Извадок на дел од дневни настани 09.08.2018

 На 08.08.2018 година околу 08.20 часот на магистралниот пат Охрид–Кичево, на крстосницата за с.Ново Село-с.Црвена Вода, патничко возило „Фолксваген“ со охридски регистарски ознаки, управувано од А.Е. (37) од Струга, во кое се превезувале А.С.З. (36), Џ.З. (32) и четири деца на возраст од 14, пет , три и една година, сите од Шведска, преминал на спротивната коловозна лента и удрил во патничко возило „Цитроен Ксантија“ со охридски регистарски ознаки, управувано од Б.П. (34) од с.Ново Село, општина Дебарца. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобиле возачот на возилото „Цитроен“-Б.П. и сопатничката во возилото „Фолксваген“ - А.С.З., додека со телесни повреди се здобило едногодишното дете. Тие биле задржани на лекување во болницата „Св.Еразмо“. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Охрид.

 

На 08.08.2018 година во 22.40 часот на крстосницата од регионалниот пат Скопје-Хец „Козјак“ и ул.„1“ во с.Батинци, патничко возило „Тојота Јарис“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Н.Н. (22) од Скопје удрило во паркирано товарно возило „МАН“ со скопски регистарски ознаки, паркирано од М.О. (49) од Скопје. По незгодата, Н.Н. со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во приватната здравствена установа „Аџибадем Систина“ каде му биле констатирани тешки телесни повреди и бил задржан на понатамошно лекување. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје.

  

На 08.08.2018 година во 14.20 часот на ул. ,,Иво Лола Рибар“, пред крстосница со ул.,,Поточка“, мотоцикл „Кавасаки“ без регистарски таблици, управуван од Ф.Х. (24) од Тетово, со место на живеење с.Селце, излетал од патот и удрил во жардињери. Од ударот со повреди се здобила сопатничката на мотоциклот, Д.Х. (18) од село Слатино. Таа со друго возило била пренесена во Клинички центар Тетово и по укажаната лекарска помош била задржана за понатамошно лекување. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР Тетово.

 

На 08.08.2018 година во 00.50 часот во Полициската станица Радовиш, Ј.Џ. (45) од с.Калугерица, радовишко, пријавил дека на 07.06.2018 година околу 21.30 часот од домот во непознат правец се оддалечила неговата малолетна 17-годишна ќерка. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

           

На 08.08.2018 година во 13.45 часот во Единицата за информации и команда Скопје, Д.Ф. (64) од с.Инџиково, скопско, пријавил дека истиот ден околу 13.20 часот, најверојатно  од страна на непознат сторител бил предизвикан пожар на  околу 1500 бали детелина и слама во дворното место од неговата куќа во с.Инџиково. Пожарот се проширил и на другата локација каде била опожарена слама. Повредени лица нема, а причинета е материјална штета. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 08.08.2018 година околу 19.35 часот во куќата сопственост на С.С. (58) на ул.„Лавчански пат“ во Битола, кој живеел сам, избувнал пожар. Пожарот настанал во една од собите и во тој момент С.С. бил во куќата. Од страна на екипа од Територијалната противпожарна единица Битола пожарот бил изгаснат. Во обид да го гаси пожарот, С.С. се здобил со повреди по што бил пренесен во Клиничкатра болница Битола. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

 

Во текот на вчерашниот ден (08.08.2018 година) на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје се случиле вкупно 14 сообраќајни незгоди од кои една со тешки телесни повреди, седум со лесни телесни повреди и шест со материјална штета. Во сообраќајните незгоди едно лице се здобило со тешки телесни повреди, а 10 лица со лесни телесни повреди. Од преземените мерки и активности констатирано е дека 24 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената. Од сообраќај се исклучени 23 возачи од кои: еден возач поради тоа што управувал моторно возило под дејство на алкохол, 19 возачи управувале возила без да се стекнат со право за управување на моторно возило и тројца возачи затоа што биле возачи-почетници. Исто така исклучени од сообраќај се и 14 возила бидејќи биле нерегистрирани. Во текот на изминатиот ден издадени се 97 мандатни платни налози, додека 59 возила се подигнати со специјално возило "пајак". 

На 08.08.2018 година во 15.45 часот во Пoлициската станица Охрид, било пријавено дека во пекара на ул. „Гоце Делчев“ во Охрид, по вербална расправија, настанала и физичка пресметка помеѓу лицата О.М. (27) од Прилеп, со престојувалиште во Охрид,  и Д.Д. (39) од Радовиш, со престојувалиште во Охрид. Притоа, О.М. се заканувал со дрво , а Д.Д. со нож. Во еден момент О.М. со десната рака го фатил сечивото од ножот и се здобил со тешки телесни повреди. Тој бил пренесен во болницата „Св.Еразмо“ каде бил задржан на лекување.

 

На 08.08.2018 година околу 15.35 часот во с.Дебреше, гостиварско, во куќата сопственост на Ш.С. (50), починал А.Т. (70) од Република Турција. Од лекар при Медицинскиот центар Гостивар била констатирана смрт. По наредба на Јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Тетово.

 

На 08.08.2018 година во 22.00 часот од страна на патролен тим од Полициска станица за Граничен надзор и Граничен премин „Богородица“ во Негорски Бањи пронајдени биле четири 4 лица (едно од Алжир, едно од Либија и две лица од Сирија) со нелегален престој во Република Македонија. По извршениот преглед, кај едно од лицата бил пронајден паричник со лична карта, возачка дозвола и возачка книшка, сите на име Р.Т., македонски државјанин. Во разговор тие појасниле дека на 08.08.2018 година имале договор со непознато лице за транспорт од Гевгелија кон Скопје за сума од 140 евра. Околу 21.00 часот со патничко возило „Ауди“ се упатиле кон Скопје. Во моментот кога од нив побарал да го напуштат возилото, во згодна прилика му го одзеле паричникот. Се работи за лицето Р.Т. (37) од с.Фурка, општина Дојран. На 09.08.2018 година во 00.05 часот лицето било пронајдено и лишено од слобода. По целосно документирање на случајот, против Р.Т. ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 08.08.2018 година околу 22.10 часот во СВР Штип, А.А. (48) од с.Милино пријавил дека со нож бил прободен во пределот на стомакот од страна на неговата сопруга Е.А.. Тој бил пренесен во Медицинскиот центар Велес каде му била извршена хируршка интервенција. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.

 

На 08.08.2018 година во 14.50 часот, вработен во националниот парк „Галичица“ пријавил дека под врвот „Баба“ на планината Галичица забележал параглајдерист кој паднал на карпа. Полициски службеници излегле на местото и го пронашле лицето О.В.(37) од Украина, кој бил во контактибилна состојба. Во разговор тој изјавил дека во непосредна близина на превојот на место викано „Баба“ паднал и се здобил со повреда на зглобот од десната нога и во пределот на половината. Од страна на планинската спасувачка служба од Охрид лицето било извлечено, а од екипа на Итна медицџинска помош било пренесено во болницата „Св.Еразмо“-Охрид каде му биле констатирани тешки телесни повреди и бил задржан на лекување надвор од животна опасност. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Охрид.

 

Полициската станица од Струга презема мерки за пронаоѓање на лице кое вчера во 16.40 часот, управувајќи скутер во водите на Охридското езеро кај населбата „Езерски лозја“, го повредило лицето Р.Д. (50) од струшкото село Ливада. Според пријавата, Р.Д. пливал на околу 500 метри оддалеченост од брегот кај населбата „Езерски лозја“ кога бил удрен од скутер. Возачот на скутерот веднаш заминал и не му пружил помош на повредениот. Тој, со помош на друго лице бил пренесен во Општата болница во Струга.

 

На 09.08.2018 година во 03.40 часот во дискотека во Градски парк бил нарушен Јавниот ре д и мир со тепачка помеѓу лицата Д.П. (22) од Скопје од една страна и лицата Т.Д. (21), Р.А. (26) и С.Т. (26), сите од Куманово, од друга страна. Сите учесници во тепачката се здобиле со повреди по лицето. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

 

На 08.08.2018 година во 22.10 часот во Полициската станица Карпош, Н.И. (37) од Скопје пријавил дека истиот ден околу 20.30 часот на ул. „Разловечко Востание“ неговиот малолетен син бил нападнат од куче скитник и бил каснат на десната надлактица.  

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кавадарци поднесе кривична пријава против Г.С. (37) од Кавадарци поради постоење основи на сомнение  за сторено кривично дело „убиство во обид“. На 07.08.2018 година околу 14.00 часот во дворот од својот дом на улица „Браќа Досеви“ во Кавадарци пријавениот со нож му нанел неколку исеченици во пределот на градниот кош и левиот рачен зглоб. Од страна на судија на претходна постапка на пријавениот му е определена мерка притвор во траење од 30 дена.  

 

СВР Скопје поднесе кривична пријава против 16-годишник од Скопје поради постоење основи на сомнение  за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“. На 13.07.2018 година околу 23.45 часот во Скопје, на булевар „Партизански Одреди“, при легитимирање на лица, полициски службеник бил физички нападнат од страна на пријавениот и други непознати лица, при што се здобил повреди на главата.

 

СВР Скопје поднесе кривична пријава против С.Р. (31) од село Глумово, скопско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“. На 06.06.2018 година околу 12.15 часот во Скопје, на улица „Ѓорче Петров“, пријавениот најпрвин вербално ги омаловажувал полициските службеници, по што и физички го нападнал полицискиот службеник кој го легитимирал. СВР Куманово поднесе кривична пријава Г.Т.(46) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „поттикнување“ и продолжено кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина“ и против З.К. (52) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и продолжено кривично дело „фалсификување исправа“. Во текот на 2007 година првопријавениот Г.Т., инспектор во СВР Куманово, стапил во контакт со второпријавениот З.К., кој работел како референт за студентски прашања на Педагошки Факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје и го поттикнал да му обезбеди Уверение  за завршен факултет.  З.К. го запишал Г.Т. како студент на дообразование, а потоа без да ги полага испитите, му изготвил фалсификувано Уверение за завршен VII/1 степен образование со стручен назив „Дипломиран професор за предучилишно воспитание“. По ова, првопријавениот, фалсификуваното уверение го употребил во правниот сообраќај и премолчувајќи го незаконски стекнатото високо образование, од 23.01.2009 година бил распореден на работно место со утврдено високо образование - раководител на смена во Полициско одделение за Граничен премин Пелинце, по што продолжил со напредување во службите на МВР. На овој начин пријавените нанела штета на Буџетот на Република Македонија и на Државниот универзитет.

 

Полициската стница Радовиш поднесе кривични пријави против Г.А. (36) од с. Сушево, струмичко, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „перење пари и други приноси од казниво дело“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“,  против М.Ц. (55) од Кочани поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина“ во врска со „помагање“,  против А.П. (28) и Б.П. (50), двајцата од   Кочани,  поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина“ и против И.Т. (50) од Скопје, вработен во Бирото за метрологија; правното лице „Центар за возила ЦВС“ Дооел Струмица, Л.Б.Н. (44) од Струмица, управител во Центар за возила ЦВС ДООЕЛ Струмица и С.А. (52) од с.Раклиш, радовишко, вработен во МВР на РМ - Отсек за управни работи во Радовиш, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“. На 25.02.2014 година во Република Словенија, првопријавениот Г.А. купил моторно возило „Фолксваген Шаран“. На 24.10.2016 година тој го увезол во Република Македонија на име на второпријавениот М.Ц., иако возилото не ги исполнувало законски предвидените „ЕУРО“ стандарди за да се регистрира. Потоа, во управната постапка, како доказ во Центар за возила Струмица употребил Потврда за отворање на постапка за идентификација со генералии на второпријавениот, без да бидат исполнети условите предвидени со Законот за возила, односно Уверението се однесувало за второпријавениот со пријавено место на живеење во Италија, а предметното возило било купено и увезено од Словенија. Откако на овој начин ја добил согласноста за регистрација и стекнување на имот, првопријавениот го продал на лице од село Чанаклија за цена од 2.000 евра. На 06.04.2016 година, второпријавениот за сметка на првопријавениот до Бирото за метрологија поднел „Барање за издавање на потврда за идентификација“, со наводи дека го купил возилото во Словенија како повратник од Италија, со цел од Бирото за метрологија да добие „Потврда за идентификација“. Трето и четврто пријавените, како посредници на второпријавениот, а за сметка на првопријавениот, прибавиле нотарски преписи на фотокопија од фиктивен купопродажен договор и таа документација била употребена во правниот сообраќај како прилог кон документација за регистрација на моторното возило. Петтопријавенот И.Т., вработен во Бирото за метрологија, не извршил должен надзор при увидот на доставената документација, по што пријавеното правно лице издало Согласност за регистрација, иако било очигледно дека станува збор за две физички лица. Осмопријавениот како референт во постапката за регистрација пропуштил да преземе соодветни дејствија, при што извршил регистрирање на возило на име на првопријавениот.