Извадок на дел од дневните настани 14.09.2018

 

На 13.09.2018 година во 21.00 часот во Полициската станица Гази Баба, Ф.М.(25) од Скопје пријави дека на 11.09.2018 година во 10.00 часот, од непознати причини, од дома во непознат правец се оддалечила неговата сопруга А.Д.(27) од Скопје. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

           

На 13.09.2018 година полициски службеници од СВР Куманово од слобода ги лишиле лицата С.М.(45) и С.М.(66), двајцата од с.Руница, општина Липково. За С.М.(45) билa распишанa меѓународнa потерницa за издржување казна затвор од вкупно 12 години за сторени кривични дела: „убиство во обид“и „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“. Тој бил спроведен во Казнено-поправната установа Идризово. За С.М. (66) била распишана меѓународна потерница за издржување казна затвор од три години за сторено кривично дело „убиство во обид“ и тој бил спроведен во Казнено-поправната установа Кшање.

 

Во текот на вчерашниот ден (13.09.2018) на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје се случиле вкупно 10 сообраќајни незгоди од кои четири со лесни телесни повреди и шест со материјална штета. Во сообраќајните незгоди пет лица се здобиле со телесни повреди. Од преземените мерки и активности констатирано е дека 62 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената. Од сообраќај се исклучени 13 возачи од кои: шест возачи поради тоа што управувале моторно возило под дејство на алкохол, пет возачи управувале возила без да се стекнат со право за управување на моторно возило и двајца возачи затоа што биле возачи-почетници. Исто така исклучени од сообраќај се и седум возила бидејќи биле нерегистрирани. Санкционирани се четири возачи поради поминување на крстосница на црвено светло, по еден возач поради недавање првенство на минување на пешаци и неправилно престројување и пет возачи поради неносење заштитен шлем (кацига). Во однос на пешаците санкционирани се шест пешаци поради поминување коловоз вон пешачки премин. Во текот на изминатиот ден издадени се 80 мандатни платни налози, додека 62 возила се подигнати со специјално возило "пајак".

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кочани поднесе кривична пријава против Б.П.(50) и Б.Ц.(27), двајцата од Кочани, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“ и против М.С.(25) од Кочани поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „потикнување“ во врска со  „фалсификување исправа“. Б.П. и Б.Ц. изготвиле лажен договор за купопродажба на патничко возило, кое претходно М.С. го увезол од Република Бугарија. Ваквиот договор, заедно со  потврдата за пријавен престој во странство на име на Б.Ц., ги приложиле во Бирото за метрологија при Министерството  за економија-Скопје со цел да ја искористат погодноста по член 24 од Законот за возила. После тоа, целокупната документација ја искористиле за добивање согласност за регистрација на возилото, а на 20.06.2016 година во Одделението за управни работи Кочани, третопријавениот М.С. го регистрирал возило на негово име.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава  против З.Ц.(44) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела ,,фалсификување исправа” и ,,употреба на исправа со невистинита содржина”, против Ж.К.(50) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „измама при добивање кредит или друга погодност”,  ,,помагање” во врска со „фалсификување исправа” и  ,,употреба на исправа со невистинита содржина”, против А.А.(40) од село Черкези, кумановско, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела ,,помагање” во врска со „фалсификување исправа” и  ,,употреба на исправа со невистинита содржина” и против Г.А.(39) од село Черкези, кумановско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,помагање” во врска со „фалсификување исправа”. Во октомври 2016 година З.Ц. изготвил два лажни договори за купопродажба на патничко возило „БМВ X5” помеѓу лице од Куманово како продавач и Ж.К. како купувач. Потоа, првопријавениот во име на второпријавениот, ваквиот договор, заедно со  потврдата за пријавен престој во странство на име на второпријавениот, ги приложил во Бирото за метрологија при Министерството  за Економија-Скопје со цел да ја искористи погодноста по член 24 од  Законот за возила. Третопријавениот А.А., со давање на совети и директно учество му помогнал на првопријавениот при постапката за регистрација и продажба на наведеното возило. На 01.11.2016 година во Куманово, четвртопријавениот ги однел кај нотар лажните договори за купопродажба на наведеното возило каде што биле потврдени и заверени.

 

На 13.09.2018 година околу 13.00 часот на автобуска постојка на булевар „Крсте Мисирков“ во Скопје 15-годишно момче од село Арачиново, скопско, физички било нападнато од друг малолетник од Арачиново- ученик во државното средно училиште „Зеф Љуш Марку“.  Додека чекал автобус, 15-годишникот физички бил нападнат и со нож му биле нанесени две убодни рани во пределот на левото рамо и половината. Повреденото момче било пренесено во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ и задржано на понатамошно лекување. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 13.09.2018 година во 13.30 часот во Полициската станица Центар, К.Б.(70) пријавил дека истиот ден во 08.40 часот на улица „11-ти Октомври“, во паркот „Жена Борец“, физички бил нападнат од непознато лице кое било облечено во работна униформа на Јавното претпријатие „Паркови и Зеленило“. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

 

На 13.09.2018 година во 17.10 часот во Секторот за внатрешни работи Скопје, К.С.(35) од Скопје пријавила дека во лимот од настрешницата во дворот удрил испукан проектил непознат калибар, кој направил дупка. Извршен е увид на местото на настанот  и се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

 

На 13.09.2018 година во 10.05 часот во Полициската станица Кочани било пријавено дека при изведување на градежни работи, остранување на метална бодликава жица на улица ,,Теодосија Паунов“ во Кочани, Д.Ј.(43) од Скопје, вработен во фирма од Скопје, се здобил со тешки телесни повреди. По укажаната лекарска помош во Јавната здравствена установа Кочани, тој бил задржан на понатамошно лекување. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од Полициската станица Кочани.

 

На 13.09.2018 година околу 19.00 часот во Полициската станица Неготино, од Итна медицинска помош било пријавено дека во тоалетот во сопствената куќа на улица „Васка Калајџиска“  од родителите бил пронајден починат  М.Т. (26). Увид на местото извршиле Јавен обвинител и екипа од Полициската станица Неготино. По наредба на Јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција.

 

На 12.09.2018 година околу 19.00 часот во Полициската станица Чаир,  од Заводот за рехабилитација на деца и младинци било пријавено дека истиот ден од 16.10 часот до 19.00 часот  штитеник Д.Б.(25) ја напуштил установата. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

 

На 12.09.2018 година било пријавено дека непознат сторител извршил тешка кражба во  продавница за спортска опрема  на улица „Дебарца" во Скопје. Сторителот го искршил стаклото на влезната врата, влегол внатре и одзел повеќе велосипеди. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.

 

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Ч.Р.(20) од Виница поради постоење основи ан сомнение за сторено кривично дело ,,предизвикување општа опасност”. Пријавениот, кој се наоѓа во Казнено-поправната установа Охрид на издржување затворска казна, на  05.08.2018  година во 21.45 часот во КПУ - Затвор Охрид,  од неизгасната цигара предизикал пожар во собата во која бил сместен.