвено светло. Во текот на изминатиот ден издадени се 87 мандатни платни налози,  додека исто така 68 возила се подигнати со "Пајак".

На 09.10.2018 година во 11.08 часот во Секторот за внатрешни работи Скопје, било пријавено дека на автобуска постојка кај ЕТУЦ „Михајло Пупин“ на улица „Благоја Стефковски“ имало тепачка помеѓу повеќе лица. Полициски службеници излегле на местото и било констатирано дека група од пет до шест ученици од училишптето физички го нападнале Н.С.(18) од Скопје, исто така, ученик во училиштето. Еден од напаѓачите бил затекнат на местото. Се работи за 16-годишен малолетник од Скопје. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
 
На 09.10.2018 година во 23.00 часот во Полициското одделение Сарај,  М.П.(27) од Скопје пријавил дека истиот ден околу 22.00 часот на автобуска постојка во село Сарај физички бил нападнат од С.И. од село Сарај и уште четири непознати лица. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
 
На 09.10.2018 година во 10.20 часот во Полициската станица Чаир, М.И.(56) од Скопје пријавил дека истиот ден околу 09.15 часот на улица „Тале Христов“  неговиот 15-годишен син физички бил нападнат од две непознати лица. Се преземаат мерки за расчитување на случајот.
 
На 09.10.2018 година во 12.10 часот во СВР-Скопје А.М.(21) од Скопје пријави дека на 06.10.2018 година околу 03.30 часот пред дискотека во Градски Парк, додека бил со негов пријател А.К.(21) од Скопје, физички бил нападнат од непознато лице, по што изгубил свест. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
 
На 09.10.2018 година околу 20.30 часот во село Камењане, тетовско, од слобода бил лишен Б.Ш.(29) од село Пирок. При извршен преглед, кај него била пронајдена марихуана, ризла и пластично шише со непозната течност. Пронајдените предмети биле одземени и дадени на вештачење. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
 
На 09.10.2018 година во 19.35 часот во Полициската станица Центар, С.М.(39) од Скопје пријавила дека на 08.10.2018 година околу 18.20 часот на Кејот на Градски Парк, била касната од куче скитник во пределот на левата потколеница.
 
Регионалниот центар за Гранични работи „Југ“ поднесе кривична пријава против Д.Д.(27) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „криумчарење на мигранти“. На 09.10.2018 година во 05.00 часот во близина на болница „Негорци“ полициски службеници дале знак за запирање на патничко возило „Ауди А8”, но возилото не застанало. Набргу потоа возилото било сопрено, а возачот бил приведен. При преглед, во возилото биле пронајдени 10 лица-мигранти, државјани на Пакистан.
 
СВР Куманово поднесе кривична пријава против Б.С. (45) од село Гошинце за сторено кривично дело „вршење јавен превоз без поседување лиценца“. На 29.07.2018 година во 18.30 часот во атар на село Липково, во близина на браната “Глажња”,  од страна на вработени во ЈП „Македонски Шуми”, при контрола на товарно возило „Мерцедес“, управувано од пријавениот, било утврдено дека вршел јавен превоз на дрвни сортименти без соодветна лиценца издадена од  Министерството за транспорт и врски.
 
Секторот за внатрешни работи Скопје, до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје, поднесе кривична пријава против Е.Р.(23) и А.Т.(21), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „насилство”.  На 07-ми овој месец во 22.30 часот во кафе бар на улица „Иван Хаџи Николов“ во Скопје, додека сопственикот Д.С. седел со лицето А.П, дошле пријавените Е.Р. и А.Т. и физички ги нападнале, при што на Д.С. и на А.П. им се нанесени и повреди со нож во пределот на градниот кош. Нападнатите се здобиле со тешки телесни повреди, по што се пренесени во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде им била укажана лекарска помош. По настанот, сторителите биле приведени и задржани во полициска станица.

На 09.10.2018 година во 10.55 часот на крстосницата од улиците „21-ва“ и „Васко Карангелески“ во Битола се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „Опел Астра“ со битолски регистaрски ознаки, сопственост на МВР на РМ, управувано од С.М.(47) и мотоцикл „Трува“ со битолски регистарски ознаки, управуван од П.Т.(57) од Битола. Во незгодата П.Т. се здобил со тешки телесни повреди по што бил пренесен во Клиничката болница во Битола. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа на СВР Битола и се работи на целосно расчистување на случајот.