Извадок на дел од дневните настани 17.05.2017

На 16.05.2017 година во 17.55 часот во СВР Куманово,  И.П. (31) од н.Јане Сандански пријавил дека истиот ден околу 17.50 часот непознат сторител со ПМВ „Фолксваген Поло“ со кумановски регистарски ознаки со многу голема брзина ќе прегазел дете, при што пријавителот изреагирал и му викнал. Во тој момент возачот со возилото наназад тргнал кон И.П., при што го удрил во пределот на стомакот, го турнал на земја и го притиснал со возилото до бетонска ограда. После тоа излегол од возилото, ги собрал скршените делови од возилото и си заминал од местото. Во 19.00 часот во СВР Куманово дошол возачот на возилото, Е.П. (27) од нас.  Јане Сандански и сам се пријавил. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 16.05.2017 година околу 18.00 часот во с.Ново село, демирхисарско, Б.М. (48), местејќи антена на кровот од семејната куќа, се лизнал и паднал при што се здобил со тешки телесни повреди. Истиот со возило бил однесен во Клиничка болница Битола каде била констатирана смрт. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 16.05.2017 година во 06.45 часот во Неготино, на крстосницата од ул. „Партизанска“ и ул.„Блажо Јанушев“, се случила сообраќајна незгода помеѓу ПМВ „Застава 128“ со велешки регистарски ознаки, управувано од Л.Т. (79) од Неготино и мотоцикл „Skygo“ без регистарски ознаки, управуван од И.Д. (50) од с.Тимјаник, неготинско. Во незгодата возачот на мотоциклот се здобил со тешки телесни повреди и по укажаната лекарска помош во Медицински центар Велес е префрлен во Ургентен центар Скопје. Увид на местото на настанот извршила екипа од ПС Неготино.

На 16.05.2017 година во 21.00 часот во Скопје, на ул. „Јадранска Магистрала“, се  случила сообраќајна незгода помеѓу  ПМВ „Фиат Пунто“ со скопски регистарски ознаки, управувано од К.Г. (27) од Скопје и ПМВ „Пасат“ со скопски регистарски ознаки, управувано од А.Д. (51) од Скопје.  Во незгодата со повреди се здобиле  К.Г. и А.Д, како и сопатничката во ПМВ „Фиат Пунто“ А.С.(39) од Скопје. К.Г. и А.С со друго возило биле пренесени во ГОБ „8-ми Септември“ каде им биле констатирани тешки телесни повреди и биле задржани во болница за понатамошно лекување. А.Д. со друго возило бил пренесен во ГОБ „Св.Наум Охридски“ и од страна на лекар му биле  констатирани телесни повреди по што бил пуштен на домашно лекување. Увид на местото на настанот извршила екипа на СВР Скопје.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против 16-годишник  од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“. На 24.03.2017 година околу 13.30 часот пријавениот отишол во училишниот двор на С.У.Г.С „Раде Јовчевски Корчагин“ Скопје  и физички нападнал друг 16-годишник од Скопје, удирајќи го со нозе и тупанци по главата и телото, кој од нападот се здобил со тешки телесни повреди.

СВР Струмица поднесе кривична пријава против Л.Б. (26) од с.Баница, струмичко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело  „противправно лишување од слобода“. Пријавената во својот дом во с.Баница и ја земала патната исправа на Р.А. (22) од Република Турција и не и дозволувала да си оди за Република Турција.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против С.А. (51) од Скопје поради постоење основи на  сомнение за сторено кривично дело „кражба“. Во периодот од 17 до 19 Јануари 2017 година пријавената од куќа лоцирана на ул. „Среќко Пужалка“  во Скопје, сопственост на М.С. (60), каде чистела, го искористила пристапот во сите соби низ куќата и одзела несесер во кој имало златен и друг разновиден накит со што се стекнала со противправна имотна корист од 153.000 денари.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Д.Д. (30) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба“ и „тешка кражба во обид“. Во периодот од 25.03 до 14.04.2017 година на паркинг просторот во комплекс Св.Наум и на паркинг просторот на Музеј  на вода пријавениот со употреба на подесен алат и физичка сила извршил тешки кражби во пет патнички возила (една во обид) и минибус, од каде противправно одзел парични средства, мобилни телефони, камери, фотоапарат  и други предмети.

ПС Прилеп поднесе кривична пријава против М.Ј. (18), В.П (18) и против пет малолетници поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дела „тешка кражба“ и „тешка кражба во обид“. Во периодот од Октомври 2016 година до Април 2017 година пријавените извршиле 25 тешки кражби и тешки кражби во обид од моторни возила на подрачјето на град Прилеп, при што најчесто од возилата противправно одземале акумулатори.

СВР  Велес поднесе кривична пријава против И.Ј. (35) од с.Пепелиште, неготинско, началник на НК за КР Неготино, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“. Пријавениот, со пропуштање на должниот надзор, несовесно постапил во рамките на своите овластувања и должности како Претседател на комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност при СВР Велес и не донел решенија во законски утврдените рокови, со што настанало застарување на поведените предлози за дисциплински постапки. Имено, пријавениот со Решение на Министерот за внатрешни работи е назначен за Претседател на комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност при СВР Велес и истиот на  25.10.2016 година, со записник за предавање,  од претходниот претседател на комисијата примил вкупно осум предмети за постапување. За три предмети пријавениот закажал и одржал расправа на комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност, по што од страна на комисијата биле поднесени и Предлози за донесување мерка до Одделот за заеднички работи при МВР на РМ. При постапување по предметот, МВР на РМ констатирало дека во трите наведени случаи настапила апсолутна застареност за донесување на соодветно решение во дисциплинска постапка, од причина што субјективниот рок за донесување на соодветно решение од шест месеца веќе бил изминат.

СВР  Велес поднесе кривична пријава против Д.Т. (44) од Велес поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „затајување“. Во текот на 2016 година пријавената, извршувајќи  работни задачи како благајник во ЈКП „Дервен“, дел од паричните средства од наплата на сметки на граѓани не ги прикажувала и раскнижувала, а дел од паричните средства во благајна ги присвојувала за себе со што го оштетила ЈКП „Дервен“ за  15.977 денари.

ПС Свети Николе поднесе кривична пријава против Ј.Н. (27) од Свети Николе поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги , психотропни супстанци и прекурсори“. На 27.02.2017 на регионален пат Скопје - Свети Николе, кај м.в. Продски Ливади, атар на с.Преод, светиниколско, при контрола на ПМВ „Алфа ромео“ со бугарски регистарски ознаки во кое се превезувал пријавениот, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот при што во десниот ракав од блузонот пронашле и одзеле 2,55 грама хероин и 2,13 грама мешавина од кофеин и парацетамол, кој ги набавил од непознато лице од Скопје за 3.000 денари.

ПС Гостивар поднесе кривична пријава против М.Ј. (21) од с.Горно Палчиште, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 12.02.2017 година околу 21.15 часот, на ул. „Браќа Гиноски“ во Гостивар,  од страна на полициски службеници била затекната пријавената, која откако ги забележала фрлила завиткана кесичка со 2,77 грама  марихуана.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против С.Р. (49) од с. Чифлик, тетовско,  поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „недозволено изработување држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 05.08.2016 година во 12.20 часот на на ГП Аеродром „Александар Велики“, по извршена контрола во неговиот багаж, пронајден и одземен е куршум калибар 7.62 мм.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против С.Х. (45) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „мачење животни“. На 29.04.2017 година во 18.30 часот на ул.„Пиринска“ во близина на угостителски објект, откако претходно таткото на пријавениот се пожалил дека е каснат од куче, истиот од неговиот двор земал мала секира и метална шипка излегол надвор и откако го забележал, му се доближил на кучето и му задал еден удар со секира и повеќе удари со метална пречка во пределот на главата и од ударите го повредил кучето, го изложил на непотребни маки и нанесени болки кои резултирале со последица смрт.

РЦ за ГР Запад поднесе кривична пријава против К.Р. (51) од Р.Албанија поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување на исправа”. На 15.04.2017  година околу 12.30 часот на ГП „Ќафасан“ од страна на полициски службеници бил  извршен детален преглед на ПМВ „Мерцедес E 200“, сопственост на пријавениот. Од извршената контрола и прелеминарна анализа на возилото било констатирано дека е извршен фалсификат на бројот на шасијата, односно делот со втиснатиот број потекнува од друго возило.

РЦ за ГР Запад поднесе кривична пријава против Г.Д. (28) од с.Радолишта, струшко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување на исправа”. На 03.04.2017 година  во  08.43  часот  на  ГП „Ќафасан“ била извршена контрола на ПМВ „Мерцедес  С 250“, сопственост на пријавениот. Од извршената детална контрола врз возилото констатирано било дека има  несовпаѓање на идентификационите ознаки на возилото со тие во сообраќајната дозвола, при што е констатирано дека  бројот не е оригинален, односно дека  делот со втиснат број потекнува од друго возило.