Извадок на дел од дневни настани 08.08.2018

 На 08.08.2018 година во 05.00 часот на ул. „Алексо Демниевски“ во Велес  В.Н.(19) од Велес додека управувал мопед „Априлија“ со велешки регистарски таблици на коловозот паднал 17-годишен сопатник од мопедот. По незгодата, со возило на итна медицинска помош тој бил пренесен во Општата болница во Велес каде му биле констатирани тешки телесни повреди и бил задржан на понатамошно лекување.  Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР-Велес и се работи на целосно расчистување на случајот.

 

На 07.08.2018 година околу 21.30 часот во с.Прждево, Демир Капија, избувнал пожар во млин за пипер. Пожарот бил локализиран од екипа од Територијална противпожарна единица-Неготино. Повредени лица нема. Увид на местото на настанот ќе се врши во текот на денешниот ден.

 

На 07.08.2018 година во 06.40 часот на Граничниот премин Табановце, при пасошка контрола, било констатирано дека лицето З.Ј. (23) од с.Слупчане, општина Липково, се наоѓа на „стоп листа“ за издржување казна затвор. Тој бил приведен и предаден на полициски служеници од СВР Куманово за понатамошна постапка.

 

На 07.08.2018 година во 11.45 часот на Граничниот премин „Меѓународен Аеродром Скопје“, при пасошка контрола, било констатирано дека лицето С.Џ.(39) од с.Арачиново, скопско, се наоѓа на листата со мерка „Апси“. Лицето било приведено и предадено на полициски службеници за понатамошна постапкпа.

 

Во текот на изминатиот ден (07.08.2018) на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје се случиле вкупно 18 сообраќајни незгоди од кои осум со лесни телесни повреди и 10 со материјална штета. Во сообраќајните незгоди девет лица се здобиле со лесни телесни повреди. Од преземените мерки и активности констатирано е дека 51 возач управувале возила со брзина поголема од дозволената. Од сообраќај се исклучени 16 возачи од кои: тројца возачи поради тоа што управувале моторно возило под дејство на алкохол, 11 возачи затоа што управувале возила без да се стекнат со право за управување на моторно возило и двајца возачи затоа што биле возачи-почетници. Исто така исклучени од сообраќај биле и 12 возила затоа што биле нерегистрирани. Во текот на изминатте денови издадени се 129 мандатни платни налози, додека 54 возила се подигнати со специјално возило "пајак".

 На 07.08.2018 година во 15,00 часот во Пoлициската станица Кавадарци, од Итна медицинска помош Кавадарци било пријавено дека на улицата „Тиквешко Востание“ било земено лицето Ј.М. (25) од Кавадарци со убодни рани од остар предмет. Тој бил пренесен во Јавната здравствена установа Кавадарци каде му биле констатирани тешки телесни повреди и поради сериозноста на повредите бил префрлен во Ургентен центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“-Скопје. Повредите му биле нанесени од лицето Г.С. (38) од Кавадарци. Г.С. бил приведен во Полициската станица Кавадарци и се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
 

На 07.08.2018 година во 17.15 часот на регионалниот пат Тетово-село Сиричино, кај воениот склад „Еребино“, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „Опел Корса“ со тетовски регистарски таблици, управувано од А.Н. (35) од с.Калник и патничко возило „Голф“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од А.Ш. (24) од с.Шемшово. Притоа, на повреди се пожалиле возачот на возилото „Голф“ А.Ш. и неговите сопатници А.А. (27) од с.Шемшово, А.Љ. (22) од с.Шемшово и А.Н. (35) од с.Г.Палчиште. Со друго возило тие биле пренесени во клиничка болница Тетово каде им била укажана лекарска помош. Поради карактерот на повредите возачот бил задржан на лекување, додека сопатниците, по укажаната помош, биле пуштени на домашно лекување. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Тетово и се работи на целосно расчистување на случајот.

 

На 07.08.2018 година околу 22,00 часот во населбата Фазанерија 2 во Гостивар настанала физичка пресметка помеѓу две групи, семејството на И.П. и нивните пријатели и семејството на А.Б. и нивните пријатели. Во тепачката биле користени разни предмети од двете страни. Во тепачката со телесни повреди се здобиле лицата Б.Е. (33) од Тетово, И.Б. (27) од Гостивар, А.Б. (34) од Гостивар, Е.П. (32) од Гостивар, Е.П. (22) од Гостивар, М.П. (49) од Гостивар и Е.Н. (18) од Гостивар. Додека со тешки телесни повреди се здобило лицето Б.Ф. (26) с.Теарце, тетовско. Тој, по укажаната помош во гостиварската болница, а поради сериозноста на повредите, бил пренесен во комплексот клиники „Мајка Тереза“. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

                                          

На 07.08.2018 година во 17,00 часот во Центарот за известување и команда Тетово било пријавено дека во селото Дебреше, за време на одржување на семејна веселба, во куќата на лицето А.Б. (54), дошло до нарушување на јавниот ред и мир со пукање од огнено оружје. Полициски службеници излегле на местото на настанот во куќата на А.Б. и дознале дека нарушувањето било извршено од страна на лицето Н.А. (53) од село Сенокос. Тој испукал неколку куршуми со гасен-сигнален пиштол „Екол Арас“калибар 9мм. На местото не биле пронајдени чаури, а Н.А. бил приведено за понатамошна постапка. Гасниот пиштол му бил одземен со потврда. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 07.08.2018 година во 21,30 часот во Полициската станица Карпош, Ч.Г. (49) од Скопје пријавил дека на 05.08.2018 година во 15.00 часот од домот во непознат правец се оддалечил С.Г. (18). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

 

На 07.08.2018 година во 11.30 часот во Полициската станица Карпош, У.Ш. (42) од Скопје пријавил дека во периодот од 07,15 часот на 06.08. до 07,15 часот на 07.08.2018 година, на улицата „Скупи“ било одземено неговото патничко возило „Фолксваген Пасат“ со скопски регистарски ознаки. Сторителот влегол во незаклученото возило, го стартувал со клучот кој бил на бравата и заминал во непознат правец. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот, возилото и за елосно расчистување на случајот.

 

На 07.08.2018 година во 14,10 часот во Полициската станица Центар, Л.М. (23) од Скопје пријавил дека истиот ден околу 12,00 часот на плоштадот „Филип Втори“, додека се движел со велосипед, бил нападнат поголема група кучиња- скитници, при што едно од нив го каснало за десната потколеница.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Прилеп поднесе кривична пријава против С.Р.(22) и Р.Р.(47), двајцата од Прилеп, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 02.05.2018 година во Прилеп, на улицата „Александар Македонски“, по вербална расправија, пријавените физички го нападнале З.З. (38) и му нанеле тешки телесни повреди.

 

Секторот за внатрешни работи Скопје поднесе кривична пријава против А.А.(32) и А.А.(23), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 09.06.2018 година околу 01.30 часот на ул. „Кеј Димитар Влахов“, пријавените физички го нападнале Б.Ш. (45).

 

Секторот за внатрешни работи Скопје поднесе кривична пријава против Х.Д.(39) од Скопје  поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 14.06.2018 година околу 13.40 часот на автобуска постојка во с.Арачиново пријавениот физички го нападнал Џ.Ш.(33) од с. Арачиново и му нанел телесни повреди.

Секторот за внатрешни работи Скопје поднесе кривична пријава против Н.Т. 22) и Д.Т.(32), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „насилство“. На 01.05.2018 година околу 22.00 часот во Скопје, во населба Бутел, на улицата „Приштинска“, пријавените по вербална расправија физички го нападнале оштетениот и му нанеле телесни повреди .

 

Секторот за внатрешни работи Скопје поднесе кривична пријава против Н.А.(19) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“. На 15.05.2018 година околу 15.10 часот во Скопје на улицата „Његошева“, при интервенција на полициски службеници поради нарушување на јавниот ред и мир, пријавениот одбивал да се легитимира, упатувал навредливи и вулгарни зборови кон полициските службеници и физички нападнал еден полициски службеник. 

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против А.Т.(22), Н.М.(21), И.Ј.(20), М.С.(19) и уште едно лице на возраст од 17 години, сите од Гостивар, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „противправно лишување од слобода“. На 12.07.2018 година околу 22.00 часот во Гостивар, на ул. „Гоце Делчев“, додека Ф.А. (24) бил на гости во станот на М.С., пријавените физички го нападнале, а потоа го малтретирале и го држеле заклучен во станот се додека забележале дека му се влошува здавствената состојбата, по што го ослободиле. 

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против С.С.(30) од с.Долно Косоврасти, гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „послужување“ и „проневера во службата“. Во периодот од ноември 2016 до јануари 2017 година, пријавениот додека бил вработен во правно лице во село Јанче, во повеќе наврати земал пари од дневниот промет и ги користел за лични потреби, а не за подмирување на побарувањата од хотелот. Исто така, повикувајќи се на набавки на производи за потребите на хотелот, преку книговодителот, префрлил парични стредства во износ од 67.190 денари на трансакциски сметки на негови пријатели, кои претходно ги уверил дека неговата сметка не е во ред, по што ги земал парични средства и ги трошел за негови потреби. Во ноември 2016 година, наведувајќи дека трансакциската сметка на хотелот била блокирана, пријавениот направил три договори за цесија, на кои го фалсификувал потписот на управителот и навел сопственик на туристичка агенција за извршените услуги во хотелот на неговата трансакциска сметка да префрли парични средства во износ од 90.160 денари, кои ги подигнал од сметката и ги трошел за свои потреби. На овој начин пријавениот предизвикал штета на правното лице во износ од околу 212.350 денари.

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во МВР, до Основното јавно обвинителство Куманово, поднесе кривична пријава против З.С. - вработен во Регионален центар за гранични работи Север поради постоење основи на сомнение за сторено крвично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, казниво по член 353 од Кривичниот законик на Република Македонија. Пријавениот, во својство на одговорен полициски службеник, постапил спротивно на процедурите за привремено одземени предмети- телефонски апарат од приведено лице-мигрант . Издал наредба да се изготви фиктивна потврда за вратени предмети. Против него е поведена и постапка за утврдување на дисциплинска одговорност