Извадок од дневните настани 15.05.2017

На 14.05.2017 година околу 16.10 часот во Штип, додека Г.Ш. (65) од Штип се движела пеш по ул.„Вардарска“, била пресретната од страна на непознато лице. Истиот ја повлекол за чантата која ја носела на десното рамо, при што влечејќи ја турнал на земја, а потоа и ја одзел чантата во која имала 400 евра, 600 денари  и златник, по што побегнал во непознат правец. Од страна на Итна медицинска помош,  Г.Ш. била пренесена во Клиничка болница Штип, каде што и била констатирана тешка телесна повреда. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.

На 14.05.2017 година во 14.30 часот во ПС Ѓорче Петров, М.Р. (47) од Скопје пријавила дека на 10.05.2017 година во попладневните часови ученик од основно училиште во нас.Ѓорче Петров го пресретнал нејзиниот десетгодишен син, насилно го однел во внатрешниот дел од напуштена детска градинка, го соблекол и извршил блудни дејствија врз него. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 14.05.2017 година околу 14.15 часот во с.Кондово, скопско, во врска со случена сообраќајна незгода пред неколку месеци,  две лица од с.Кондово го пресретнале Н.М. (31) од с.Кондово, го извадиле од неговото ПМВ „Фолксваген Пасат“ со скопски регистарски ознаки и физички го нападнале со удари со тупаници по целото тело, а потоа со кундак од пиштол и пушка го удирале по глава. Истите му барале пари за судските трошоци за сообраќајната незгода. Н.М.  го пријавил настанот во ПС Ѓорче Петров, по што му била укажана лекарска помош во Градската општа болница каде му биле констатирани телесни повреди. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.  

На 14.05.2017 година околу 12.00 часот во ПО Галате било пријавено дека во с.Галате, гостиварско, во сопствената куќа пронајден бил починат Н.Б. (53), кој живеел сам. Смрт е констатирана од страна на лекар, а увид на местото на настанот извршиле Јавен обвинител и увидна екипа од ПС Гостивар. По наредба на Јавен обвинител над телото на починатиот ќе се врши обдукција. НК КР Гостивар презема мерки за расчистување на случајот.

На 14.05.2017 година околу 13.00 часот во Скопје на ул. „Баница“, О.И. (24) пронашол, на земја помеѓу бараките, еден пиштол непозната марка со футрола, како и неотпакувана хартиена кутија со куршуми непознат калибар. Се преземаат мерки за целсно расчистување на случајот.
    
На 14.05.2017 година во 06.00 часот на патот Битола – ГП „Меџитлија“, во близина на крстосницата кај индустриска зона „Жабени“, К.В. (61) од Република Грција, управувајќи ПМВ „Нисан Примера“ со грчки регистарски ознаки, изгубил контрола над возилото и излетал од коловозот во канал за атмосферска вода. По незгодата на К.В. му била укажана лекарска помош во Клиничка болница Битола, каде му биле констатирани тешки телесни повреди по што бил задржан на понатамошно лекување. Увид на местото на настанот извршила екипа од ПС Битола, а по извршеното алкотестирање над возачот, констатирано било присуство на 1,35 промили алкохол.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Б.Б. (22) и Д.Ј. (22), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,тешка телесна повреда”. На 29.04.2017 година околу 02.30 часот во кафе бар пријавените имале вербална расправија со Ј.М. (24) и С.Б., двајцата од Скопје. После тоа го напуштиле објектот и надвор го чекале Ј.М., каде повторно започнале расправија и физички го нападнале, удирајќи го со раце во пределот на главата, нанесувајќи му тешка телесна повреда.

ПС Радовиш поднесе кривична пријава против А.А. (19) од Радовиш поради постоење основи на сомнение за сторени три кривични дела “одземање на моторно возило“ и едно кривично дело “тешка кражба“. Во период од 26.04. до 30.04.2017 година, пријавениот извршил три кривични дела одземање на моторно возило на штета на М.Д., Б.М. и З.И., сите од Радовиш, на начин што со намера да ги искористи за возење влегол преку незаклучените врати, ги ставил во погон, ги искористил за возење, а потоа ги оставил на различни локации, стекнувајќи се со противправна имотна корист од околу 180.000 денари. Исто така, пријавениот на 29.04.2017 година насилно го скршил стаклото од прозорот на купатилото и влегол во куќата на У.Н. од Радовиш, од каде одзел паричник со 50 евра.

ПС Кичево поднесе кривична пријава против З.С. (36) од с. Извор и С.К. (32) од кичевско поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „незаконит лов“. При контрола извршена на 10.02.2017 година во 23 часот и 30 минути, двајцата пријавени се затекнати во лов на дивеч во ловиштето „Турла“ во кичевското село Прострање. Притоа, кај нив се пронајдени и одземени една ловна пушка марка „ЦЗ“  калибар 16 милиметри без дозвола за поседување, два патрона калибар 16 милиметри и една батериска ламба.